Мирисот на предвремени избори ги раздвижи партиите
1 јуни 2026
Партијата на Зијадин Села на конгрес се преименува во Албанска лига и нема намера да влезе во Владата, како што претходно се шпекулираше. Претседателот на Нова социјалдемократска партија (НСДП), Горан Мисовски, вчера од партиски конгрес упати критика дека државата се движи во погрешна насока, а неговиот коалициски партнер Венко Филипче повторно испрати повик за пристапување на партии и организации во Фронтот за слобода и правда што СДСМ неодамна го промовираше. ДУИ е исклучително активна на терен со изборни собранија во партиските ограноци, а поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, најави дека има планови да формира партија.
Според аналитичари, најавите дека идната пролет може да има предвремени парламентарни избори,очигледно ги мобилизира партиите да ги интензивираат активностите. Според нив, летото во принцип е „изгубен период“, па партиите сега ги поставуваат „шините“ за многу позасилени активности од септември, со цел до пролет да бидат подготвени и во подобра форма за изборен натпревар.
Повик за заеднички Фронт
Во моментов е евидентно дека опозициските партии се во засилена офанзива за зајакнување на редовите. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вчера потенцираше дека коалицијата и соработката со НСДП продолжува и понатаму, но сега и во нова форма - во Фронтот за слобода и правда.
„Во Фронтот ги повикуваме и сите други политички партии, не само овие кои што веќе го потврдија учеството, а се дел од сегашната коалиција, туку и другите политички партии, дури дел на коалициските партнери на сегашната криминална власт, затоа што тие знаат дека оваа власт не ја води државата како што треба“, рече Филипче.
Тој во Фронтот повика и граѓански организации, активисти, интелектуалци, млади, студенти и пензионери, со цел - на следните избори, без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни – Фронтот да ја врати власта во рацете на граѓаните.
„Ги повикуваме во Фронтот заеднички да се бориме против оваа криминална власт која што го пљачка и последниот денар од буџетот, додека тие уживаат и се богатат на сметка на граѓаните. Против оваа криминална власт која што земјата ја држи во изолација, а тие сите имаат бугарски пасоши во џебовите и против оваа криминална власт која што работи за туѓи интереси пред сè српски и руски интереси, сакајќи да останеме изолирани и слепо црево на Балканот. Тоа нема да им помине“, порача претседателот на СДСМ.
Подотовка за реконструкција
Раздвижувањето на политичката сцена се случува во период пред најавената реконструкција на Владата, која била и една од темите на првата седница на Централното собрание на ВЛЕН откако коалициските партнери се споија во еден партиски субјект.
„Една од темите на дискусија беше и реконструкцијата на Владата. Во таа насока беше отворена дебата за перформансите на носителите на јавни функции, со цел евентуалните промени да придонесат за поголема ефикасност, одговорност и побрза реализација на обврските преземени пред граѓаните“, соопшти партијата.
Копретседателите, Билал Касами и Изет Меџите се пофалија со духот на единството.
„ВЛЕН е едно. ВЛЕН се движи како едно. ВЛЕН победува како едно“, порача Меџити.
Според Билал Касами, на добра основа се оди кон подобра политичка застапеност на Албанците во земјата.
Албанска лига
Со ова не се согласуваат опозициските партии кои политикитe ги градат токму врз критика за уназадување на застапеноста и правата на Албанците. ДУИ ликува со фактот што не се оставарила најавата на првиот вицепремиер, Беким Сали, дека до крајот на минатата недела ќе биде донесен финалниот нацрт на решението со кое правосудниот испит ќе може да се полага на албански јазик.
„И за прв пат, ова се добри вести. Затоа што секое решение надвор од Законот за јазиците би било катастрофално. Очигледно, тие не се способни ни да донесат лоши одлуки “, коментираат од ДУИ.
Партијата е исклучително активна на терен, а Ахмети присутен на изборни собранија во партиските ограноци. Главниот наратив останува „важноста на зачувувањето на Охридскиот договор и загриженоста за неговите тенденции на ерозија во државните институции“. На оваа тема делегација на ДУИ предводена од Ахмети, пред неколку дена разговарала со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Конгресот на САД. Иако во соопштението се говори за „делегација од ДУИ“, на фотографиите од средбата е евидентно присуството и на Зијадин Села, претседател на едното крило од Алијанса за Албанците, кое најави дека ќе дејствува самостојно и одмна не е ни во Европскиот фронт, ни во коалицијата НАИ (и двете предводени од ДУИ).
Села вчера на партиски конгрес беше реизбран за партиски претседател, а партијата преименувана во Албанска лига. Тој ја отфрли можноста за влез во владата, (како што се шпекулираше минатиот месец) нарекувајќи го таквиот чин „вратата на срамот“ низ која Албанската лига нема да влезе.Најави дека партијата нема да седи со скрстени раце на тенденции за напаѓање на правата на Албанците и се заложи за Бадентеров принцип и во Уставниот суд. На сопратијците им најави многу работа - зајакнување на ограноците и создавање на структури со кои Албанската лига ќе стане силна.
Нова партија?
Во заднина на засилените активности на партиите, поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, преку колумна најави дека има планови да формира партија.
„Македонија е буквално распната на крстопат. Едниот пат води кон апатија, иселување и исчезнување. Другиот води кон правда, работа и нова надеж. Изборот е наш. Јас го избирам патот на борбата, вистината и надежта. Ги повикувам сите што ја сакаат Македонија да размислат, да се вклучат и да дадат свој придонес. Патриотизмот треба да ни биде обврска, а не парола. Ако не сега, кога? Ако не ние, кој?“, повика Костовски.
Тој побара коментари и сугестии за неговата идеја, но засега нема информација дали таа и колку таа идеја добила поддршка од граѓаните.