1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Мировен план за Газа: Најтешките прашања допрва претстојат

14 октомври 2025

Деталите на мировниот план што донесе прекин на огнот во Газа се нејасни – намерно, велат преговарачите. Многу прашања сè уште остануваат отворени, а одговорите имаат потенцијал да донесат мир или враќање на борбите.

Човек во црна кошула, црвено бела марама на главата во едната рака вее палестинско знаме а со другата покажува два кренатио прста. Зад него се гледаат и десетици други луѓе со палестински знамиња.
Во Газа се слави, но експертите предупредуваат дека ова е само првата фаза од мировниот план, чие целосно спроведување ќе потрае многу подолгоФотографија: Doaa Albaz/Anadolu/picture alliance

Нејасен и недефиниран: Експертите се согласуваат дека ова се најдобрите описи за планот за прекин на огнот што владата на САД го оствари во Газа со притисок врз Хамас и врз Израел.

Некои набљудувачи – вклучително и главните посредници – велат дека оваа нејаснотија е намерна и, всушност, неопходна за противниците, милитантната група Хамас од Газа и десничарската израелска влада, воопшто да се согласат на нешто. Други тврдат дека нејасните дефиниции значат дека премногу работи остануваат предмет за натамошни преговори и дека недостатокот на јасност може да доведе до обновени борби.

„Фактот дека Израел и Хамас се договорија за првата фаза од планот за прекин на огнот е важен прв чекор“, изјави за Дојче веле Хју Ловат, виш соработник за политика во програмата за Блискиот Исток и Северна Африка при Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР). „Сепак, прерано е да се зборува за мир и сè уште има значајни прашања и грижи кои ќе треба да се решат. ... Клучот за успешен прекин на огнот е дали плановите навистина можат да се спроведат и дали двете страни ќе се придржуваат до својот дел од договорот.“  

Прашањата за демилитаризација во Газа, предложените „меѓународни стабилизациски сили“, меѓународните гаранции и долгорочните намери на израелската влада сè уште се дебатираат, рече Ловат.

Дали Израел целосно ќе се повлече?

Појасот Газа е долг 41 километар и широк 10 километри, а по две години конфликт, израелската армија соопшти дека контролира поголем дел од крајбрежната енклава.

Мировниот договор спонзориран од американскиот претседател Доналд Трамп вели дека Израел нема да ја контролира или анектира Газа, и дека израелските трупи треба да се повлечат доколку израелските заложници бидат ослободени. Извештаите велат дека израелските трупи делумно се повлекле во изминатите неколку дена, а преостанатите живи заложници беа ослободени во понеделникот.

Првичното повлекување на војската е само до она што се нарекува „жолта линија“, граница во внатрешноста на Газа. На жолтата линија, израелската војска сè уште контролира околу половина од Појасот.

Според мировниот договор, израелската војска ќе се повлече уште подалеку откако ќе се исполнат други услови. Тие ќе се префрлат на „црвената линија“ откако ќе бидат распоредени „меѓународни стабилизациски сили“. Потоа, откако Газа ќе биде под контрола на нова преодна власт, тие ќе се повлечат уште подалеку. Во мировниот договор не е даден временски рок, па не е јасно кога сето тоа ќе се случи.

Тоа конечно повлекување би значело дека израелските трупи ќе се вратат на патролирање на тампон-зоната меѓу Израел и Газа што постои од почетокот на 21-от век. Израел тврди дека таквата тампон-зона е неопходна за неговата безбедност и ја прошируваше во текот на две децении. 

Тампон-зоната порано беше 300 метри од границата, но, во договорот за прекин на огнот од јануари 2025 година, зоната беше дефинирана како „на длабочина од 700 до 1.100 метри во Газа“, објави во март израелската непрофитна организација Гиша (Гиша), која се залага за слобода на движење на Палестинците.

Тоа е околу 17% од Појасот Газа и исто така би значело трајно уништување на заедниците во тие региони и загубен пристап до земјоделско земјиште, сметаат во Гиша.

Кои се „меѓународните стабилизациски сили“?

Точката 15 од мировниот план наведува дека СAD ќе соработуваат со арапски и меѓународни партнери за да распоредат „меѓународни стабилизациски сили“ (МСФ) во Газа.

Овие сили би соработувале со Израел и со Египет за обезбедување на границите на Газа, а исто така би требало да обучуваат и поддржуваат нова полициска служба во Газа.

Но, експертите од тинк-тенкот Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) со седиште во Вашингтон, кон крајот на минатата недела напишаа: „Создавањето на меѓународни стабилизациски сили од арапски и глобални партнери исто така се соочува со големи пречки. Освен ако не постои јасна согласност од палестинските елементи на терен (вклучувајќи го Хамас, кој се противи на идејата), тешко е да се замисли дека која било арапска сила ќе сака да распореди такви сили на терен.“

Портпарол на француското Министерство за надворешни работи им изјави на новинарите дека земјата е подготвена да придонесе кон МСФ; Германија соопшти дека ќе обезбеди средства за помош, но не и персонал за таквите сили. 

Египет ја изнесе идејата за вклучување на американски војници. На состанокот во Египет во понеделникот, кој собра дипломати и шефови на влади за да разговараат за прекинот на огнот, египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати за американската телевизија Си-Ен-Ен изјави: „Ни требаат американски чизми на теренот.“

Околу 200 американски војници веќе пристигнаа во Израел за да помогнат во формирањето на „цивилно-воен координативен центар“. Извештаите сугерираат дека тие нема да влезат во Газа.

Каква е иднината на Хамас?

Медиумите известуваат дека Хамас веќе ја презема контролата врз безбедноста во Појасот Газа. Според извештаи од Газа, борците на Хамас се борат против ривалските групи во Појасот, од кои некои наводно извршиле кривични дела како што е грабеж на хуманитарна помош, а некои биле поддржани од Израел.

Во авионот на пат кон Израел, Трамп им рече на новинарите дека неговата влада всушност му дала на Хамас „одобрение за одреден временски период“ да го стори тоа со цел да се избегнат поголеми социјални проблеми на уништената територија.

Мировниот договор зборува за целосна „демилитаризација на Газа“, но има малку детали за тоа. Набљудувачите посочија дека нема конкретни критериуми за тоа како треба да изгледа демилитаризацијата, ниту пак временска рамка за тоа. Тоа им дава можност на Израел и на Хамас да го одолговлекуваат процесот. На пример, Ловат од ЕЦФР вели дека Израел би можел да избегне повлекување до црвената линија сè додека не се постигне „целосна демилитаризација“, но никој не знае како тоа навистина би изгледало.

„Дури и ако раководството на Хамас го прифати барањето на Израел [за разоружување], многу од неговите борци веројатно би одбиле да го предадат оружјето и би можеле да преминат во потврдокорни групи“, напиша Ловат во анализата претходно овој месец. 

Денот кој го промени Блискиот Исток

02:23

This browser does not support the video element.

Други набљудувачи забележуваат дека Хамас е многу повеќе од само борбена група. Тоа е, исто така, политичка партија со идеологија заснована на спротивставување на израелската окупација на палестинските територии и веројатно ќе продолжи да постои како политичка сила.

Мировниот план се осврнува на палестинската државност и самоопределување. Но, повторно нема вистински детали за тоа како би можело да се случи тоа, а неутрализирањето на идеологијата на Хамас „ќе изискува поголема посветеност на Израел да се повлече од Газа и да се вклучи во израелско-палестинските мировни преговори“, рече Ловат.

Кој ќе обезбеди придржување до мировниот план?

Повеќето набљудувачи се согласуваат дека, бидејќи планот од 20 точки има толку малку детали, некој мора да ја преземе улогата да го направи поконкретен. 

„За да ја смири својата десна фракција и да го обезбеди сопствениот политички опстанок, Нетанјаху би можел да биде во искушение да ја продолжи војната против Хамас откако ќе бидат ослободени заложниците“, напишаа експерти од два тинк-тенка, Меѓународна кризна група и ЦСИС, во списанието Форејн Афеарс во минатата недела. „За навистина да се прекине оваа динамика, САД ќе треба постојано да вршат притисок врз Израел.“

Но, Емил Хокајем, виш соработник во Меѓународниот институт за стратешки студии, во британскиот весник Фајненшл Тајмс неделава предупреди дека, „планот би можел да пропадне доколку САД се заморат или им биде одвлечено вниманието, или доколку повторно паднат под влијание на израелските тврдокорни струи.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми