1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Не јас, ЕСЧП кажа чии права се повредени

17 јули 2024

Ако нечии права се ограничени, или ускратени, не сум јас тој кој што суди - вели Мицкоски, и ги посочи 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонската заедница во Бугарија

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски: Не јас, ЕСЧП кажа чии права се повредени Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

И македонскиот премиер Христијан Мицкоски и службениот премиер на Бугарија, Димитар Главчев, изјавија дека завчера разговарале за пожарите во граничната област меѓу двете земји. Координацијата околу противпожарните активности, според Мицкоски, не треба да биде нешто невообичаено, со оглед дека односите меѓу двете земји се релаксирани, искоординирани, двете држави се партнери во НАТО, но како што рече „за некои работи имаме различни гледишта“.

За прашањето што стои на интеграцискиот пат на РСМ, вели дека нема услови за отворање на разговори со актуелната бугарска влада бидејќи таа само технички ја извршува функцијата. Македонскиот премиер во интервју на ТВ Сител повтори дека останува на ставот што и досега го застапувал.

„Позицијата на оваа влада што ја предводам јас e jасна и таа е непромената, не затоа што сме ние инаетливи, туку затоа што некој претходно направил грешка, ги суспендирал опозицијата и парламентот“, посочи Мицкоски.

„Подготвени сме да го решаваме, но не под тие услови, затоа што тоа не е добро. Тоа не го прифаќа македонскиот народ, а мене  граѓаните на Македонија ме плаќаат да работам во нивниот интерес - Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми Бошњаци и останати. Тие се луѓето кои се суверен во оваа држава. Тие велат, 75% (од нив-н.з.) дека таа работа е неприфатлива. И точка. Подготвени сме да разговараме, имаме подготвено свој став и не можам да го прифатам ставот за промена на Уставот за внесување на неколку стотини наши сограѓани кои што за себе велат дека се  дел од бугарската заедница,  овде, кај нас. Која е причината? Зошто тоа да го направиме? (...) Тоа е ултиматум. Не може тоа“, рече Мицкоски. 

Промената на Уставот е внатрешно прашање

Премиерот вчера посочи дека обврска од  преговарачката рамка  се Копанхашките критериуми.

„Ако нечии права се ограничени, или ускратени, не сум јас тој кој што суди, ниту вие, ниту Радев, ниту кој било политичар. Има институција, таа се вика Европски суд за човекови права. Тој вели 14:0, 14 пресуди за  македонската заедница во Бугарија  чии што права очигледно или се ограничени или ги нема, и нула за бугарската заедница во нашата земја“, компарираше Мицкоски.

На забелешката дека спроведувањето на тие пресуди е прашање на Бугарија, Мицкоски праша: А промената на Уставот - чие прашање е?

„Зошто да го прифатиме? Ако е мое прашање, кој има право да ми се меша во моите внатрешни работи (...) И сега ако е услов, треба ние да се обезличиме?  Утре ќе се случи друг услов.  Ќе ви речат дека не било Илинденското востание македонско, туку било Преображенско бугарско, или нема Европска Унија. И треба тоа да го прифатиме?“, реторички праша премиерот.

Службениот премиер на Бугарија Димитар Главчев на самитот во Вашингтон „најмногу разговарал" токму со македонскиот премиер и изразиле исти позиции за потребата од зајакнување на соработката меѓу двете земји, особено во економијата и транспортотФотографија: BGNES

Заемно дејство за пожарите

Тој за ова прашање и за позицијата на земјата за време на престојот во Вашинтгтон разговарал со личности и претставници на влијателни тинк-тенк организации кои го формираат јавното мислење, како и со гувернери, сенатори, советници, поранешни и сегашни влијателни личности.

Од самитот во Вашингтон, службениот премиер на Бугарија рече дека „најмногу разговарал" токму со македонскиот премиер и изразиле исти позиции за потребата од зајакнување на соработката меѓу двете земји, особено во економијата и транспортот. Но нагласи дека тоа не значи оти Софија отстапила од ставот дека  РСМ треба да ги исполни преземените обврски  за да продолжи по  интеграцискиот пат кон ЕУ.

Втората комуникација по Самиот во Вашингтон се случи по повод пожарите во пограничниот регион, кои од македонска територија се шират кон бугарска и обратно.

„Имав комуникација и со премиерот на Северна Македонија, и како резултат на тоа началниците на двете противпожарни служби се влезени во комуникација по повод пожарот во Петрич и во Струмица. Има вземно дејство што е показател дека дејствуваме по сите можни начини“, рече Главчев. 

Како резултат на таа координација вчеравечер граничните власти на Бугарија и Северна Македонија се состанале на граничниот премин Гуешево, потврдил за БНР регионалниот управител на Ќустендил, Александар Пандурски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми