Мицкоски: Струјата нема да поскапи
6 август 2026
Владата не размислува за зголемување на цената на електричната енергија. Напротив, се прави план за да се најде формула со која цената би се намалила или би се проширила евтината тарифа, порача денеска премиетот Христијан Мицкоски, по случувањата во регионот и нискиот водостој во Дунав, Сава и другите европски реки.
Премиерот смета дека земјата успешно се соочува со актуелните енергетски предизвици. Според него, притисок врз цената на струјата во Европа создаваат повеќе фактори, меѓу кои војната во Заливот, состојбите поврзани со Иран, како и нискиот водостој на реката Дунав, што влијае врз енергетските капацитети во дел од европските земји.
Мицкоски: Акумулациите се полни околу 70 проценти
Одговарајќи на новинарски прашања во Скопје, Мицкоски порача дека политиката на Владата не е да создава паника, туку да работи тивко, со постепени чекори и со цел да се зачува стабилноста на системот и квалитетот на животот на граѓаните.
„Нашите акумулации во овој момент, при крајот на сезоната за наводнување, се околу 70 проценти и имаме речиси 500 гигават-часови акумулирана електрична енергија. Тоа е сосема доволно за да се чувствуваме безбедни и да немаме предизвик во снабдувањето со електрична енергија на граѓаните и на индустријата“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата нема да повикува на штедење, бидејќи навреме биле преземени мерки за стабилно управување со ресурсите. „Среќен сум и задоволен што ја поминавме сезоната за наводнување онака како што планиравме, а сепак, на 6 август, имаме над 70 проценти полни акумулации и подготвени хидроелектрани за производство на електрична енергија“, потенцира премиерот.
Нискиот водостој на Дунав создава притисок врз цената на струјата
Мицкоски се осврна и на состојбата со реката Дунав,која, според него, во одредени делови е на најниско ниво во последните 100 години, а во други делови се приближува до такво ниво.
Тој оцени дека ова има директно влијание врз енергетиката во Европа, особено врз земји како Романија, Чешка, Унгарија, Србија и Бугарија, каде што дел од енергетските капацитети зависат од водостојот, хидропотенцијалот или разладувањето на нуклеарните централи.
„Тоа врши притисок врз цената на електричната енергија. Со обновливи извори може да се произведува енергија, но таа не може целосно да биде базна, дури и кога има инсталирани батерии. Потребна е базна енергија, која во најголема мера ја произведуваат нуклеарните централи, коишто во овој момент се исклучија“, рече Мицкоски.
Според премиерот, цените на берзите се високи, а акумулациите во дел од Европа се речиси празни. Тој додаде дека Северна Македонија успеала да воспостави стратегија и механизам за да се избегне такво сценарио во домашниот електроенергетски систем.
Владата најавува нови инвестиции во енергетиката
Мицкоски потсети дека се реализираат големи капитални проекти во енергетиката, вклучувајќи инвестиции во обновливи извори на енергија. Тој најави дека во втората половина на август се очекува посета на терен, каде што ќе се види развојот на, како што рече, најголемата приватна инвестиција во енергетиката, ветропаркот на компанијата „Алказар“ во општините Штип, Карбинци и Радовиш.
Инвестицијата, според Мицкоски, изнесува половина милијарда долари во три фази. „Во моментот како земја сме безбедни и комотни, но истовремено правиме план за следните 10 години. Предизвиците наследени од минатото се големи, но не очајуваме, туку ги решаваме“, рече премиерот.
Премиерот посочи дека од почетокот на годината земјата се соочила со три големи предизвици, меѓу кои и војната во Заливот и состојбите поврзани со Иран и теснецот, кои, според светските енергетски познавачи, претставуваат сериозен притисок врз глобалната енергетика. Тој истакна дека Владата ја одржала ценовната стабилност и понудила едни од најниските цени на горивата во регионот, што, според него, довело до зголемена потрошувачка поради интересот и од граѓани од соседните земји.
И Министерството за енергетика и АД ЕСМ претходно оценија дека домашниот електроенергетски систем е стабилен и дека моменталната состојба со нискиот водостој на Дунав и сушата во делови од Европа не претставува директен ризик за производството на струја во земјата. Акумулациите се на ниво од околу 70 проценти, хидропотенцијалот се управува според оперативните планови, а институциите најавуваат продолжување на инвестициите во обновливи извори, складирање на енергија и регионална енергетска поврзаност.