1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милиони евра штета од пожарите во Македонија

ДТЗ
22 јули 2024

Проценките се дека штетата која што му е нанесена на еко-системот, загадувањето на воздухот и последиците врз земјоделските култури се ненадоместливи. Ќе биде потребен еден век за да се обнови тоа што е изгорено.

пожар Серта
Милиони евра штета од пожарите во МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Милиони евра штета предизвикаа пожарите коишто ја зафатија Северна Македонија изминатите неколку недели. Најризично е на планината Серта, каде што изгоре огромна шумска површина. Ќе биде потребен еден век за да се поврати тоа што е изгорено. Но, тоа не е се. Проценките се дека штетата која што му е нанесена на еко-системот, загадувањето на воздухот и почвата, како и последиците врз дивечот и земјоделските култури се ненадоместливи. 

„Целиот еко-систем трпи огрони последици од пожарите. Изгорената дрвна маса е само една десетина од штетата која што ја предизвика огнената стихија врз загадувањето, земјоделските култури, почвата“, вели за ДВ Зоран Манев, раководител на подружницата „Серта“ - Штип на Национални шуми. 

Апокалиптични глетки по пожаритеФотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Огнената стихија остави пустош 

Пожарот на планината Серта опустоши над 200 квадратни километри површина, пред се нискостеблеста шума. Штетата се проценува како катастрофална, а ќе бидат потребни повеќе години за да се надокнади. Во пожарите покрај шумите страдаа и дивечот и птиците. Огнената стихија зад себе остави вистински пустош. 

„Изгоре пред се ниско-стеблеста шума. За едно дрво да порасне 20 сантиметри во пречник ќе бидат потребни најмалку 50 години“, вели Манев. 

Заменик генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Кирил Михаилов деновиве при посетата на опожарените места изјави дека првични проценки за штетите на шумите не можат да се направат, бидејќи се уште има активни пожари на терен. Но, како што вели овие штети се ненадоместливи.

„Штетата која што ќе ја претрпи планината Серта е епохална за неа. Јас мислам дека ќе треба еден век да се поврати ова што е изгорено. Ова е катастрофа. Буквално Серта ни отиде цела. И ова ќе има несогледливи последици во однос на климата во Штип и околните населени места“, изјави Михаилов. 

Пожарот на планината Серта опустоши над 200 квадратни километри површина, пред се нискостеблеста шума. Фотографија: Petr Stojanovski

Се сумираат штетите 

Штетите се уште се сумираат, со оглед на тоа дека опасноста од нови пожари се уште демне. Нема простор за опуштање. Екипите на Национални шуми се на терен и будно се следи ситуацијата. 

„Жаришта демнат на сите страни. Додека да се изгасне едно, за кратко време ново се појавува. Доволно е само едно мало жарче за повторно да пламнат големи пожари“, вели Манев. 

Високите температури носат нови стравувања. Манев вели дека допрва престојат топли денови - обично почетокот на август е и најтопол, а такви се прогнозите и за ова лето. Температурите повторно се очекува да се искачат над 40 степени - а жештините носат и бројни ризици. 

Топлотниот бран кој ја зафати Северна Македонија, со недели не им дава мир на жителите во Штип, Неготино, Македонски Брод, Велес и Чашка. Најризично и понатаму е на планината Серта и во околината на резерватот Јасен. 

Центарот за управување со кризи информираше дека изминатото деноноќие имало вкупно 29 пожари на отворено од кои седум се уште се активни. Активен е пожарот меѓу селата Селце и Пухче во општина Штип каде гори мешана шума и пожарот во реонот на армискиот полигон Криволак кон Пенуш каде има многу голема „фронтова“ линија и гори ниска вегетација. 

Изминатото деноноќие имало вкупно 29 пожари на отворено од кои седум се уште се активни.Фотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Во општина Македонски Брод меѓу селата Брезница и Тажево гори квалитетна борова шума.  Активен е и пожарот во општина Чашка меѓу селата Габровник и Мокрени каде гори мешана шума и ниска вегетација Линијата на огнот со повремени прекини и појаки жаришта е голема се до Мукос, над Богомила. Пожар има и кај селото Небрегово во општина Долнени каде гори нискостеблеста шума, како и кај селото  Гостиражни. Се работи за префрлен пожар од селото Богомила. Изгаснати се 15 пожари на отворено.

од ЈП „Национални шуми“ во наредниот период најавуваат дека ќе бидат преземени мерки за пошумување на планината Серта, но и на другите планини зафатени од пожари. Проценките се дека од 2000 до 2021 година, Северна Македонија била зафатена од вкупно 4.811 пожари, во кои изгореле над 200 илјади хектари површина. Вкупниот опожарен шумски фонд во текот на 23 години е околу 2,5 милиони кубни метри, покажуваат податоците од првиот Национален извештај за состојбата со пожарите.

Според Државниот завод за статистика, само во периодот јуни - септември 2021 година, имало 142 шумски пожари од кои биле зафатени 11 420 хектари површината под шума. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми