1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миграцијата и Русија - најголеми предизвици

16 февруари 2024

Анкета спроведена ширум светот за потребите на Минхенската безбедносна конференција покажува дека миграцијата, климатските промени и Русија се сметаат за најголеми закани за глобалната безбедност.

Мигранти на реката Рио Гранде на јужната граница на САД со Мексико: според анкетата на МСЦ, прашањето беше оценето поважно од руската агресорска војна против Украина
Мигранти на реката Рио Гранде на јужната граница на САД со Мексико: според анкетата на МСЦ, прашањето беше оценето поважно од руската агресорска војна против УкраинаФотографија: Maria Alejandra Cardona/REUTERS

Светот во 2024 година го карактеризира „назадување на глобалната политика поради зголемените геополитички тензии и економската неизвесност“, пишува во својот претконференциски извештај претседавачот на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ), Кристоф Хојзген. Воени претставници, безбедносни експерти и високи политичари од целиот свет повторно ќе се сретнат во Минхен од 16 до 18 февруари. Се очекува присуството и на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Агерсорската војна на Русија против Украина во минатогодишниот извештај (Минхенски безбедносен индекс) беше оценета како најголема закана за безбедноста, особено во земјите од Г7. Тој извештај традиционално се објавува пред почетокот на конференцијата во главниот град на германската покраина Баварија.

Миграциите поопасни од агресивната Русија

Во актуелната анкета за состојбата во светот беа прашани 12.000 луѓе - во развиените земји од Г7 (Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада и САД), но и од Бразил, Индија, Кина, Република Јужна Африка и од Украина. Заканата од Русија и натаму е оценета како повисока отколку што беше пред големата инвазија на Москва врз Украина пред две години.

Но, последиците од „миграцијата поради војна и климатските промени“ сега се сметаат за уште поважен проблем. Очигледно е дека испитаниците во октомври и во ноември 2023 година донекаде се навикнаа на војната во Украина.

Артилериски оган во Украина: Украинската војска во дефанзива, додека интересот на јавноста во земјите од Г7 за конфликтот опаѓаФотографија: Roman Pilipey/AFP

Во Украина, испитаниците беа прашани и за тоа кои би биле „прифатливи услови за прекин на огнот“, а 92 отсто од нив побарале целосно повлекување на руските трупи од Украина, вклучувајќи го и Крим. Само дванаесет отсто сметале дека е прифатливо само Крим да остане во составот на Русија. Повеќе од две третини сакаат Украина брзо да биде примена во Европска унија и во НАТО.

Западот го губи влијанието

Под англискиот наслов „Lose-Lose“, десеттиот безбедносен извештај опишува дека во сегашната напната светска ситуација сите губат. Според истражувањето, перцепциите за ризикот од воен конфликт во Индо-Пацификот меѓу Кина и Тајван нагло се зголемија. Стравот од сè посамоуверена Кина е особено висок во Јапонија, а потоа следат Индија, САД, Германија и Франција.

Во земјите од Г7, „голем дел од населението верува дека нивните земји ќе бидат помалку безбедни и просперитетни за десет години“, пишува Хојзген. Во исто време, анализата на резултатите од истражувањето покажува дека луѓето во земјите од Г7 очекуваат зголемување на моќта и влијанието на Кина и земјите од Глобалниот југ на сметка на нивните земји.

Глобализацијата назадува

Генерално, незадоволството од економските услови во светот расте. „И покрај големите достигнувања во периодот по Студената војна“ се „главните актери на Западот“, но и „моќните автократии и земји од т.н. на Глобален југ“, незадоволни од „статусот кво и својот удел во светската економија“.

Глобализацијата во целина назадува. Чувството на конкуренција и значително зголемената потреба за безбедност преовладува во денешниот свет. Особено во Кина сѐ помалку влегува странски капитал.

„Засиленото геополитичко ривалство го поткопа верувањето дека глобализацијата управувана од пазарот ќе доведе до правична распределба на профитот“, се вели во извештајот. Затоа државите даваат приоритет на „одбранбените способности и безбедносните прашања пред економската ефикасност“. 

Фабрика за козметика во Кина: глобалното раздвојување започна, тековите на капитал се движат од Кина во други региони во светот, но голем исклучок се германските компании кои продолжуваат да инвестираат во таа земјаФотографија: Costfoto/NurPhoto/picture alliance

„Драматичните политички промени“ во светот се рефлектираат во „макроекономската реалност“. Западните текови на капитал се пренасочени од Кина кон други партнери. „Трговските текови, исто така, покажуваат знаци на реструктуирање по геополитички линии“, се вели во Минхенскиот извештај за безбедност, кој генерално дава многу песимистичка слика за меѓународното поврзување во светот.

Глобални текови на капитал: Сѐ подалеку од Кина

Синџирите на снабдување меѓу Азија и другите делови на светот, кои претходно беа испреплетени, сѐ повеќе се одвојуваат. Европа, а особено Германија, се издвојува како исклучок. „Германските компании продолжуваат да инвестираат многу во Кина и на тој начин им пркосат на напорите на (политички) Берлин да го намали нивниот ангажман. Германските директни  инвестиции во Кина и во првата половина на 2023 година беа на рекордно високо ниво“, се вели во извештајот.

Кога станува збор за Кина, германската влада спроведува политика на намалување на економската зависност. Тоа започна за време на пандемијата со корона, кога за време на затворањето дојде до колапс во синџирите на снабдување меѓу Германија и Кина, а оваа политика доби на интензитет со ставање крај на долгорочната енергетска зависност од Русија. Но, се чини дека тоа засега не се одразува во опипливи бројки.

Сѐ повеќе насилство во Сахел

Улога во анализата игра и растечкото воено влијание на Русија во зоната Сахел. Државниот удар во Нигер покажува губење на влијанието на Западот, особено на поранешната колонијална сила Франција. Русија, од друга страна, се обидува да ги „одвои земјите од Сахел од Европа и од САД“.

И тука авторите на годинешниот Минхенскиот извештај за безбедност првенствено укажуваат на губитниците. „Луѓето во регионот ја губат можноста за мир и за демократски напредок, бидејќи секој државен удар од 2020 година носеше сѐ повеќе насилство.“

Демонстрации во Нигер против Франција на почетокот на септември 2023 година.Фотографија: AFP

Според извештајот, зголемената недоверба ширум светот се одразува и на перцепцијата за опасноста од сајбер нападите и од негативните последици од користењето на вештачката интелигенција. „Технолошкиот напредок, кој долго време беше движечка сила за глобалните нивоа на благосостојба, сѐ повеќе се инструментализира од противниците на таквиот развој“, се вели во анализата. Ова е поддржано од резултатите од истражувањето: испитаниците во САД ја оценуваат оваа опасност како особено висока, а потоа следат оние во Индија. Генерално земено, луѓето насекаде се плашат од кампањи со дезинформации во дигиталниот свет.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми