1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Мировни институти: „Украинската војна ќе трае долго“

13 јуни 2023

Војната на Русија против Украина најверојатно ќе биде долга. Експертите очекуваат тешки борби и ја советуваат сојузната влада да ги подготви луѓето во Германија за тоа.

Украина Херсон Каховка
Страдањата не престануваат: Жена плаче за време на евакуацијата од ХерсонФотографија: Roman Hrytsyna/AP/picture alliance

Секој што се надева дека војната во Украина ќе заврши наскоро и дека ќе се санираат последиците од неа, ќе биде разочаран од прогнозата дадена од водечки експерти: „Не зборуваме за месеци, туку за години, веројатно дури и децении“, оценува Никол Дајтелхоф од Лајбниц-институтот Хесенска фондација за истражување на мирот и конфликтите (ХСФК). Заедно со уште три други институти, таа во Берлин го претстави Извештајот за мир за 2023 година.

Поддршка за Украина „колку што е можно повеќе“

Нејзиниот главен совет до германската влада гласи: Украина треба да продолжи да се поддржува воено, економски и политички во соработка со трансатлантските и европските партнери „колку што е можно повеќе“. Оваа неопходност мора „веќе отворено да биде претставена пред населението и да се побара поддршка за овој курс“. 

Истовремено, професорката по меѓународни односи на Универзитетот Гете во Франкфурт препорачува политичарите итно да подготват иницијативи за посредување и преговори, „дури и ако мирот ни оддалеку не е на повидок“.

Она што е потребно е „долгорочна двојна стратегија која се потпира на одговорност и кредибилитет“. Никол Дајтелхоф конкретно мисли на меѓународна контакт група чија задача би била „да ги наведе можните пристапи и да разговара за можните решенија“.

Да се разговара и со Владимир Путин

Таа ја советува сојузната влада „да бара разговор со двете страни во конфликтот - тоа значи и со Кремљ“. Истражувачката на мирот и конфликтите смета дека тоа нема да значи додворување на рускиот претседател Владимир Путин. Во суштина, цело време се работи за тоа „дали некаде се отвораат мали врати“. Затоа е „апсолутно разумно“ да се продолжи да се прави тоа, смета Дајтелхоф.

Во исто време, таа предупредува да не се прекинува воената поддршка за Украина во полза на итни мировни преговори. Вакви барања постојано се поставуваат на демонстрации и во отворени писма. Тоа, вели Дајтелхоф, според она што е познато во моментов, нема да донесе траен мир.

Технологијата ѝ помага на Украина во војната против Русија

00:59

This browser does not support the video element.

Страв од руските намери за експанзија

Поразот на Украина кој би резултирал од тоа, веројатно ќе доведе до нејзино распаѓање, се сомнева експертката: „Заедно со окупациската практика на тортура, киднапирања, сексуално насилство и насочени убиства, како што веќе забележуваме на териториите окупирани од Русија.“

Освен тоа, треба да се стравува од тоа дека поривот на Русија за проширување нема да се намали, туку ќе се зголеми по фазата на закрепнување. „Ова дополнително ќе ја влоши безбедносната ситуација за цела Европа“, стравува Никол Дајтелхоф.

Најголем број воени жртви имаше во Етиопија

Колку и војната во Украина да ја држи светската политика во неизвесност и да доминира во насловите, тимот автори на Извештајот за мир за 2023 година предупредува да не се заборават другите вооружени конфликти, како оние во Јемен и Судан.

Конрад Шетер од Бонскиот меѓународен центар за студии на конфликти (БИЦЦ) го врти вниманието особено кон граѓанската војна во регионот Тиграј во Етиопија: „Не беше војната во Украина, туку насилниот конфликт во Тиграј оној што предизвика најголем број жртви минатата година - над 100.000“.

Водечкиот преговарач на владата на Етиопија, Редван Хусеин (л.) разменува документи со водечкиот преговарач на Тиграј, Гетачев Реда по потпишувањето на договорот за прекин на огнот, 2.11.2022Фотографија: Themba Hadebe/AP/picture alliance

Во мировниот извештај нема општо применлив одговор на прашањето како Германија треба да се однесува со оглед на војната во Украина и многуте други воени конфликти кога станува збор за извозот на оружје.

Урсула Шредер од Хамбуршкиот институт за мировни истражувања и безбедносна политика (ИФСХ) зборува за „дилема“ во однос на земји како Индија. Таа ја поддржува соработката со глобалниот Југ, „но каде е црвената линија?“ Тоа е прашање на кое германската надворешна политика тешко ќе најде одговор, смета Шредер.

Страв од нова спирала на вооружување

Генерално, експертите предупредуваат од натамошно вооружување, особено со нуклеарно оружје. Истражувачката на мир и конфликти Никол Дајтелхоф сè уште не сака да зборува за нова спирала на вооружување, но опасноста станува сѐ поголема. Нејзиниот колега Тобијас Дебиел од Институтот за развој и мир во Дуизбург (ИНЕФ) го проширува терминот: „Станува збор и за фактот дека во моментов има реторички спирали“.

Стокхолмскиот институт за мировни истражувања (СИПРИ) не само што предупредува од боеви глави, туку и од тоа дека за нуклеарната војна денес поинаку се зборува, главно од страна на Русија, но и од Северна Кореја.

Затоа Тобијас Дебиел препорачува западните земји да користат „многу помирлив јазик“. На крајот, војната нема да се решава само со оружје, вели експертот и додава: „Тука клучна улога игра реториката“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми