1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министрите на ДУИ ги депонираа оставките

ДТЗ
1 август 2023

Оставките треба да се активираат веднаш штом опозицијата ќе гласа за уставни измени. Но, ВМРО-ДПМНЕ смета дека постапката на министрите на ДУИ е политички маневар.

Влада седница
Министрите од редовите на Демократската унија за интеграција ги потпишаа оставките и ги доставија до премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Министрите од редовите на Демократската унија за интеграција ги потпишаа оставките и ги доставија до премиерот Димитар Ковачевски. Вицепремиер Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерот за финансии Фатмир Бесими ваквата информација ја споделија на социјалните мрежи, објавувајќи фотографии од потпишувањето на документите кои се доставени во Владата. „Европската иднина пред сѐ“, порачаа министрите на ДУИ.

Условени оставки

Станува збор за условени оставки кои ќе стапат на сила по изгласувањето на уставните измени, за што се очекува да се добие поддршка од опозицијата. Тоа се потенцира и во текстот на оставките коишто министрите го споделија со јавноста. 

„Како носител на важна јавна функција, свесен дека благосостојбата на нашите граѓани и нивната иднина несомнено припаѓа во големото европско семејство, имајќи го предвид именувањето на политичкиот субјект на кој му припаѓам и кој начелно се залага за интеграцијата на земјата како во НАТО и ЕУ, така и за блиски и продлабочени односи со САД, имајќи го предвид непристојниот услов на опозицијата за да ги изгласа уставните измени во Собранието, свесен за важноста  на интеграцијата и достоинствената иднина на Република Северна Македонија, почитуван претседател на Владата, Ви ја поднесувам мојата оставка од функцијата министер, која ве молам да ја активирате во моментот кога опозицијата ќе гласа за предложените измени во Собранието и тие ќе стапат во сила“, е наведено во оставките.

Ваквиот потег го најави лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 30 јуни. Оставките би требало да се активираат веднаш штом опозицијата ќе гласа за уставните измени. Ваквиот потег следи по барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се формира влада без ДУИ. И претседателот на Собранието, Талат Џафери, во интервју за МИА во понеделникот (31.07) беше дециден дека ќе се повлече, ако тоа го сторат и неговите сопартијци од министерските позиции. 

Политички маневар

За ВМРО-ДПМНЕ, оставките нa ДУИ се политички маневри. Во гостување на ТВ Алфа во понеделникот (31.07), опозицискиот лидер Христијан Мицкоски порача дека опозицијата не гледа сериозно на ваквиот потег, бидејќи за нив единствена опција се предвремени избори.

За ВМРО-ДПМНЕ, оставките нa ДУИ се политички маневарФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Оставките на ДУИ не треба да се гледаат сериозно. Постапките немаат суштина и тие велат оставките ќе важеле кога опозицијата ќе гласала за уставните измени. Оставките тогаш ќе биле ефективни. Формално такво нешто не постои. Такво нешто правото, процедурите не познаваат...,“ рече Мицкоски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми