Мицкоски: Нема да има предвремени избори
19 септември 2025
Нема да одиме на предвремени парламентарни избори, бидејќи претставниците на владината коалиција ќе победат на локалните избори на 19 октомври, порача премиерот Христијан Мицкоски на средба со новинарите во Скопје.
„Владата е стабилна и кохерентна, рече Мицкоски, порачувајќи дека имаат мандат од четири години и за тој период планираат да ги реализираат ветените проекти. Предвремените парламентарни избори, според Мицкоски, ќе значат само нивно одложување за најмалку шест месеци.
Премиерот очекува на почетокот на следната година да се придвижат работите во делот на гаранциите дека уставните измени ќе бидат последното барање на нашиот пат кон целосно членство во Европската Унија. По посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на Софија, каде порача дека е крајно време Македонија да добие некакви гаранции дека нема да има нови барања за продолжување на европскиот пат, вели дека имал разговори со него и се согласиле дека уставните измени треба да бидат последното барање на нашиот европски пат и да се добијат некакви гаранции за тоа.
„Притисок од посилна страна“
„За да се реализира тоа треба да има и притисок од некоја од посилна страна. Очекувам придвижување на почетокот на идната година по завршувањето на божиќните и новогодишните празници во делот на давањето гаранција дека уставните измени ќе бидат последното барање од Бугарија“, рече Мицкоски.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани најави дека сите закони кои се во Реформската агенда, откако ќе ги усвои Владата, ќе бидат испратени на контрола во Европската комисија, а потоа да одат во собраниска процедура. „Можеби тоа ќе значи одредено доцнење при нивното носење, но ќе бидеме сигурни дека се во ред“, рече Муртезани.
Нема повисоки плати за судиите и обвинителите
Најголеми забелешки од ЕК има за Кривичниот законик кој претходната влада го донесе со европско знаменце, особено во делот на членот 353. Премиерот Мицкоски вели дека нема да се прифатат сите барања од ЕК во делот на законите, особено нема да се прифати барањето за либерализација на цената на електричната енергија за домаќинствата, бидејќи тоа ќе значи „зголемување на цената за два до три пати особено во првите три години од либерализацијата“.
„Нема да го прифатиме ни барањето за зголемување на средствата за судиите и обвинителите кои во измените на законите бараат за судството да се обезбедат 1,3 отсто од БДП годишно или двојно повеќе отколку што е во моментов. Тоа би значело 100 милиони долари годишно, а за некоја година 250 милиони долари. Лично сметам дека и овие плати што ги земаат во моментов не ги заслужуваат зошто имаат рејтинг од само 2 отсто“, рече Мицкоски.