1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Минхен 1972: Борбата за правда на две вдовици

Михаел Да Силва
5 септември 2022

Пет децении Илана Романо и Анки Шпицер заземаа истурена позиција во борбата за правда во име на семејствата на жртвите. Во очекување на правдата, црпеа сила од нивното пријателство.

München Gedenken an Olympia-Attentat 1972
Фотографија: Peter Hille/DW

Во станот на Илана Романо во Тел Авив се чини како времето да застанало. Црно-бели фотографии во собата за дневен престој; мебелот е како на типично израелско домаќинство од 70-тите години, само модерниот телевизор оддава дека сепак е 2022 година. 

Во многу погледи декорот е симболика за животот на Романо и Анки Шпицер. На 5 септември пред 50 години нивните животи преку ноќ се сменија откако сопрузите на Илана и Анки, Јусеф и Андре, беа убиени во терористичкиот напад 1972 година на Олимписките игри во Минхен. 

Од тогаш тие станаа симбол за конфликтот меѓу германската влада и семејствата на жртвите околу компензацијата поради смртта на нивните најблиски. Во меѓувреме, семејствата на 11 израелски спортисти кои беа убиени од палестински напаѓачи за време на  Олимписките игри во Минхен во 1972 година договорија  дополнителна компензација со германската влада.

Во времето кога се случи нападот Илана и Анки беа 26-годишни млади мајки, при што бебето на Анки било родено само неколку месеца пред игрите во Минхен. И покрај нивната возраст и загубата на сопрузите, двете не биле убедени во објаснувањата од германската влада и не биле подготвени да остават сето да помине така.

Половина век собираа информации, разговараа со медиумите и се обидуваа да ги поврзат точките во обид да разберат што навистина се случило и да го добијат она што сметаат дека е само компензација за пропустите на германската влада. 

Тие немале експертиза, ниту врски или искуство во водење јавни кампањи, но имале нешто што се покажало уште поважно од сето тоа: тие си се имале една со друга. ДВ направи ексклузивно интервју со двете во пресрет на 50-годишнината од нападот во Минхен.

„Не беше лош сон, тука чиста реалност

„Некој тропна на мојата врата, беше 7 часот наутро," се потсетува Романо. Тоа бил нејзиниот сосед кој ѝ рекол да вклучи радио. „Имало терористички напад”, ѝ рекол. 

Пред да замине на Олимписките игри, сопругот на Романо, кревачот на тегови Јусеф (Јоси) ја смирувал бидејќи таа имала задршки во однос на патувањето. „Кога Германците нешто прават, го прават совршено”, ѝ рекол сопругот. 

Подоцна во текот на денот дознала дека нејзиниот сопруг бил меѓу заложниците, а околу 19 часот ѝ дошле дома на врата да ѝ соопштат дека е втората жртва од терористичкиот напад. „Се разбудив следното утро прашувајќи се дали е сето тоа само сон. Но, не беше кошмар, туку чиста реалност," вели таа, со замислен лик кој сѐуште ја покажува нејзината болка. 

Вдовицата Илана Романо со фотографија од својот убиен сопругФотографија: David Silverman/Getty Images

„Не сакавме да се разделиме

За разлика од Романо, која дома дознала за смртта на сопругот, Анки Шпицер била во Холандија каде што е родена, кога се случил нападот. Нејзиниот сопруг, тренер на мечувалците, бил во Олимпиското село

„Пред да отпатувам кај моите родители со бебето, бев во Минхен две недели да го посетам Андре," вели Шпицер, а нејзиниот смирен настап попушта кога се потсетува на настаните. „Бевме само една година и три месеци во брак. Се сакавме, не сакавме да се разделиме."

Бидејќи бебето им било болно, Андре допатувал во Холандија за да го посети и се вратил во Олимпиското село ноќта пред нападот. „Родителите ме разбудија во 7 часот наутро и ми кажаа дека се случил напад."

Часови подоцна открила дека сопругот е меѓу заложниците. Таа го видела жив уште еден единствен пат бидејќи тој бил еден од израелските спортисти кој зборувал со германските власти преку прозорецот, сцена која беше емитувана ширум светот пред милионска публика. 

„Им кажав на родителите дека Андре ќе ми се јави веднаш откако ќе бидат ослободени. Тој повик никогаш не го дочекав." Во 3:15 часот во ноќта ја добила веста дека сите израелски заложници се мртви. 

„Се сеќавам дека се вратив во Минхен и на пат кон Олимпиското село видов спортисти кои тренираа на двете страни од патот”, се потсетува таа. „Како да не биле тукушто убиени 11 лица од нивното олимписко семејство. Беше ужасно."

Борбата започнува

Анки и Илана се сретнале еден месец по  терористичкиот напад во Минхен  и си најдоа нешто заедничко. „Двете се чувствуваме исто и сакавме да ја дознаеме вистината“, се сеќава Шпицер.

Наспроти нив беа две моќни организации - Сојузна Република Германија и Меѓународниот олимписки комитет, МОК. Меѓу другото тие бараа отворање на архивите и на Баварија и на Сојузна Република Германија за да утврдат што се случило, обезбедување компензација и официјално признание и сеќавање на жртвите од страна на МОК.

Следело тегнење по судови и од еден до друг политичар. Во документот кој на семејствата на жртвите им го дале во германската амбасада во Тел Авив, а во кој имаше увид и ДВ, се прифаќа германската одговорност за убиството на спортистите. Исто така стои дека последната германска понуда за обештетување за семејствата на жртвите е исплата на дополнителни 5,4 милиони евра по веќе исплатените 4,6 милиони евра. Семејствата пак бараа по 9 милиони евра по жртва.

Сумата е симболична, бидејќи терористите кои го преживеаја нападот потоа беа ослободени откако беше киднапиран авион на Луфтханза со барање за нивно ослободување и исплата на 9 милиони долари. Германија ја плати оваа сума.

„Не малтретираа 50 години (н.з. германската влада). Никогаш не престанаа да лажат и да нѐ понижуваат,“ вели Шпицер. „Само сакавме да знаеме што му се случи на мажот ми и на останатите. Досега немаме добиено одговор.“

„Сакаа да претстават поинаква Германија,“ вели Романо, а Шпицер ја довршува реченицата - „не постоеше поинаква Германија.

Анки Шпицер: Борба за признание, а не за париФотографија: Maya Alleruzzo/AP Photo/picture alliance

Не се работи само за пари

И Романо и Шпицер се свесни дека сигурно ќе има такви во Германија кои мислат дека сето ова го прават само од алчност за пари. „Парите се само пари. Но, она што ни го направи нам Германија е многу повеќе од само пари,“ вели Романо.

Поточно речено, вели таа, се работи за децата на жртвите кои растат без нивните татковци, а уште повеќе што во тоа време тоа беа луѓето кои финансиски ги обезбедуваа семејствата.

„Секогаш објаснуваме дека покрај тоа што таа терористичка група им ги уби татковците, тоа не значи дека сите Палестинци и Арапи се такви. Ние сме среќни дека нашите деца растат без омраза (н.з. кон Палестинците) во срцата.“

Признание од МОК

Двете жени се пренасочија и на друго место и беа лично поканети од претседателот на МОК Томас Бах да присуствуваат на Олимпијадата во Токио.

За првпат досега, на официјалното отворањето на игрите во Токио 2020, имаше едноминутно молчење за жртвите од нападот, со што се стави крај на 49- годишната кампања на семејствата за официјално признание од олимпиското семејство.

„Веднаш викнав, Илана, Илана!“, се сеќава Шпицер. Романо плачеше.

„По 49 години од пишување и зборување насекаде, одеднаш го гледаме јапонскиот крал и францускиот претседател како им оддаваат почит на нашите сакани, додека милиони луѓе дома го гледаа тоа,“, се присетува Шпицер.

За двете ова беше „сон“ и тие му се заблагодарија на првиот човек на МОК, Бах, за шансата да го доживеат ова.

„Времето не ја лечи болката“

Запрашана за тоа како се чувствува воочи годишнината, Романо вели дека болката е исто толку силна како и во деновите по нападот. „Ако некој рече дека времето лечи, да ви кажам искрено – не лечи.“

„Веќе 49 години се бориме за компензација и за признание,“ вели Шпицер. „Се чини дури нереално.“

Нивната сила во спротивставувањето на владата на една од најсилните и најбогатите земји на планетава е за пофалба, но во средиштето на сѐ е нивното пријателство.

„Јас ѝ бев поддршка кога таа паѓаше, а таа мене кога бев во истата ситуација. Запознавањето со Анки е најголемата среќа што ми се случи,“ вели Романо.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми