1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаЕвропа

Мигрантите како „оружје“: Дозвола за ограничување на азил

ЖА
11 декември 2024

Полска, Финска и други европски земји може да ги ограничат правата на азил ако Русија ги користи мигрантите како „оружје“, соопшти ЕК во Брисел и најави 170 милиони евра помош за заштита на границите за погодените земји

Мигранти на беларуско-полската граница
Мигранти на беларуско-полската граница Фотографија: Czarek Sokolowski)/AP/picture alliance

ЕУ ги обвинува Русија и нејзиниот сојузник Белорусија дека  намерно ги носат мигрантите на границите на Северна и Источна Европа како дел од „хибридни“ напади. Ситуацијата особено се влоши на  границата меѓу Полска и Белорусија,  изјави потпретседателот на Комисијата, Хена Виркунен во Брисел. Бројот на мигранти таму е зголемен за 66 проценти во однос на минатата година. Во некои случаи има и насилни напади врз граничарите. 
Поради тоа, Полска ќе добие најголема единечна сума за заштита на границите од 52 милиони евра, а потоа следи Финска со 50 милиони евра. Балтичките земји Естонија,  Летонија и Литванија  ќе добијат меѓу 19,4 и 15,4 милиони евра. Шенгенската земја Норвешка ќе добие 16,4 милиони евра. Средствата се наменети за технологија за надзор како што се беспилотните летала.
Во случај на „инструментализација“ на мигрантите,  Комисијата на ЕУ,  исто така, им дозволува на земјите-членки да ги ограничат основните права како што е правото на азил. Сепак, таквите мерки против мигрантите мора да бидат „пропорционални“ и „привремени“ и ограничени на она што е апсолутно неопходно во јасно дефинирани случаи, нагласува Комисијата на ЕУ во соопштението.
Организациите за човекови права како Хјуман рајтс воч ја обвинуваат Полска дека  насилно ги враќа луѓето назад преку границата -  во Белорусија.  Ваквите „притисоци“ се всушност нелегални. На прашањето дали се дозволени „пушбекови“ кога се врши инструментализација на мигрантите, Комисијата даде заобиколен одговор. „Вонредните мерки“ мора „да се усогласат со меѓународното и правото на ЕУ“, истакна Виркунен. 
По октомврискиот самит на ЕУ, германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД), исто така се повика на меѓународното право кога беше прашан за „пушбековите“. Шефовите на држави и влади на ЕУ ја изразија својата солидарност со Полска и другите засегнати држави на самитот и фундаментално одобрија „соодветни мерки“ во случај на „исклучителни ситуации“.
      
 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми