1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураЕвропа

Мирисот на книгата и „менталната библиотека“

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
27 април 2026

Мирисот е најефемерното, но и најсилното сетило на човекот, кое е во состојба да го повика одамна изминатото време. Тој мирис на книгите, на литературата, никогаш нема да биде загрозен од дигиталната техника.

Дури и ако еден ден повеќе не постојат печатени книги, читателите и понатаму ќе ги меморираат мирисите во своите внатрешни, ментални библиотеки.Фотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Оваа пролет во келнските паркови и градини долго останаа свежи и силно миризливи белите цветови на глогот. Долго време не го познавав како билка, освен како шифра за сеќавањето од „Потрага по изгубеното време“ на Марсел Пруст. Глогот е лековита билка која цути со раскошни бели цветови. Не е чудно што е благопријатен за срцето.

Кога го читав описот на глогот кај Пруст, уште не го познавав оној на реалниот цвет. И денес се прашувам што мирисам кога, како вчера, поминувајќи крај густата зелена ограда на една стара црква во Келн, небаре бев пчела, не можев да престанам да се наведнувам и да го впивам сладникавиот мирис на белите цветови. Во нив веќе ги гледав страниците од книгата на Пруст.

Како писателка, се прашав: кој е мирисот на нашите книги? И дали успеваме да го вградиме обичниот мирис во нашето писмо толку силно, за тој да стане шифра за него, онака како што тоа е кај Пруст? Има писатели и поети во историјата на литературата кои имале дарба на синестезија – да ги „гледаат“ музичките тонови или да ги „слушаат“ боите.

Голем синестетичар бил сликарот Василиј Кандински, кој, кога ја нанесувал бојата, ја „слушал“ нејзината музика. Во еден период од неговото творештво музиката е принципот на неговата ликовна композиција, а не геометријата.

„Мирисот на зборовите“

За мене, пак, е фасцинантно да се „мирисаат“ зборовите, дури и кога не означуваат миризливи нешта. Сетилата на модерниот, уметнички и литературно образуван естетски вкус не се непосредни, зашто се веќе посредувани од тоа што сме го виделе, чуле и прочитале.

Колку сите од нас, што сме длабоко поврзани со уметноста, не сме во состојба непосредно да ги доживуваме нештата, без во нас како сеќавање да се јави сцена од некое литературно дело, е токму моето доживување на мирисот на расцутениот глог.

Приказна за една посебна библиотека

01:38

This browser does not support the video element.

Кај Пруст тој мирис има примарен квалитет, затоа што го потсетува на еден мајски украсен олтар во една црква. Но за мене Прустовиот „мирис“ на глогот стана речиси примарен и го барам во секој расцутен глог, каде и да се наоѓам.

Тоа говори колку длабоко влијаат на нас литературните дела, особено тие што сме ги прочитале во младоста, во обликувачките години. Но ни укажува и на тоа колку е значајно младинците да имаат пристап до квалитетна литература. Зашто може да се рече дека ние сме тоа што сме го прочитале.

Ние сме сите една бесконечна книга. Животот го доживуваме како бесконечна книга, а нејзиниот мирис е често оној од книгите кои најсилно нѐ допреле.

Од друга страна, друг е мирисот на самите книги – на нивната хартиена душа, на листовите и на хартиената обвивка. Тие со годините се менуваат, како сè што старее, добиваат особен мирис кој се нарекува „библиосмија“.

Тоа е мирисот на старите книги во старите библиотеки. Процесот на стареење на книгите понекогаш мириса на ванила, на ветер крај морето, на топол песок. Секогаш кога барам некоја книга во мојата библиотека, имам чувство дека во песокливиот мирис на рапавата, пожолтена хартија го допирам мирисот на воздухот во времето кога сум ја купила и положила на полицата.

Секако, тој мирис на книгата е за секого од нас поинаков, личен. Зашто покрај хемиската основа во старата хартија, ние во секој лист од старите книги го пронаоѓаме нашето доживување на времето во кое првпат сме ја прочитале таа книга.

Електронските книги немаат мирис

Трагичното во нашето време е што сè повеќе станува дигитално, па така и книгите сè повеќе се читаателектронски. Таа техника е стерилна и нема мирис. Не можеме да зборуваме за мирисот на „Киндлот“ во кој ги читаме електронските книги, но сепак и тогаш ќе ги поврзуваме со нивните наслови, описите, синестезијата на авторите.

Мирисот е најефемерното, но и најсилното сетило на човекот, кое е во состојба да го повика одамна изминатото време. Тој мирис на книгите, на напишаните зборови, на литературата, никогаш нема да биде загрозен од дигиталната техника. Зашто тајната на мирисот на книгите се состои во тајната на човечката фантазија и во тајната на човечкото сетило за мирис.

Тоа сетило е најтесно поврзано со делот од мозокот во кој се „складираат“ сеќавањата. Информациите за мирисите се испраќаат по најкус пат до лимбичниот систем, во центарот за чувствата и сеќавањата. Нервот за мирис води директно до амигдалата, која ги регулира чувствата, и до хипокампусот, кој е одговорен за сеќавањето.

Нови страници за книговезничарскиот занает

03:34

This browser does not support the video element.

Затоа не е чудно што овој физиолошки, медицински процес се нарекува „Пруст-ефект“. Пруст врз принципот на мирисите и сеќавањето ја изгради целата своја поетика и со тоа на литерарен начин ја дефинира природата на нашиот процес на сеќавање.

Дури и ако еден ден повеќе не постојат печатени книги, „Пруст-ефектот“ ќе остане едно од најсилните средства на литературата. Зашто читателите и понатаму ќе ги меморираат мирисите – како оној на расцутениот глог во мај – во своите внатрешни, ментални библиотеки.

Дури и дигиталната библиотека на иднината ќе мириса со сите значајни, магични, таинствени и метафизички мириси на нашите животи. Зашто мирисот ја крие и тајната на духот. Во христијанската теологија, присуството на Светиот Дух симболично се изразува со „благоухание“.

Најзначајните нешта во нашите животи ги паметиме според мирисот – тој на нашите мајки, на нашите љубени, на куќите во кои сме биле среќни. И на одаите и на книгите во нив, доколку сме имале среќа да поседуваме лична библиотека.

И секогаш кога се враќаме дома, знаеме дека сме дома и по мирисот на старите книги на полиците.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми