1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПалестински територии

Мир за Газа? – Германија и новиот почеток на Блискиот Исток

17 октомври 2025

Германија нема да распоредува војници, ако има меѓународна мисија за обезбедување на мирот во Појасот Газа, но владата во Берлин сака да биде вклучена во обновата на крајбрежната област.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц со папка во раката се симнува од авион
Канцеларот Фридрих Мерц пристигнува на самитот за Газа во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври 2025 годинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Канцеларот Фридрих Мерцминатиот понеделник отпатува во египетското одморалиште Шарм Ел Шеик на самит со повеќе од 20 шефови на држави и влади. Тој остана само неколку часа, за да биде присутен кога американскиот претседател Доналд Трампго потпишуваше договорот за можен мир во војната на Блискиот Исток со лидерите на Египет, Турција и Катар. И за една брза фотографија со американскиот претседател.

Канцеларот даде кратка изјава за новинарите и ја скицираше улогата на Германија во уредувањето на иднината, особено во опустошениот Појас Газа, односно можната улога, со оглед на тоа дека повеќето детали од мировниот план на Трамп од 20 точки, сè уште се нејасни. Дури и во деновите што претходеа на успешното ослободување на последните преживеани израелски заложници во Појасот Газа, Мерц јасно стави до знаење дека не е планирано распоредување на германски војници како дел од меѓународна мисија за стабилизација. Претставата германски војници во иднина да соочат со израелски војници, за многу германски политичари е застрашувачка, колку и да е теориска. 

Палестинците се враќаат во разурнатите домови во Појасот Газа по почетокот на прекинот на огнотФотографија: Doaa Albaz/Anadolu Agency/IMAGO

Наместо тоа Мерц порача дека „Германија ќе го даде својот придонес. И ние пред сè гледаме хуманитарна обврска, во претстојните денови и недели да сториме сè за на луѓето кои сè уште живеат таму, да им биде обезбедена доволно медицинска помош“. На луѓето во Газа сега им е пред сè потребен покрив над глава, вода и медицинска помош, рече Мерц.

Замрзнати средства за реконструкција

Уште кога стана очигледно дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп почнува да се оформува, барем во однос на првите точки, во Берлин започна бурна дебата околу тоа колку германската влада планира да помогне. Мерц уште за време на викендот вети дополнителни 29 милиони евра за итната хуманитарна помош. Тоа е прилично мала сума, во однос на потребите. Во неделата вечер, германската министерка за развој Рем Алабали Радован (СПД) соопшти дека Германија во секој случај може да обезбеди троцифрена милионска сума за обновата во Газа. Политичарката од редовите на СПД рече дека пари има и дека многу програми биле замрзнати откако исламистичката терористичка организација Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година. 

Колку е точната сума, портпаролот на министерката во понеделник не можеше да наведе. Владата првично сака да испрати 50 привремени засолништа за околу 350 луѓе во Газа.

Германската министерка за развој, Рем Алабали Радован, вети трицифрена сума во милиони долари за ГазаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Донаторска конференција, веројатно во Каиро

Се чини извесно дека заедно со Египет, Германија во претстојните недели ќе биде домаќин на донаторска конференција за Газа, веројатно во Каиро. И тоа било договорено уште предослободувањето на заложниците, но сега се разбира станува сè побитно.

Владата во Египет уште пред неколку недели претстави план за реконструкција на во голема мера уништениот крајбрежен појас на Средоземјето, во кој се наведува сума од околу 53 милијарди долари - парите што треба да се обезбедат од многу извори: од арапски и европски држави, но не и од САД. Тоа Доналд Трамп јасно го стави до знаење при посетата на Израел.

Спор околу испораките на оружје за Израел

Колку се несигурни и неопределени преостанатите делови од мировниот план - разоружувањето на исламистичката терористичка група Хамас - станува јасно и ако се фрли поглед врз некои дебати во рамките на коалицијата од Конзервативци и Социјалдемократи во Германија. Баварската сестринска партија на ЦДУ, ЦСУ, односно најмалиот од трите коалициски партнери, побара од канцеларот Мерц, по ослободувањето на заложниците да ги прекине сите санкции и ограничувања против Израел. „Санкциите мора да се укинат, ограничувањата мора да се укинат, предупредувањето за патување мора да се укине - и сето тоа веднаш“, рече шефот на фракцијата на ЦСУ, Александар Хофман, за најголемиот германски таблоид „Билд“ во вторникот неделава. Лидерот на партијата, Маркус Зедер, исто така сака повторно да се испорачува оружје за Израел.

Мерц на 8 август одлучи дека веќе нема да се испорачува воена опрема за Израел што може да се користи и во Газа. Во тоа време суровото постапување на израелската армија и против палестинското цивилно население, беше причина за ова. Пратеникот од демохристијанската ЦДУ, Штефен Билгер, го формулираше тоа помалку драстично, имено дека ако мирниот развој продолжи, може да се разгледа повторната испорака на оружје. Мерц пак, според извори од политичките кругови во Берлин, е за тоа и натаму да се одржи забраната за извоз, сè додека ситуацијата е толку нејасна. Социјалдемократите го поддржуваат во тоа.

Мерц сака брзо јасни структури во Појасот Газа

Канцеларот за почеток сака да се погрижи да биде искористена актуелно позитивната динамика по ослободувањето на заложниците и прекинот на огнот. За отворените прашања, како на пример прецизното воспоставување меѓународна контрола врз Појасот Газа, сега треба да биде постигната јасност, порача Мерц од Потсдам за време на посетата на покраината Бранденбург. „Не сакам за половина година повторно да седам во истата рунда, а потоа да мора да се прашуваме „Што тргна наопаку?“ Тоа не смее да се случи“, рече Мерц.

Можеби притоа ја имал предвид загриженоста на сите меѓународни набљудувачи : дека, имено, ветеното разоружување на Хамас нема да успее.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми