1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МСЦ 2026: Европа сака поголема одбранбена автономија

16 февруари 2026

НАТО останува централен безбедносен чадор за Европа. Сепак, поголемата автономија и заемната одбрана меѓу европските држави беа исто така теми на Минхенската безбедносна конференција.

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, зборува на панел-дискусија за време на Минхенската безбедносна конференција
„Поголема одговорност за сопствената безбедност“: Каја Калас на Минхенската безбедносна конференција 2026Фотографија: Michael Probst/AP Photo/picture alliance

Европската колективна одбрана сè уште се потпира на трансатлантскиот воен сојуз НАТО. Ова го изјави високата претставничка на Европската унија за надворешна политика, Каја Калас, на Минхенската безбедносна конференција во неделата (15 февруари, 2026). Во исто време, таа нагласи дека Европа мора итно да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.

Во говорот насловен како „Европејци на собир! Враќање на влијанието во посуров свет“, Калас се осврна на мотиви од филмската франшиза Одмаздници. Таа ја нарече Русија најголема закана за Европа. Според неа, целта на Москва не е само украинскиот Донбас, туку и поширока офанзива врз регионот. Русија веќе се обидува да ги ослаби европските економии со кибернапади, блокирање на сателити, саботирање на подморски кабли и раскинување на сојузи со дезинформации, рече Калас. Таа додаде дека нуклеарната закана е реална. Одговорот на тоа, според неа, треба да биде нова безбедносна стратегија, проширување на партнерствата и нови трговски договори - како оние со Индија, Меркосур и Австралија - поврзани со безбедносната соработка. „На добар пат сме - ја бришеме прашината од нашите наметки, облекуваме чизми и ги палиме нашите мотори“, рече таа.

Столтенберг: Европа ги зголеми трошоците за одбрана

Во својот говор во неделата, претседателот на МСЦ, Волфганг Ишингер, ја нагласи потребата од изготвување планови за европската одбрана, особено за „забрзување на производството на вооружување и создавање пообединет и глобално конкурентен европски пазар на одбрана“. Во говорите и изјавите на европските лидери за време на тридневниот состанок, неколку пати беше повторено дека започнале со спроведување на овие мерки, обидувајќи се да одговорат на барањата на администрацијата на Трамп за поголемо ангажирање на Европа во НАТО. 

Европа бара одговор на руската агресија врз и едностраните дејствија на ТрампФотографија: Oleksandr Gimanov/AFP

Поранешниот генерален секретар на НАТО и сегашен норвешки министер за финансии, Јенс Столтенберг, рече дека барањата на САД довеле до тоа европските сојузници и Канада „значително“ да ги зголемат трошоците за одбрана. „Ако ги слушате САД или администрацијата на Трамп, критиката пред сè не е насочена кон НАТО, туку кон сојузниците на НАТО кои не плаќаат доволно. И мислам дека тоа е оправдана жалба - а Европејците ги исполнуваат“, изјави Столтенберг за ДВ.

Земјите-членки на ЕУ потрошија околу 381 милијарда евра (452 милијарди долари) за одбрана во 2025 година - во споредба со 251 милијарда евра во 2021 година, пред руската инвазија на Украина. За Калас, сепак, не е доволно членките на НАТО да го исполнат барањето на Доналд Трамп за 5% од БДП за одбрана - туку дека овие инвестиции мора да бидат паметно насочени. Таа нагласи дека европските земји треба дополнително да ги прошират своите набавки со цел да ја зголемат ефикасноста. „Неопходно е да се намалат трошоците и да се скратат роковите за набавки. Не станува збор само за тоа колку трошиме, туку и за тоа како можеме да трошиме попаметно.“

Европа дебатира за иднината на одбраната без САД

На крајот на јануари, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, им порача на европратениците дека Европејците што мислат дека можат сами да се одбранат „треба да продолжат да сонуваат“. Американскиот државен секретар Марко Рубио, пак, во говорот во саботата во која стануваше збро за одржување на западната кулрура и одбрана во согласност со вредностите на Трамп се обиде да ги смири стравувањата, посочувајќи дека Вашингтон нема за цел да му стави крај на трансатлантскиот сојуз. 

Столтенберг во интервју за ДВ: Трамп има „валидна поента“Фотографија: Ronka Oberhammer/DW

Други американски претставници во Минхен исто тала се обидоа да ги отстранат сомнежите за американско повлекување од Европа под водство на Трамп. „Да му покажеме на светот дека Европа е доверлив партнер“, изјави демократскиот сенатор Крис Кунс за ДВ. 

Сепак, говорите на конференцијата јасно покажаа дека ЕУ сè повеќе се насочува кон алтернативни партнерства. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен јавно ги истакна Норвешка, Исланд, Велика Британија и Канада како „најблиски партнери“ за новите безбедносни соработки – без да ги спомене САД.

Иако сите лидери ја потврдија важноста на НАТО, тие ја отфрлија идејата за создавање единствена европска армија како паралелна структура. Калас ја нарече таквата идеја „крајно опасна“ за постоечката командна архитектура.

Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цакна, порача: „НАТО е рамката што функционира. Тоа не е теорија, туку структура со реални планови и обврски.“

Претседателката на Комитетот за одбрана во Европскиот парламент, Мари-Агнез Страк-Цимерман, додаде дека Европа мора да ја зајакне конвенционалната и сајбер-одбраната, како и кризното менаџирање. „Ако преземеме поголема грижа за нашата безбедност, ги растеретуваме и САД. Под американскиот нуклеарен штит се чувствувам безбедно – затоа што и Американците имаат потреба од нас“, изјави таа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми