1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ се откажа од предвремени избори

ДТЗ
20 октомври 2023

Опозицијата, која што тврдеше дека нема да се откаже од вонредни избори, сега бара да учествува во работните групи кои ќе го утврдат датумот за редовните избори. Чекаат сигнал од Талат Џафери

Христијан Мицкоски
Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозицијата се откажува од притисокот за одржување на предвремени избори. Изборите ќе бидат редовни и ВМРО-ДПМНЕ прифаќа да учествува во работните групи коишто ќе треба да го утврдат датумот за одржување на изборите во 2024 година. 

„Еве им признавам дека победија, нема предвремени избори, редовни ќе бидат изборите. Како што ќе каже Ковачевски за датум и ден, само нека се сретнат работните групи и нека разговараат. Што ќе предложат, тоа ќе разговараме“, порача денеска (20.10) лидерот на партијата, Христијан Мицкоски при посетата на Гази Баба. 

Тој смета дека работните групи треба што поскоро да се сретнат, „бидејќи изборите се исклучително важни за иднината на Македонија“. Тврди дека се подготвени да разговараат околу предлозите од СДСМ околу изборите.

„Како што ќе каже Ковачевски за датум и ден така ќе биде“, вели МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Мачо игра“ 

„Димитар Ковачевски води некоја чудна 'мачо' игра, која навистина не ја разбирам. Не знам кој е тој што го советува дека сега е моментот да биде мачо, да каже дека нема предвремени избори, јас велам се нека каже тој. Не сакаше лидерска средба -  добро, сакаше работни групи - во ред прифаќаме работни групи. Сега ја одогловекува целата оваа ситуација, не знам од кои причини. Првиот момент кога од другата страна ќе добиеме сигнал или од Талат Џафери, ние сме подготвени да номинираме претставници, коишто ќе бидат дел од овој процес“, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ укажува дека има проблем со Државната изборна комисија која, според него, не работи согласно законот, бидејќи во моментов работи со шест членови. Согласно Законот, вели тој, јасно е и дефинирана структурата на ДИК - четири члена се на власта, а три члена на опозицијата.

„Ние имаме два члена на опозицијата и што прави власта - опструира номинирање на член од опозицијата“, изјави Мицкоски. Тој апелираше на разум и порача дека прашањето околу изборите и изборот на член на ДИК не е „мачо“ игра, во која што некој треба да покажува колку има силни мускули. 

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ укажува дека има проблем со Државната изборна комисија која, според него, не работи согласно Законот,Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нема преклопување на датуми 

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве беше дециден дека се разговара само за одржување на избори во редовен термин, а не за преклопување на датуми, откако во јавноста дел од партиите започнаа со лицитации за можни термини кога би можеле да се одржат парламентарните и претседателските избори напролет.

Мицкоски предложи вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист ден, односно на 8 мај 2024 години, додека претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифинг со новинарите на почетокот на октомври рече дека нема пречка да се свика лидерска средба доколку има волја од самите лидери на политичките партии. Што се однесува до законските рокови за избори, Џафери најави дека најраниот рок за парламентарни избори е 5 мај, додека за претседателските избори 14 март. За да има редовни заеднички избори, тие мора да се одржат од 5 до 8 мај.

Термините на одржување на редовните претседателски избори, како и за редовните парламентарните избори, според Ковачевски, треба да бидат предмет на дискусија меѓу сите партии, а не само меѓу две. 

„Секогаш Изборниот законик во државата и одржувањето на изборите се прават согласно закон, согласно Устав, согласно мандати. Оваа година имаме карактеристични избори бидејќи имаме и претседателски и парламентарни избори“, рече Ковачевски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми