1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

ЕУ-министрите во Киев: Повеќе од чиста симболика

Андреа Бер (АРД)
3 октомври 2023

ЕУ цврсто ја поддржува Украина – тоа треба да сигнализира посетата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Киев. Разговарано е и за конкретни точки, како безбедносни гаранции и соработка во одбранбената индустрија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставникот на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел во Киев
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставникот на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел во КиевФотографија: Josep Borrell Fontelles/X

Оддавање почит на Украинците загинати по 2014 година во војната, која Русија прво ја започна во источниот дел од Украина: претставникот на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, заедно со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, застанаа пред ѕидот со долга листа имиња во центарот на Киев. На него се безбројни фотографии на загинатите, меѓу нив и доброволци од Белорусија.

Знак на силидарност

Неколку часа подоцна двајцата повторно стоеја заедно, на завршната конференција за новинарите во Киев. Средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ е важен знак на солидарноста која трае веќе долго, истакна Борел, дополнувајќи дека безбедносните прашања биле централна тема на разговорите и со украинскиот претседател Володимир Зеленски  и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.

Дискутиравме за безбедосни гаранции кои можеме да ѝ ги понудиме на Украина и за долгорочниот начин на поддршка на Украина, што ќе ѝ помогне да се спротистави на агресијата  и дестабилизацијата од страна на Русија, изјави Жозеп Борел.

Постојат повеќе аспекти, на пример воениот, објасни Борел. Притоа, земјите-членки на ЕУ треба да се договорат околу повеќегодишна финансиска рамковна поддршка. Во следните месеци е предвидена обука на дополнителни 40.000 украински војници, вклучувајќи и за модерни борбени авиони, потенцираше Борел. Планирана е и потесна меѓусебна соработка на украинската и  европската одбранбена индустрија.  Минатата недела, рече Борел, во оваа насока на конференција во Киев е направен првиот важен чекор.

Министрите за надворешни работи на ЕУ во Киев - ЕУ цврсто ја поддржува Украина, треба да сигнализира посетата Фотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Кулеба: Преговори за пристап кон ЕУ до крајот на годината

И украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во неформалната средба гледа повеќе од чиста симболика, а со тоа и сигнал кон Русија дека Украина и нејзините партнери се единствени и сплотени, додека Русија продолжува да го форсира и шири наративот на поделби. На агендата бил и пристапот на Украина кон ЕУ. Украина е кандидат за членство во ЕУ и Кулеба смета до крајот на годината да отпочнат и пристапните преговори. Во тој контекст, шефот на украинската дипломатија постојано ги подлекуваше слогата и поврзаноста со ЕУ.

„Сеедно какви ситуации и да настанат, ќе најдеме секогаш решение“, рече Кулеба, укажувајќи дека најголемото очекување на Путин е „Западот и светот да се изморат во давањето поддршка на Украина во оваа војна“. Во тој контекст Кулеба ги спомена огромните ресурси кои Русија ги става на распогање за таа цел.

Бербок: Средбата е сигнал кон Москва

И оценката на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок е дека средбата во Киев е еднозначен сигнал кон Москва. Со оглед на претстојната зима, Бербок повика на создавање зимски заштитен штит за Украина, кој ќе вклучи воздушна одбрана и заштита на критичната инфраструктура, но и испраќање повеќе генератори и помош во снабдувањето со енергија. Бербок попладнето го посети комеморијалниот споменик Бабин Јар, каде германски полицајци, припадници на СС-силите и на Вермахтот во септември 1941 година во само два дена ликвидирале околу 33.000 Евреи. За време на окупацијата на Киев, Германците на теренот на Бабин Јар убиле вкупно најмалку 100.000 луѓе. Меѓу нив биле и припадници на Црвената армија, луѓе со психички болести од блиската психијатриска болница и припадници на Ромите во Украина. И во Украина во изминатиот викенд беа одржани комеморации во спомен на геноцидот извршен од германските националсоцијалисти во Бабин Јар.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми