1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Кина најави мировна иницијатива за Украина

СН/агенции
18 февруари 2023

Ванг Ји, највисокиот кинески претставник на конференцијата во Минхен, вети „придонес за решавање на украинската криза“. Претходно, шефицата на Еврокомисијата, Фон дер Лајен му вети на Киев помош за набавка на муниција.

Првиот дипломат на Кина, Ванг Ји при обраќањето на Минхенската безбедносна конференција
Првиот дипломат на Кина, Ванг Ји при обраќањето на Минхенската безбедносна конференцијаФотографија: Petr David Josek/AP/picture alliance

Кина денеска најави дека ќе изнесе мировна иницијатива за ставање крај на речиси едногодишната војна во Украина, која ќе се темели на дијалог меѓу страните во конфликт и почитување на територијалниот интегритет.

„Кина нема да стои настрана ниту да долева масло на огнот“, рече шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, на конференцијата за безбедност во Минхен. „Ќе продолжиме да повикуваме на мир и на дијалог“, додаде Ји и најави оти Пекинг ќе изнесе предлог за политичко решавање на украинската криза според начелата на ОН.

Не наведувајќи на кого мисли, тој рече дека постојат „сили кои не сакаат успех во преговорите и завршување на војната“ и оти санкциите не ги решаваат конфликтите меѓу државите.

Додека на Минхенската безбедносна конференција Кина најави мировна инцијатива за Украина, борбите околу Бахмут беснеат со несмалено темпоФотографија: Libkos/AP/picture alliance

„Мораме да му дадеме шанса на мирот“, рече шефот на кинеската дипломатија. „Предлагам сите да почнат да размислуваат сталожено, особено пријателите во Европа, за тоа што можеме да направиме да ја запреме оваа војна“, нагласи Ји.

Кина досега не го осуди рускиот напад врз Украина, туку САД и НАТО ги означи за виновници за војната која започна со руската инвазија на 24 февруари 2022 година.

Претходно во Минхен претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека ЕУ може да ги здружи силите со воената индустрија за да го зголеми производството на муниција за Украина. 

„Можеме да разгледаме големи договори кои ќе им овозможат на одбранбените компании да инвестираат во производствени линии за да го забрзаат производството и да ги зголемат количествата што можат да ги испорачаат“, изјави Фон дер Лејен. 

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во Минхен се заложи за интензивирање на помошта за УкраинаФотографија: Johannes Simon/Getty Images

Таа нагласи дека Унијата не може да чека со месеци и години за да ги обнови своите воени резерви или да испрати гранати од голем калибар во Украина. „Сега е време да се зголеми производството на она што ѝ е потребно на Украина, како стандардизирана муниција“, рече Фон дер Лејен.

Испораката на огромни количини муниција во Украина предизвика загриженост кај некои членки на ЕУ дека би можеле да останат без сопствени залихи. Собрани во главниот град на Баварија, западните лидери на почетокот на традиционалната безбедносна конференција најавија интензивирање на воената помош за Украина, вклучувајќи муниција и оружје, особено тенкови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми