1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицотакис до ЕУ: Се прекршува Договорот од Преспа

ДТЗ
28 јуни 2024

Мицотакис е дециден дека ЕУ перспективата на земјата поминува преку почитување на меѓународните договори. За ова тој ги информирал колегите на состанокот на Советот на ЕУ

Кирјакос Мицотакис
Мицотакис ги информираше колегите од ЕУ дека „Северна Македонија го прекршува договорот од Преспа“Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот на Советот на Европската Унија ги информирал своите колеги дека „претседателката и премиерот на Северна Македонија директно го прекршуваат Договорот од Преспа со некористењето на уставното име во државата“. Како што пренесува грчката државна телевизија ЕРТ, грчкиот премиер посочил дека е неопходно сите да разберат дека почитувањето на европското законодавство оди преку веродостојно почитување на меѓународните договори.

На прес-конференција во Брисел по Самитот на Унијата, Мицотакис, освен за тековните европски случувања, одговарајќи на новинарско прашање, се осврнал и на односите со Северна Македонија.

Последици од постапките 

„Со оглед на тоа што имаше дел за прашањата за проширувањето, презедов иницијатива и ги информирав моите колега во Европскиот совет за случувањата во Северна Македонија, за фактот што и претседателката и премиерот всушност директно го прекршуваат Договорот од Преспа, игнорирајќи го во пракса ерга омнес и избирајќи да користат друго име, а не уставно дефинираното име на земјата, за внатрешна употреба, што е целосно спротивно на духот на Договорот од Преспа“, вели Мицотакис. Тој е дециден дека ЕУ перспективата на земјата поминува преку почитување на меѓународните договори.

„Апсолутно јасно ставив до знаење дека доколку Скопје инсистира на оваа линија, тоа, во суштина ќе го направи исклучително тежок, ако не и во пракса да го поништи, секој процес на брзо приближување кон европското семејство. Така што, мислам дека треба сите да ги разберат последиците од своите постапки и да знаат дека почитувањето на европското законодавство, очигледно поминува преку верното почитување на меѓународните договори што се потпишани, во овој конкретниот случај, од двете страни“, вели Мицотакис. 

Премиерот Христијан Мицккоски вели дека е негово човеково право својата држава да ја нарекува како што сакаФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Иредентистичко расположение

Ваквиот став преку соопштение го потврди и Министерството за надворешни работи на Грција. „Раководството на Северна Македонија продолжува да го прекршува Договорот од Преспа. Дополнително, се враќа на дејствија од минатото кои алудираат на иредентистичко расположение и целосно непознавање на историјата“, се наведува во соопштението коешто го пренесе агенцијата МИА. Според грчкото МНР, раководството на Северна Македонија секојдневно, сè повеќе се оддалечува од добрососедските односи што го претставуваат јадрото на европското законодавство и меѓународното право. 

Ова е само една од низата реакции од страна на Грција, откако државниот врв во Северна Македонија најави дека нема да ја користи придавката „Северна“ во домашна употреба. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова при давањето на свечената заклетва во Собранието избегна да го употреби уставното име, а премиерот Христијан Мицккоски вели дека е негово човеково право својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби.

Деновиве пристигнуваат низа реакции и од Бугарија околку обврската за почитување на меѓународните договори и уставните измени коишто треба да се спроведат во Северна Македонија, како услов за продолжување на евроинтеграцијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми