1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина апелира за враќање на своите сонародници

ЖА /АРД
20 јануари 2025

Намалувањето на населението во Украина од избувнувањето на војната е масовно: речиси половина од граѓаните на земјата живеат во странство. Сега владата во Киев им дава одредени гаранции на евентуалните повратници.

Владата во Киев го проценува бројот на Украинци кои живеат во странство од 20 до 25 милиони
Владата во Киев го проценува бројот на Украинци кои живеат во странство од 20 до 25 милиониФотографија: Jochen Eckel/IMAGO

Украинската влада сака да вложи поголеми напори за да обезбеди враќање на воените бегалци кои живеат во Германија. Од една страна, со таканаречените „Unity Hubs" (Центри за единство) се даваат понуди да се вратат во нивната матична земја, а од друга страна, бегалците треба да бидат поддржани со вработување и сместување или со образовни понуди доколку се уште не сакаат да се вратат.

Објектите „се наменети да служат како собиралиште за украинските бегалци во Германија, да обезбедат културни можности, да понудат часови по јазик и регионални студии, да обезбедат поддршка за наоѓање работа во Украина и Германија и да обезбедат совети за доброволно враќање во Украина и придонеси во обновата на земјата“, се вели во соопштението на Сојузното министерство за внатрешни работи на Германија. Првиот центар се очекува да биде отворен наскоро во Берлин, а ќе следат и други во други градови.

Најмалку 20 милиони Украинци се надвор од земјата

Во Германија живеат околу 1,2 милиони луѓе со украинско државјанство,  вклучувајќи 350.000 деца и млади луѓе. Повеќе од 60 проценти од возрасните се жени. Во ниту една друга земја немаше толку многу луѓе  кои побегнаа од руската агресорска војна.

Во Германија живеат околу 1,2 милиони луѓе со украинско државјанствоФотографија: John MACDOUGALL/AFP

Последиците за Украина се драматични: денес само 32 милиони луѓе живеат во областите контролирани од владата во Киев. Во времето на независноста по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, според владините бројки, сè уште имало 52 милиони. Владата во Киев го проценува бројот на Украинци кои живеат во странство од 20 до 25 милиони.

На Украина ѝ недостасуваат работници

„Значаен број Украинци сериозно размислуваат да се вратат дома“, изјави украинскиот вицепремиер Олексеј Чернишов за време на посетата на Берлин минатата недела. Тој раководи со Министерството за национално единство кое беше основано во декември специјално за враќање на бегалците.

Чернишев им дава гаранција на повратниците: Тие би биле ослободени од воената служба доколку работат во „критичните индустрии“ како што се производството на оружје, енергетскиот сектор и обновата.

Фезер: Заштита сѐ додека трае војната

„И натаму ќе бидете безбедни кај нас сѐ додека трае војната“,изјави германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер. Истовремено, Украина ќе биде поддржана во „одржувањето близок контакт со своите државјани бегалци во Германија за време на ова ужасно време на војна“.

Собиралиштата треба да соработуваат и со Сојузната агенција за вработување. Според информациите, во октомври 2024 година, 240.000 украински граѓани биле вработени во Германија и плаќале задолжително социјално осигурување, 74.000 повеќе отколку во истиот месец од претходната година, додека околу 50.500 лица биле вработени на неполно работно време.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми