Минеаполис: Агентите на ИЦЕ ќе мора да носат камери на тело
3 февруари 2026
Федералните службеници отсега ќе носат камери на телото за време на нивните интервенции во Минеаполис. Ова ја вклучува и имиграциската служба ИЦЕ, изјави министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем на платформата X. Штом ќе бидат достапни финансиски средства, програмата за камери на тело ќе се прошири низ целата земја. Тоа ќе важи за сите агенции за спроведување на законот во рамки на Министерството за внатрешна безбедност, рече Ноем.
Демократите се изборија за своето барање
Американската влада со тоа го исполнува барањето на опозициските демократи. По смртта на двајца американски државјани - Рене Никол Гуд и Алекс Прети - кои беа убиени од страна на агенти на ИЦЕ за време на нивните интервенции во Минеаполис, демократите во Конгресот на САД блокираа буџетски пакет кој вклучуваше финансирање за Министерството за внатрешна безбедност.
Поради буџетскиот спор, изостанаа дополнителни средства за повеќе министерства и агенции. Дојде до таканаречен „шатдаун“, делумно затворање на државната администрација.
Во петокот на 30 јануари, 2026, Сенатот одобри компромисен буџет кој обезбедува финансирање за поголем дел од федералната администрација. Меѓутоа, тој предвидува финансирање за Министерството за внатрешна безбедност за само две недели. Бидејќи текстот треба да биде одобрен и од Претставничкиот дом, затворањето стапи на сила ноќта помеѓу петокот и саботата.
Во 2022 година, тогашниот претседател Џо Бајден им наложи на федералните службеници за спроведување на законот да носат камери на телото. Претседателот Доналд Трамп ја укина таа директива по почетокот на неговиот втор мандат.