1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски во родното место на Черчил: Самит на ЕПЗ

18 јули 2024

Премиерот најави дека на билатерални средби на маргините на Самитот на Европската политичка заедница, ќе ги повтори позициите на владата за она што претставува борба за идентитетот.

Северна Македонија, премиер Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе ги повтори позициите на владата за она што претставува борба за идентитетотФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Енергетиката, економијата, регионалното поврзување на блаканските држави - ова се дел од темите на кои ќе зборува македонскиот премиер Христијан Мицкоски на четвртиот Самит на Европската политичка заедница. Самитот ќе се одржи во историскиот амбиент на палатата Бленхајм во англискиот град Вудсток, родното место на Винстон Черчил, а домаќин е британскиот премиер Кир Стармер.

Мицкоски на Самитот е придружуван од потпретседателот на Владата, Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

„Ќе бидам активно вклучен во настаните коишто ќе се случуваат на Самитот и ќе зборувам за предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави. Мислам дека ќе има многу работи коишто ќе бидат кажани како план и нешто со кое ќе треба тој дел од Европа и светот да се развива во годините што доаѓаат“, рече Мицкоски во видео порака.

Заштита на интересите на македонските граѓани

Премиерот најави дека на маргините на самитот ќе има и неколку билатерални средби.

„На тие средби сакам да ги повторам позициите на македонската влада - она што претставува заштита на интересите на македонските граѓани и она што претставува борба за идентитетот и борба за она што за жал во изминатите години беше загрозено", најави премиерот.

Од Самитот, кој го нарече исклучително заначаен настан за Европа, па и светот, за наредните три дена најави продуктивни настани кои ќе значат дека Македонија се сака со дела.

Мицкоски не најави кои ќе бидат негови соговорници на билатералните средби. Но, по Самитот на НАТО во Вашингтон, ова е втор голем самит на кој тој биде на исто место со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со кој се „разминаа“ во САД. Засега нема најави дека таква средба ќе се случи на маргините на овој самит. Мицотакис таму ќе учествува на тркалезна маса на тема „Одбрана и зачувување на демократијата", заедно со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и други политички претставници. Во Атина има очекувања тој со домаќините да отвори разговори за временски интервал за враќање на скулптурите на Партенон (Елгиновите мермери). Српскиот претседател Алекдсандар Вучиќ веќе најави средба со францускиот претседател Емануел Макрон и со холандскиот премиер Дик Шоф.

Британскиот премиер Кир Стармер е домаќин на самитот на Европската политичка заедницаФотографија: Benjamin Cremel/AP/picture alliance

Креатор на идејата за Европска политичка заедница е францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја претстави како платформа за координација меѓу земјите на EУ и оние што се надвор од Унијата – за поттикнување политички дијалог и соработка со цел решавање на прашања од заеднички интерес, зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа. На критиките дека ЕПЗ е формат кој треба да го продолжи и онака долгиот и напорен процес на пристапување на нови кандидати во Унијата, беше одговарано дека таа платформа им дава можност на европските земји кои не се членки на ЕУ да разговараат со земјите-членки, не како подредени, туку како рамноправни, за проблемите што го засегаат целиот континент.

Генерациски прашања

Првиот самит на ЕПЗ се одржа во Прага во октомври 2022 година и на него присуствуваа претставници на 44 земји, како и на Европската комисија. Следеа самити во Кишињев и Гранада, но без значајни резултати. Се очекува четвртиот самит на ЕПЗ да се осврне на неколку главни проблеми кои го ослабуваат целиот континент: илегалната миграција, дезинформациите, безбедносна соработка и енергетска безбедност.

Денеска на Самитот ќе присуствуваат 47 шефови на држави и влади, а според британското Министерство за надворешни работи, средбата има за цел да им даде можност на лидерите „да разговараат за некои од најитните генерациски прашања со кои се соочува Европа". Лондон ќе го искористи Самитот за да разговара за поблиска соработка за справување со илегалната имиграција и поголема безбедносна соработка. Ќе бидат предочени податоците дека околу 380.000 луѓе илегално влегле во ЕУ оваа година, што е годишен пораст од 17%. Од нив, 41% биле пристигнувања со бродови во централниот Медитеран, 26% преку копнени премини на Балканот и 16% преку источниот Медитеран.

Првиот самит на ЕПЗ се одржа во Прага во октомври 2022 година и на него присуствуваа претставници на 44 земји, како и на Европската комисијаФотографија: David W Cerny/REUTERS

За првпат на денешниот Самит ќе присуствуваат и претставници на НАТО, Организацијата за европска безбедност и соработка и Советот на Европа. На овој самит нема да присуствува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, поради седницата на Европскиот парламент на која со тајно гласање ќе се одлучува дали таа ќе добие и втор мандат на чело на ЕК.

Според аналитичарите, исходот од тоа гласање може да биде една од темите што ќе го апсорбира вниманието на Самитот, како и прашањето колку ЕПЗ е „идеолошки кохерентна платформа" против рускиот авторитаризам, кон политиките на Москва и нејзината агресивна војна во Украина. Според европски медиуми, тоа прашање станува сѐ поактуелно, со оглед на фактот дека унгарскиот премиер Виктор Орбан (кој беше критикуван заради самопрогласената „мировна мисија“ во Москва) треба да биде домаќин на следниот самит на ЕПЗ што ќе се одржи во ноември годинава.

Што мислат младите за Европската политичка заедница?

02:57

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми