Мицкоски најавува регионална енергетска иницијатива
25 март 2026
Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско интервју најави формирање регионална иницијатива за здружување инвестиции во енергетиката, која, според него, има потенцијал да привлече неколку милијарди евра.
Во емисијата „Заспиј ако можеш“, Мицкоски говореше за можноста земјите од регионот заеднички да настапуваат во привлекувањето идни енергетски инвестиции, неопходни за задоволување на растечките глобални енергетски потреби. Премиерот се осврна и на своето последно учество на Светскиот економски форум во Давос, каде што на една од панел-дискусиите заеднички настапил со Фатих Бирол од Меѓународната енергетска агенција, американскиот секретар за енергетика и првите луѓе на АЕС и АРАМКО. Главна тема биле идните глобални енергетски предизвици.
Регионален настап за привлекување големи енергетски инвестиции
Според зборовите на Мицкоски, Бирол истакнал дека потребите за електрична енергија ќе растат два и пол пати побргу од вкупните енергетски потреби во следната деценија. Во истиот период, во светот ќе недостигаат околу 40.000 терават-часови инсталиран капацитет, што приближно одговара на моменталните вкупни капацитети на САД, Канада, ЕУ и Јапонија.
Мицкоски вели дека поединечните држави од Западен Балкан тешко би биле забележани како значајни играчи, но како регионален блок можат да привлечат дел од светските инвестициски текови.
Западен Балкан може да привлече дел од светските инвестиции
„Ако успееме да привлечеме само 0,1% од тие 40.000 теравати, тоа се четири теравати нови капацитети“, вели Мицкоски, објаснувајќи дека цената за изградба на еден инсталиран мегават изнесува околу еден милион долари. Тоа, според премиерот, значи потенцијални инвестиции вредни околу четири трилиони долари во следната деценија, или по 400 милијарди годишно.
„Вкупниот БДП на шесте земји од регионот е 250 милијарди долари. А, ние зборуваме само за 0,1% од глобалната потреба“, додаде тој.
Премиерот вели дека веќе разговарал со дел од регионалните лидери и дека на претстојниот состанок ЕУ – Западен Балкан во Подгорица ќе ја отвори темата за формирање регионална иницијатива.
Предлог за формирање иницијатива SECI
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски предложил иницијативата да се брендира како SECI (Skopje Electricity Connectivity Initiative) и првиот состанок да се одржи во Скопје.
Според планот, земјите од регионот би предложиле заеднички проекти, кои би станале дел од регионален „пул“ што ќе им се нуди на странските инвеститори. Би се формирале тимови од секоја држава и би се организирале глобални презентации на потенцијалите за инвестиции.
„Ова е корисно и за Европа, и за нас како регион. Тоа ќе биде политичка порака дека можеме да се обединиме околу повисока цел и да работиме заедно“, заклучи Мицкоски.
Иницијативата доаѓа во време на глобална криза со енергенси предизвикана од геополитичките тензии на Блискиот Исток, кои силно влијаат врз регионалната економија.