1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: ДУИ сака да ја дестабилизира државата

ДТЗ
5 август 2024

Мицкоски очекува тоа да се случи оваа есен. Владата има право да го брани територијалиот суверенитет и интегритет и мирот на граѓаните, порача премиерот.

Христијан Мицкоски
Владата има право да го брани територијалиот суверенитет и интегритет и мирот на граѓаните, порача премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот, Христијан Мицкоски смета дека Демократската унија за интеграција на Али Ахмети претставува закана за мирот и безбедноста на државата. Повикувајќи се на информации добиени од повеќе канали, тој на прес-конференција во Владата рече дека раководството на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создавале во изминатите дваесетина години, ќе преземело чекори за дестабилизација на државата.

„Ние како влада имаме право да го браниме територијалиот суверенитет и интегритет и мирот на граѓаните. Очекуваме тоа да се случи оваа есен, врз основа на информациите коишто ги имаме. Да почекаме времето да даде одговор дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата со косовскиот премиер Албин Курти. 

Девијатно однесување

На прашањето што се смени во ставот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за конструктивноста на ДУИ, откако ги поддржа измените на Законот за Влада, Мицкоски вели секоја конструктивност во насока на подобрување на условите за живот е добредојдена, без разлика за која политичка партија се работи, но, вели дека Владата е должна да ги сподели информациите за „потенцијалното девијантно однесување на групи или политички партии“. 

„Секоја конструктивност во насока на подобрување на условите за живот, на подобрување на стандардот, поддршка во реформскиот процес, поддршка во напредокот на граѓаните е добредојдена од секоја политичка партија. Жалам што и другите политички партии во Собранието, коалицијата предводена од СДСМ и политичката партија Левица, не ги поддржаа овие законски измени, туку само Демократската унија за интеграција. Очекувам во иднина, кога ќе имаме подобри реформски закони кои што значат подобра иднина и подобар стандард на граѓаните, да бидат поддржани од сите политички чинители, не само од ДУИ или пак од коалицијата предводена од СДСМ, или од други политички партија“, вели Мицкоски.

„На крајот од денот ние сме платени од граѓаните и треба да работиме за интересот на граѓаните, но истовремено, кога ќе добиеме информации за потенцијално девијантно однесување на групи, политички партии, ние сме должни да тоа го соопштиме во јавноста. Ако не, не би биле Влада која што ќе ги оправда очекувањето на граѓаните“, додаде премиерот. 

Мицкоски со сознанија за есенско сценарио: ДУИ ќе преземе чекори за дестабилизација на државатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Со какви информации располага Мицкоски?

Тој во интервју за „Фокус“ објавено викендов, рече дека „ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава“. Суштината на ваквите потези, според него, е да се одбрани капиталот стекнат во изминатите 20 години на власт, но не се исклучува и можноста некои групи да бидат несвесно изманипулирани и да го загрозат територијалниот интегритет и суверенитет. 

„Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како Влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава. Но, во суштина, овие пораки се обид грчевито да се брани богатството стекнато изминативе 20 години на власт. И тоа е факт, затоа што демократијата подразбира тој што има мнозинство во парламент да има и влада“, вели Мицкоски, коментирајќи ги иницијативите на ДУИ за принципот „победник со победник“ да влезе во правниот систем и за територијална реорганизација според белгиски модел.

Запрашан дали се очекуваат протести за овие прашања Мицкоски одговори дека има такви информации, но ако истите се мирни и демократски, тие се легитимни. „Ако преминат во насилни, тогаш како Влада имаме право да го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на државата“, потенцираше Мицкоски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми