1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се крчка амнестија само за лесни кривични дела

ДТЗ
13 септември 2023

Измените на Кривичниот законик стапуваат на сила, а се крчка и амнестија на осудените до 6 месеци. Што ќе донесат ваквите промени?

Министерство за правда
Министерството за правда предлага амнестија само за лесни кривични делаФотографија: DW/P. Stojanovski

Додека во јавноста се уште траат полемиките околу измените на Кривичниот законик, дел од нив осум дена по нивното објавување во Службен весник, стапуваат на сила. Надлежните тврдат дека од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се усогласување со европското законодавство.

Во меѓувреме Министерството за правда поднесе предлог закон за амнестија по скратена постапка, за целосно ослободување за казна затвор до 6 месеци, но тврди дека ќе нема амнестија за тешки кривични дела. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека преку демократски алатки опозицијата ќе го блокира новиот законот за амнестија кој го подготви власта.

Критики 

Додека опозицијата и дел од експертската јавност ги критикуваат измените во Кривичниот законик, премиерот Димитар Ковачевски во средата (13.09) застана во нивна одбрана и тврди дека се во согласност со европското законодавство, особено со тоа во Германија и Словенија. 

„Со која ЕУ се консултирал Ковачевски? Додека тој даваше изјава, тие ги осудија измените во Кривичниот законик“, му возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата реакција следи откако портпаролката на Европската комисија задолжена за соседство, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро за МИА изјави дека Северна Македонија се обврзала да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, соодветни и разубедувачки. 

„ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените во Кривичниот законик усвоени во забрзана постапка од Собранието со кои се намалуваат максималните законски казни и се предизвикуваат импликации врз примената на принципот на застареноста, влијае врз голем број случаи на корупција на високо ниво', наведува Писонеро.

Што ќе донесат законските измени на КЗ? 

Суштината на законските измени коишто од 14 септември стапуваат на сила е во трите члена: 32, 33 и 34, а 27 члена се однесуваат на справување со незаконска трговија со огнено оружје, криминал, замрзнување и конфискација на предмети и имот, еколошки криминал, но овие законски измени ќе стапат во сила по шест месеци. 

За експертската и поширока јавност најспорени беа измените кои се однесуваат на „злоупотреба на службената положба и овластувања“ (член 353) и „злосторничкото здружување“ (член 394), со чие усвојување се намалија пропишаните казни за двете кривични дела, се воведе горна граница на максималната казна и се овозможи порано застарување на делата. Измените беа експресно донесени во Собранието, што побуди интерес и кај Европската комисија, а се анализираат и од Американската амбасада во Скопје. 

Стапувањето на сила на овие измени ќе донесе и застарување на дела во предмети на СЈО како „Таргет-тврдина“, „Тендери“, „Титаник“, „ТНТ“, „Талир“, „Траекторија“. Во сите предмети ефектирани од измените се опфатени над 80 лица.

Амнестијата треба да ги растерети затворитеФотографија: Petr Stojanovski

Амнестија за лесни кривични дела 

Што се однесува до амнестијата за полесни кривични дела, Министерството за правда информираше дека подготвило нов предлог закон по скратена постапка, кој предвидува  ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела како и ослободување од затвор до 6 месеци. Целта на овој предлог закон е да се намали бројот на затвореници поради пренатрупаност во затворите.

Овој предлог закон ќе се разгледува на наредната седница на Влада. Со законот се предлага ,лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. „Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда“, информираат Министерството за правда.

Народниот правобранител, Насер Зибери смета дека амнестијата и намалувањето на затворските казни за 30 отсто е само еден од начините за намалување на прекубројноста во затворите, посебно во Идризово и се крајно загрижувачки. „Затоа ние сметаме дека идеата сторителите на кривични дела од помал интензитет и со пониски казни можеби е добро што ќе бидат опфатени со амнестија, но алтернативните мерки секогаш ги потенцираме како начин за надминување на проблемите со прекубројноста во затворите“, изјави тој во средата во Штип. 

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за злоупотреби и несовесно работење и слично. 

Амнестијата не се однесува и за кривични дела  како разбојништво, измама на штета на средства на ЕУ, перење пари, поткуп...Таа не се однесува ниту на лицата кои ги извршиле делата по 1 септември 2023 година, ниту за избрани и именувани лица, како и на осуденици за кои се распишани потерници.

 

Вицепремиерката Славица Грковска се согласува со членот за проширената конфискација, а за другиот дел од Кривичниот законик изрази резерваФотографија: Reg. Nordmazedonien

Дилеми во јавноста 

Измените во Кривичниот законик ги подгреаја шпекулациите дека тие се резултат на политички договор меѓу власта и опозицијата. Премиерот Ковачевски тврди дека не се направени за никого, туку за подобрување на системот, бидејќи досега дела застарувале со децении, а нелегално стекнати имоти никогаш не биле конфискувани. 
За вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, забелешките и коментарите на САД и ЕУ во врска со изгласаните измени на Кривичниот законик ќе бидат од суштинско значење.

„Јас кажав дека членот за проширената конфискација е на мојот кабинет, а за другиот дел од Кривичниот законик изразив резерва. САД се наш стратешки партнер и за мене ќе биде суштинска нивната забелешка и коментар за овие измени. Истото важи и за забелешките на ЕУ“, изјави во средата (13.09) .

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми