1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски пред конгресот: последен мандат и големи промени

2 декември 2025

Премиерот Христијан Мицкоски најави последна кандидатура за лидер на ВМРО-ДПМНЕ пред конгресот на 6 декември, ветувајќи реформи и стабилност.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски 08.05.2024
ВМРО-ДПМНЕ пред промениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во пресрет на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе се одржи во сабота, 6 декември во Кавадарци, актуелниот лидер Христијан Мицкоски најави дека ова е неговата последна кандидатура за претседател на партијата.

„Нема да барам измени на Статутот и нема да се кандидирам за шеф на државата“, изјави премиерот Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ1. Тој додаде дека очекува третиот мандат да биде период на големи реформи и подобар живот за граѓаните.

Мицкоски ја презеде партијата на почетокот на 2018 година, во време на сложени политички околности за Македонија.

Имам два сина, а ВМРО-ДПМНЕ ми е како трето дете, вели МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Што носи третиот мандат?

„Ако првиот мандат беше време на консолидирање и реструктуирање, вториот донесе убедливи победи на парламентарните и претседателските избори. На крајот од првиот мандат победивме на локалните избори и ја вративме партијата во позиција на најголема политичка сила“, вели Мицкоски.

На конгресот в недела се очекува реизбор на Мицкоски за лидер на партијата. Според актуелниот Статут, кој дозволува три мандати, ова ќе биде неговиот последен четиригодишен период на чело на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имам два сина, а ВМРО-ДПМНЕ ми е како трето дете. Но, ова е мојот последен мандат како претседател, доколку ја добијам поддршката од делегатите. Немам намера да поддржам промена на Статутот за продолжување на мандатите“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски го отвора патот за наследник: Последен мандат и нови предизвици за партијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој ќе биде наследник?

На прашањето дали има фаворит за иден лидер, Мицкоски одговори: „Има време до 2029 година, фокусиран сум на претстојниот конгрес“.

Тој додаде дека амбицијата е добредојдена, но пренагласената амбиција е лоша. „Не калкулирам, но тоа не значи дека нема луѓе кои се гледаат на таа позиција. Тоа е нормално и здраво за партијата“, рече Мицкоски.

Во однос на можноста за промени кај потпретседателите, Мицкоски изјави дека е целосно фокусиран на конгресот и не сака да коментира идни прегрупирања.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми