Мицкоски: Очекувам кампања со шпекулации и подметнувања
12 септември 2025
Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на локалните избори во октомври вели дека очекува кампања во која што ќе изобилуваат „шпекулации, конструкции, подметнувања, невистини од страна на опозицијата“.
Тој во петокот (12.09) најави дека на изборите ќе одат со Коалицијата „Твоја Македонија“, која ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ. „Ова е најголемата коалиција, составена од 25 партии од различен карактер, кои во голема мера го претставуваат колоритот во македонското општество“, порача Мицкоски од пред партиското седиште во Скопје.
Изборите се важни за иднината на државата
Според премиерот, претстојните локални избори се важни за иднината на државата, пред сѐ поради директната надлежност на локалните самоуправи во решавањето на проблемите на граѓаните и затоа не е сеедно каков градоначалник ќе изберат граѓаните.
„Во изминатиот период покажавме и докажавме дека умееме да ги водиме општините без ниту еден скандал и со многу работа. Дополнително, во наредните четири години сите општини ќе ја имаат и поддршката од централната власт, нешто што ќе го докажам и покажам, како во претходната година и половина. Втората причина е што овие избори се околу тоа секој човек во државата да го направи вистинскиот избор... Затоа ќе излеземе со понуда и со луѓе кои ќе бидат гласот на народот во администрацијата и општините и ќе работат за граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој порача дека ќе се борат за чист воздух, управување со отпадот, користење на обновливи извори на енергија и заштита на природата. Но, и оти ќе ги втемелат зелените политики во секоја општина за здравје и поквалитетен живот на граѓаните.