1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минималецот се зголеми, но револтот за платите не се намали

Костадин Делимитов
1 април 2023

Без процентуално, а не линеарно зголемување на платите нема да има социјален мир, порачуваат синдикалците. Се бара системско решение за да нема т.н. урамниловка.

Македонски пари, денар
Македонски пари, денарФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Минималната плата продолжува да расте, но проблемот со останатите плати во државата и натаму останува системски нерешен. Од денеска, на околу 120.000 сметки на работници во државата ќе треба да легнат по 2170 денари повеќе, или вкупно 20 170 месечна плата која според законот треба да биде најниска во државата.

Процентуално решение

Но она што се прикажува како успех, повторно провоцира незадоволство и проблем, со оглед дека и натаму нема договор за начинот на кој треба да пораснат и останатите плати во државата. Дел од државните службеници го добиваат зголемувањето во посакуваниот износ, но останатиот дел останува да бие битка со Владата преку системско решение да се обезбеди идентичен раст и во останатите дејности. Синдикатите се на нозе и бараат процентуално решение, а не како што се предлага линерано. Овој пат велат дека нема да попуштат:

„Ние работиме на усогласување на нашиот колективен договор со минималната плата и отворено кажавме дека вакво линеарно зголемување на плати не прифаќаме. Ако со општиот колективен договор се најде формула за сите во јавниот сектор да се зголемува процентуално, тогаш е во ред, ако не, по гранскиот колективен договор бараме решение за процентуално зголемување“, реагира во изјава за Дојче веле Јаким Неделков, претседател на синдикатот за образование СОНК.

Легализирана урамниловка

Ставот на Синдикатот за образование е дециден, а го поддржуваат и добар дел од останатите синдикати. Оние во здравството и полицијата постигнаа одреден договор, но тој според Неделков е далеку од вистинското решение:

„Она што се договори во полицијата и во здравството, кое допрва треба да видиме како ќе се спроведе, за нас е апсолутно неприфатливо. Две или три илјади денари бруто зголемување за сите линеарно не е решение, ниту е прифатливо, туку само поттурнување на проблемите под тепих и легализирање на урамниловката која и натаму ќе важи. Она што таму сега го договараат, или нудат е една голема измама, не од страна на синдикатот, туку манипулација од надлежните. Даваат нешто што минатата година требаше да го дадат и сега демонстрираат конструктивност“, коментира Неделков.

Тој укажува дека како синдикат, кој важи за еден од најголемите во државата, не сакаат да потпишат каков било документ за линеарно зголемување на платите:

„Ако зборуваме за зголемување на минималецот за 12%, тогаш ние бараме по сите работни места да има поместување за исто толкав процент. Или во превод, тоа би значело и на наставникот кадар да се качи платата за идентичен процент како на оние кои се на минималец. Ако се оди линеарно, тогаш за наставникот зголемувањето ќе биде само 6%, а не 12%. Дел од луѓето можеби сега гледаат да прифатат што се дава, но за жал гледаме каде не доведе оваа 'магична' формула која ја донесоа лани во договор со ССМ како знак на хуманост и солидарност. Но, со линеарно зголемување сега практично легализираме дивоградба што го нема никаде во светот, ниту пак во ниеден домашен закон. Линеарно може да каже владата, заради економски услови, да почести со по 100 евра за секој вработен, но тоа е честење, а не зголемување линеарно, тоа никаде го нема“, реагира Неделков.

Функционерски плати

Минималецот се зголемува во период на тензии околу платите на функционерите,кои со одлука на Уставниот суд од денеска треба да се исплаќаат енормно повисоки, односно дури до 78% повеќе. Јавноста е бесна откако стана јасно дека функционерите од централната, локалната власт, вработените во судството, ќе добиваат енормно повисоки плати откако Уставен суд укина два члена со кои се овозможи пресметка со волку висок коефициент.

Тензии околу функционерските плати по одлуката на Уставниот суд Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Критиките не ги смируваат ниту најавите дека ќе се оди на решение со законски измени да се намали коефициентот врз чија основа ќе се утврдуваат платите на функционерите. Тоа го најави и Владата, од каде соопштија дека одлуката на Уставен суд е конечна и треба да се почитува, но оти тоа не значи дека функционерите ќе добијат покачување од 78% како што се шпекулирало во јавноста. Оттаму најавија дека прават анализи да го намалат коефициентот за пресметка на платите, но нема објаснување што ќе значи тоа во пракса и за колку проценти ќе им пораснат платите. Решението допрва би се барало преку поинаква, пониска формула односно коефициент, преку закон во парламентот.

Смислено сценарио?

Дел од синдикатите кои ја бијат битката за платите се сомневаат во еден вид смислено сценарио за смирување на страстите, но и демотивирање на синдикатите во барањето за реално зголемување на сите плати во државата, паралелно со минималецот:

„Револтот од ова што го гледаме е голем, сега слушаме владата прави некој филм, еве велат ќе предложеле закон во Собрание и да се намали коефициентот, но што имаме ние од тоа. И дали поради тоа ние треба да молчиме? Дека со посебен закон ќе се оди, оти не може да се оди против одлука на Уставен суд? Ќе се предлага нов закон и ќе си изгласаат закон со нов коефициент, но пак велам, што имаме ние и да го направат тоа, ништо“, реагира во изјава за Дојче веле Маријан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.

Синдикатите, според него, немаат против функционерите да земаат повисоки или малку повисоки плати, но само доколку прифатат решение за плати на работниците како што заслужуваат:

„Верувајте, немаме против функционери да земаат и по 5 000 евра плата, ама нека им дадат и на работниците плати како што заслужуваат , а не вака да се прави урамниловка. Нека дадат за сите како што треба. А не вака да се обидуваат да не извозат и ние да треба да молчиме. Да ни порачуваат дека еве ние не бараме, ама и вие не барајте. Тоа нема да помине“, реагира Ристевски.

Општ колективен договор

Проблемот според него дополнително го усложнуваат состојбите со некои од останатите дејности каде веќе паднаа договори за повисоки плати, но не по принципот кој го посакуваат сите инволвирани:

„Полицијата и здравството на некој начин си средија, но што е со останатите. Затоа велиме дека треба системско решение. Оти вака е само урамниловка. Проблем е на некои да даваат, а на некои не. Општ хаос е. Но ајде да видиме, на 6 април во влада имаме дефинитивно средба на економско социјален совет на која ќе треба да ни кажат и за платите и за општиот колективен договор со кој треба да се направи методологија за платите. Вака е општ хаос“, реагира Ристески.

Во приватниот сектор не се очекуваат проблеми при исплатата на минимилецотФотографија: Micha Korb/picture alliance/dpa

Приватниците без избор

За разлика од јавниот сектор, работите во приватниот сектор се поедноставни. Барем во делот на примената на законското решение. Притисокот постои, но само со она што го пределува законот, за задолжително почитување на обврската за поместување на минималецот. Стопанствениците велат дека во услови на криза можеби ова не е најсреќното решение, но немаат друг избор освен да го почитуваат:

„Мислам дека за исплатата на минималната плата овој пат нема да има проблеми, затоа што во суштина оваа минимална плата не е помала од онаа што беше на ниво од 18.000 денари, туку само е усогласување со инфлацијата. Минималната плата во овој момент е 59% од просечната плата, за разлика од лани во март кога беше 62% од просекот. Инаку да, проблемот е дали работодавачите ќе можат истиот процент на пораст да го употребат за зголемување и на останатите плати. За жал, оние кои нема да можат тоа да го направат ќе мора да покачуваат линеарно, по две илјади на секого на пример, како што се предлага во јавниот сектор, но прашање е дали секој тоа и ќе може да си го дозволи, оти сепак е криза“, вели за Дојче веле Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

Проблем со работници

Платите според него се сериозен проблем за македонското стопанство, но уште поголем е оној со работната сила:

„Видете, во каква ситуација сме дојдени, што сакале или не, платите мора да одат нагоре ако сакаме да обезбедиме доволно работна сила за да ја задржиме оваа економија. Така што мора да се прават услови за повисоки плати, за да има кој да работи. Од друга страна приватниот сектор мора да го почитува законот оти има и казни, а и работниците се охрабрени, проверуваат и пријавуваат во инспекции. На крај на краиштата, добрите работници имаат доволно можности да бираат кај кого ќе работат, кај оној што го исполнува законот или кај оној што не го исполнува. Многу скоро ќе станеме сведоци на трка за подобри работници“, укажува Димитров.

Социјална правда и правичност

Методологијата за пресметка на минималната плата падна во договор на Владата и синдикатите. Од Владата велат дека ова бил единствениот исправен пат и начин за обезбедување социјална правда и правичност:

„Нашата определба беше и така се спроведе, да донесеме системско решение кое нема да калкулира со политичката волја на која било политичка партија, ниту од волјата на поединци, ниту од политичкиот маркетинг, кој станува доминантен пред или за време на избори. Нема политички калкулации“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Со утврдената методологија во дијалог со работодавачите и синдикатите, поместувањето односно зголемувањето на минималецот треба да се одвива секоја година во март согласно статистичките податоци кои се објавуваат од страна на Државниот завод за статистика. Или конкретно, според формулата 50% од порастот на трошоците за живот, односно 50% од порастот на просечната плата од измината година.

Трошоци на живот

Од 2016 година минималната плата претрпе повеќе измени. Пред седум години минималецот изнесуваше 10.080 денари. Денес тој изнесува 20.175 денари и е со тенденција и натаму да расте.

Статистички, или пресметковно со трошоците на живот пресликани во синдикалната кошничка, минималната плата не е доволна ниту за половина месец за потребите на едно четиричлено семејство. За да се истурка месецот според пресметките на синдикатот, потребни се две ипол минимални плати, или нешто помалку од една минимална и една просечна плата која во моментов изнесува неполни 34.000 денари.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми