1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Шест реформи за напредок кон ЕУ

ДТЗ
12 септември 2023

Претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, смета дека процесот на пристапување во Унијата треба да се реформира.

Michael Roth in Bosnien
Фотографија: Vera Soldo/DW

Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг и поранешен министер за надворешни работи на Германија пред македонските пратеници презентираше шест предлози за реформи коишто би можеле да го забрзаат процесот на интегрирање на Западен Балкан во ЕУ. Тој им порача дека уставните измени можеби се болни, но на крајот се неопходни за напредок на земјата на патот кон Унијата.

„Сакам да ги охрабрам моите колеги во парламентот и во Владата да го сторат најдоброто и да ја вратат Македонија назад на патот кон Европската Унија“, рече Рот кој е во посета на земјата, во пресрет на постапката за усвојување на уставните изменикоја што наскоро треба да се најде пред пратениците. 

Шест предлози за реформи

Луѓето и владите во регионот имаат итна потреба од опипливи придобивки од пристапувањето кон Европската Унија. За да го постигнеме тоа, процесот на пристапување треба да се реформира и земјите кандидатки треба да бидат вградени чекор по чекор во структурите на ЕУ пред формално да станат членки, вели Михаел Рот. 

Тој пред македонските пратеници образложи шест предлози за реформи. Според него, тие ќе резултираат со постепено забрзан процес на интегрирање, кој смета дека ќе биде попривлечен за земјите од Западен Балкан и ќе ги приближи до ЕУ без притоа да ги поткопа строгите критериуми за пристапување.

Михаел Рот, смета дека процесот на пристапување во Унијата треба да се реформираФотографија: Government of North Macedonia

За отворањето на преговорите, тој смета дека заедно со отворањето и затворањето на индивидуалните поглавја, во иднина треба да се одлучува преку квалификувано мнозинство во Советот на министри. Германскиот пратеник и дипломат предложи и земјите кандидатки кои остваруваат задоволителен напредок во склоп на рамката за преговори и во рамки на добро владеење и владеење на правото да бидат дел од Европскиот совет и да учествуваат редовно во Советот на министри.

Ваквите ставови тој ги презентираше на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ организирана од Институтот за демократија Социетас цивилис-Скопје.

Соработка

„Пред пристапувањето, ЕУ треба да оствари уште потесна соработка со земјите кандидатки во клучните области на безбедност, енергетика и  инфраструктура. Постепено пристапување кон заедничкиот пазар на ЕУ ќе биде привлечен стимул за пристапување во Унијата. Претпристапна финансиска помош за помагање на напорите за зачленување, која треба да се зголеми значително со цел да се надополнат недостатоците во однос на инвестициите и како еден вид заштита од кинеските заеми“, рече Рот.

Тој предлага и зајакнување на улогата на проевропското граѓанско општество и смета дека европските земји членки треба да се впуштат во процес на спонзорства преку кои ќе обезбедуваат техничка помош во процесот на пристапување.

Придобивки

„Северна Македонија може да извлече придобивки од овие реформи и токму тоа и е потребно на вашата земја по толку години чекање. Како најголема земја членка на ЕУ, Германија има посебна одговорност за иднината на Западен Балкан и навистина се гордеам што ова е една од главните теми на агендата на нашиот премиер“, истакна Рот во Собранието.

Тој вели дека ЕУ треба да ги обнови политичките заложби преку кои ќе постави основи за земјите од Западен Балкан да се придружат на ЕУ меѓу 2025 и 2030 година. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми