Минималната плата во менгеме меѓу цените и можностите
28 јануари 2026
Овој протест не е за „ако имаш време па ќе дојдеш“, не е ниту за „чекај сега, кај најдоа да протестираат во 17 часот, ќе биде темно и ладно, може и ќе врне, може друг ќе протестира па ќе завршат работа“. Овој протест е за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први, а кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно со тебе.
Вака во отворено писмо претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов ги повика работниците на денешниот протест (28.1), опишувајќи го како „денот кога зборуваат работниците“. Како причини за протестот наведува „понижувања од газдите и властите“, протест против неправдата („тие да имаат, вие да немате“), можноста работниците „да бидат заменети со евтина работна сила од странство“, но и главната причина.
„Овој протест е затоа што одбиваат да ја зголемат минималната плата, а со тоа Ве принудуваат да живеете во сиромаштија, затоа што повеќе од 200.000 работници имаат плата под 31.200 денари, односно под прагот на сиромаштија во Македонија“, напиша Трендафилов.
Минималната плата во Македонија е 24.379 денари (397 евра). ССМ бара 600 евра минимална плата и зголемување од по 100 евра на сите останати плати. Темата отвори многу аспекти - од тоа дали и колку продуктивноста го следи растот на платите, до тоа колку трошоците за труд стануваат превисоки за работодавачите.
Колку е минимална минималната?
Минималната плата во Македонија најчесто ја следат епитетите „претпоследна“ или „најниска“ во регионот, според номиналната вредност. Податоци на Евростат од јули 2025 година, покажуваа дека Македонија според висината на минималната плата е пред Албанија а зад Црна Гора и Србија (БиХ и Косово не се вклучени во анализата), но поинаква слика се добива кога ќе се земе предвид паритетот на куповната моќ. Тоа е стапка на конверзија на валутите за елиминирање на разликите во нивото на цените изразувајќи ја вредноста за истото количество и за истите стоки и услуги купени во различни држави со различни валути. Кога висината на минималната плата ќе се „преведе“ според паритетите на куповна моќ, а не само според номинална вредност, Македонија е рамо до рамо со Црна Гора, а предничи пред Србија и Албанија.
„Нееднаквостите во минималните плати се значително помали по прилагодувањето за разликите во нивоата на цените“, оценува Евростат.
На овој аспект укажуваат и економски експерти - дека анализата на минималната плата треба да се прави од повеќе аспекти, а не изолирано како апсолутна бројка: не е важно само колку средства се добиваат како плата, туку и што во продавниците и на пазарите може да се купи со нив.
Крпен живот со скапа кошница
Токму таа тема е во фокусот на синдикалците. Од ССМ потенцираат дека цените и нивниот раст носат само крпен живот. Ја посочуваат вредноста на Синдикалната минимална кошница, која за јануари 2026 година изнесува 66.413,00 денари, а споредено со истата за месец декември 2025 година (65.492) е зголемена за 921. Со изнајмен стан од 60 квадрати минималната кошница за јануари изнесува 81.788 денари.
Од ССМ го коментираат и податокот на Државниот завод за статистика, според кој во 2024 година, стапката на сиромашни лица во Република Северна Македонија изнесувала 21.9%. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца била 17.1%, со годишен еквивалентен приход од 374. 400 денари.
„Прагот на сиромаштија е утврден на 374.400 денари годишно, односно околу 6.100 евра годишно. Тоа значи дека едно четиричлено семејство месечно треба да располага со најмалку 31.200 денари за да не се смета за сиромашно. Владата смета дека минималната плата треба само да се усогласи за околу 25 евра и истата да изнесува околу 26.000 денари или за 5.200 денари под прагот за сиромаштија. Тие сакаат работниците да одат на работа, а да се сиромашни“, реагираат од ССМ.
Оттаму порачуваат дека инфлацијата не ја создаваат ни работникот ни минималната плата, туку лошите политики, слабата контрола и дозволените екстра-профити.
Енормни профити – замислена категорија
Има ли такви екстра - профити?
„Енормните профити се само замислена категорија бидејќи и од завршните сметки - податок што лесно е достапен преку Централниот регистар и секој може да го види - се гледа дека во многу мал процент македонските компании остваруваат профит и врз основа на тоа и го плаќаат данокот“, вели претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, во која преку здружени асоцијации членуваат речиси 8.000 компании, најголемиот дел микро и мали.
Според Бошков, за Бизнис-конфедерацијата е прифатливо зголемување на минималната плата во март преку усогласувањето со законот, а секое друго зголемување, без олеснети давачки за социјалните придонеси, ќе биде голем товар за стопанството.
„За да можеме да покачиме повеќе, како што бараат синдикатите, во интерес и на работодавачите, и на граѓаните, и на работниците - е покачувањето од 6.000 денари да биде ослободено од социјални придонеси и оптоварено само со персоналниот данок, и тоа во сите сектори. Дополнителните барања и дополнителните 100 евра што ги сметаме како линеарно покачување навистина сериозно со овие услови, без олеснети давачки за социјалните придонеси, би биле голем товар за стопанството, не само за микро, малите и самостојните вршители на дејност туку и за сите компании, бидејќи станува збор за голем товар, кој не е само 6.000 денари, односно со социјалните придонесот е оптоварен со уште 4.500 денари“, вели Бошков.
Според него, економијата, особено приватниот сектор не може да си го дозволат тоа покачување.
„Категорично кажуваме бидејќи, без оглед на позитивните показатели за зголемување на БДП, сепак станува збор за поделена економија на големи и мали, особено малите кои се 98 проценти од економијата, не може драстично да прават исчекор во зголемување на и така големите трошоци за работење на компаниите“, укажува Бошков.
Продуктивноста каска
Во најголем број сектори, порастот на продуктивноста досега заостанува во однос на порастот на платите. Пораст на платите кој е поголем од порастот на продуктивноста се очекува да води кон сигурен пораст на цените на производите, што пак се очекува да ја подгрее инфлацијата.
Експерти предупредуваат дека има сектори кои тешко би го поднеле зголемувањето на минималната плата, меѓу кои земјоделието, текстилната, чевларска индустрија и голем број занаети. Тоа може да резултира со непосакувани, а досега веќе видени исходи: под притисок на зголемените трошоци некои да почнат да отпуштаат работници, или пак дел од платата да ја исплаќаат „на рака“, со што најмногу ќе се „инвестира“ во сивата економија.