Судир на аргументи меѓу ССМ и Владата за минималната плата
19 ноември 2025
Синдикатите против Владата – кој е во право?
Деновиве повторно се отвори дебатата околу растот на минималната плата. Министерот за економија Бесар Дурмиши предупредува дека брзите и економски неоправдани зголемувања би ги погодиле малите компании, предизвикувајќи отпуштања и инфлаторни притисоци. Од друга страна, ССМ излезе со анализа која го покажува спротивното.
ССМ: Зголемувањето на платите носи нови фирми, не затворања
„Зголемувањето на минималната плата не придонесува за затворање на компаниите, туку создава услови за развој и отворање нови работни места“, велат од синдикатот. Според нив, тврдењата дека растот на платите води кон колапс се невистинити, а статистиката од Централниот регистар го потврдува тоа:
- 2022: Минимална плата од 15.194 → 18.000 денари; 7.062 нови фирми, 5.694 затворени.
- 2023: Минимална плата од 18.000 → 20.175 денари; 7.062 нови фирми, 3.372 затворени.
- 2024: Минимална плата од 20.175 → 22.567 денари; 6.627 нови фирми, 2.891 затворени.
„Овие бројки докажуваат дека растот на платите е придобивка, а не закана за економијата“, нагласуваат од ССМ.
Анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници, покажува дека работниците во земјата сметаат дека минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра.
„Работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот, а Владата е должна да ја поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците“, велат од ССМ.
Владата бара балансиран пристап
Министерот Дурмиши на седницата со пратенички прашања во вторникот(18.11) истакна дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но одлуката мора да се базира на трипартитен договор и економски параметри. Дурмиши предупреди дека брзите и економски неоправдани зголемувања на минималната плата би ги погодиле најмногу малите компании, предизвикувајќи отпуштања и дополнителни инфлаторни притисоци.
Минималната плата се пресметува според формула која вклучува - 50% раст на просечната плата, 50% раст на трошоците за живот и минимум 57% од нето просечната плата. Според Евростат, Северна Македонија е на средно ниво во регионот – пред Албанија, Србија и Бугарија, но зад Хрватска и Словенија.
Премиерот Христијан Мицкоски, во пресрет на седницата на Економско-социјалниот совет, најави дека минималната плата ќе се зголеми согласно закон во март, а дали ќе има интервентно зголемување ќе зависи од договорот меѓу синдикатите и работодавачите.