1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Мировен план: Додека Трамп молчи, Украина дебатира

Лилија Ржеутска
22 ноември 2024

На новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп според сопствени искази му требаат само „24 часа“ за да ја заврши војната на Русија против Украина. Многу Украинци пак стравуваат од „бавна окупација“.

Новозбраниот американски претседател Доналд Трамп
Новозбраниот американски претседател Доналд ТрампФотографија: Alex Brandon/AP/picture alliance

Доналд Трамп, победникот на претседателските избори во САД, сѐ уште нема претставено официјален план за запирање на руската војна против Украина. За време на предизборната кампања, уверуваше дека може да ја заврши војната „во рок од 24 часа“. Според наводите во медиумите, во моментов во рамки на неговиот тим се водат дискусии околу ова прашање.

Како што неодамна објави Вол Стрит Џурнал повикувајќи се на три извори блиски до Трамп, еден од плановите ќе биде Киев да гарантира оти најмалку во следните 20 години нема да се приклучи на НАТО. За возврат, Вашингтон ќе продолжи да испорачува оружје на Украина за да ја одврати Руската Федерација од натамошни напади.

Според весникот, сите предлози одат во правец на „замрзнување“ на војната, што би значело окупација на околу 20 проценти од украинската територија од страна на Русија. Повикувајќи се на свои извори, весникот Телеграф наведува дека Доналд Трамп како дел од неговите планови може да побара од европските и британските војници да обезбедуваат тампон зона од 1.300 километри меѓу армиите на Украина и на Руската Федерација.

„Украинците како топовско месо“

Во Украина веќе не се исклучува можноста САД да ѝ наметнат на земјата неприфатливи сценарија по инаугурацијата на Трамп, кои по „замрзнување на војната“ може да доведат до „бавна окупација“ на Украина од страна на Русија.

„Смешно е да се читаат оптимистички претстави за тоа како Трамп ќе ѝ постави рамки на Русија, ќе испорача оружје и ќе ја заврши војната“, пишува корисник со прекар „Dragonfly“ на социјалната мрежа X. „Имам чувство дека со неговата изборна победа ние веќе изгубивме. Неговиот метод е договор со агресор, терорист, лице кое врши геноцид и воен злосторник“, додава корисникот.

Корисничката на Фејсбук, Оксана Лисијак, исто така изразува негодување. „Клучната работа што луѓето не сакаат да ја разберат - или се преправаат дека не ја разбираат - е дека Путин не сака да ги има Украинците од братска љубов или нешто слично, туку како топовско месо и мравки работници за напад на европскиот бастион“.

Украинскиот новинар Андриј Херасим на Фејсбук пишува дека „Трамп ќе каже оти сè „средил“. Ќе престане да ја финансира Украина, а потоа ќе каже дека целата понатамошна одговорност е на Европа оти Украина е дел од Европа“.

Олексиј Копитко, воен експерт и поранешен советник на украинското Министерство за одбрана, смета дека „оптималната опција за нас е Европа се вразуми и да почне соодветно да ја финансира својата одбрана“. Тоа значи дека Европа треба да ѝ обезбеди на Украина праведна финансиска поддршка за нејзиниот „данок во крв“ и за запирањето на Русија. Јапонија и Јужна Кореја го направија истото, посочува тој на неодамнешната одлука на јапонските власти за дополнителен пакет помош. Тоа би создало основа за опстојување на трансатлантското единство, бидејќи тоа се вклопува во визијата на Трамп и ги намалува ризиците од европско договарање со Кина, вели Копитко.

„Со калкулатор во рака“

Поранешниот министер за надворешни работи на Украина, Володимир Охриско, бара пресврт во размислувањето. „За некои на Запад, ослободувањето од проблемите на сметка на Украина е најдобриот излез. Таквите циници околу Трамп ќе го охрабрат за ваквата опција бидејќи таа е наједноставната. Но, таквата идеологија мора да ја свртиме во спротивна насока и да му кажеме на Трамп: „Видете, ние Ви нудиме работи што се корисни за Вас, ќе заработите десетици и стотици милијарди долари со зајакнување на Украина“, вели Охриско на на украинската телевизија НВ.

Според него, Украина мора да преземе иницијатива и уште пред инаугурацијата јасно да му го објасни тоа на Трамп со „калкулатор во рака“. Охриско особено нагласува дека зголемување на помошта за Украина ќе значи и зголемување на средствата што остануваат во САД поради нарачки за одбраната. 

Дали ќе излезе равенката со суетата на Трамп?

Ихор Рејтеровиќ од Универзитетот Тарас Шевченко во Киев претпоставува дека Трамп ќе придонесе да се стави крај на војната и дека тоа ќе го стори под фер услови. „Две третини од неговите гласачи ја поддржуваат Украина во војната против Русија. Ако Трамп ѝ попушти на Русија, тоа ќе има крајно негативни реакции и меѓу неговите партиски пријатели“, смета Рејтеровиќ.

Средба на Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Трамп Тауер во септември 2024 годинаФотографија: Shannon Stapleton/REUTERS

Трамп зборува за „Голема Америка“, што значи враќање на геополитичкото влијание на САД адекватно на нејзината улога во денешниот свет, вели политикологот. Според него, суетата на Доналд Трамп би можела да биде адут за Украина.

Рејтеровиќ не исклучува дека тимот на Трамп сега намерно шири контрадикторни изјави за Украина и разни сценарија со цел да ја тестира реакцијата на Европа, Русија и Украина на можни предлози за ставање крај на војната.

„Имаме иднина со различни опции и секое сценарио може да се промени во секое време. Најмал заеднички именител им е дека Трамп дефинитивно сака да ја заврши војната. Се знае дека мора да има компромис, но до каде треба да оди сè уште е нејасно“, вели Рејтеровиќ.

Зголемена подготвеност за преговори

Со влошувањето на ситуацијата во првите редови на фронтот и намалувањето на ресурсите, сѐ поголем дел од Украинците постепено се премислува во однос на можноста за преговори со Русија. Анкета на Истражувачкиот центар Киев Разумков од септември го потврдува тоа. Есента 2023 година само 21 процент од испитаниците поддржувале преговори со Русија. Годинава се веќе 35 проценти. Социолозите сепак посочуваат дека релативно мнозинство од 48 проценти сѐ уште е против преговори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми