1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите бараат работа и повисоки плати за да не заминат

ДТЗ
15 март 2023

„Гласот на младите треба да биде слушнат. Бројките се поразителни за иселувањето од државата. Треба да дејствуваме бргу“, вели Бојан Кордалов од Институтот за добро управување и евроантлантски перспективи.

иселување
Младите бараат фер шанса за вработување и причина за да останат во земјатаФотографија: Fotolia/Peter Atkins

Младите бараат фер шанса за вработување, повисоки плати, можност за напредување и низа други причини за да останат во земјата. Ваквите ставови тие ги изнесоа пред вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на трибина на која се дискутираше за заклучоците на проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, кои ги изработи Институтот за добро управување и евроантлантски перспективи.

Истражувањето на Институтот покажа дека  младите луѓе во државата бараат повисоки плати, можност за работа од дома, флексибилно работно време, поддршка за ИТ-индустријата и занаетчиските професии. Бојан Кордалов, претседател на Институтот, вели дека клучно за младите да останат во државата и тука да ја градат својата иднина е квалитетот на живот, што подразбира и здравствено осигурување и здрава животна средина.

„Потребна е конкретна акција. Гласот на младите треба да биде слушнат.  Бројките се поразителни за иселувањето од државата. Треба да дејствуваме бргу“, вели Кордалов. 

Што треба да се промени? 

Аријан, Ирена, Сара, Влатко, Атран, Славчо, Викторија се само дел од младите коишто се охрабрија и пред вицепремиерот Битиќи ги изнесоа своите размислувања, незадоволство и сугестии што треба да се промени во државата за младите да останат тука. 

„Младите сакаат креативна работа, некоја во која ќе можат сами да си го планираат времето, бараат поддршка за дигитализација, вештачка интелигенција - тоа е иднината и во таа насока треба да се преземат следните чекори“. 

„Немаме филозофи, етичари, уметности - постои голем дефицит на кадри. Секоја година има само по четворица студенти на Катедрата за македонски јазик“ - се само дел од размислувањата на студентите, средношколците и невладините активисти коишто учествуваа во дебатата.  Тие побараа одговори од Битиќи колку средства се издвојуваат за младите, каде завршуваат тие пари, какви проекти се поддржуваат, колку од младите се вработени, дали вработувањата во јавниот сектор се според знање и вештини или колку да се вработат некаде?

Битиќи вели дека вработуањето на сите кадри треба да биде соодветно на квалификациите, но за жал искуството покажува дека не е секогаш така, особено во јавниот сектор, додека влезот во приватниот сектор е малку посложен. Иднината на младите, според него, е во четвртата индустријализација која нуди квалитетни работни места, а тоа се вештачката интелигенција преку учење роботика, дигиталниот маркетинг, сајбер сигурноста, мекатрониката, роботика, како идните професии кои ќе се бараат на пазарот на труд, и дека заедно со нив ќе соработува ова да се вметне во формалното и во неформалното образование.

Фатмир Битиќи вели дека вработуањето на кадрите треба да биде соодветно на квалификациите, но за жал искуството покажува дека не е секогаш такаФотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

Зошто младите сакаат да заминат надвор?

Неможноста да се вработат, ниските плати, слабите шанси за напредување на работното место, ниската доверба во институциите и политичарите кои функцијата ја сфаќаат како привилегија, а не како одговорност, се само дел од причините поради кои младите се одлучуваат да ја напуштат земјата.

На трибината можеше да се слушне дека најмладиот докторант на политички науки не може да најде вработување затоа што на огласите на коишто се јавувала добивала одговор или дека е преквалификувана, или некој друг со „партиска книшка“ веќе го зазел столчето, поради што била принудена да бара работа во друг сектор. 

„Граѓаните не се селат поради недостиг на работни позиции, оти покрај дефицит на многу кадри, особено сега во пандемијата се отвори можност секој да работи од дома за странски фирми. Но, проблемот е што е нефункционален системот. Младите не сакаат да чекаат по две недели за да извадат еден обичен документ, или да бркаат врски за да завршат некоја работа“, истакнаа дел од учесниците на трибината. Тие предлагаат да се прогласи „кризна состојба во образованието“ и да се направат конкретни стратегии, кои без разлика на промената на власта, не ќе можат да се менуваат. 

„Младите треба да имаат вештини и знаења коишто ќе ги направат повработливи. Имаме генерирани работни места за коишто се неопходни знаења кои не ги добиваме од тие што го завршуваат образованието. И во јавниот сектор се случува да се пополнуваат работните места колку да се исполнат“, вели Битиќи. 

Младите се иселуваат поради нефункционалниот системФотографија: DW/S. Toevski

Миграцијата, според него, е проблем со кој се соочува Западна Европа. „Мигрираат за подобар живот, приходи, но и образование, здравство, сигурност. Тие не работат на позиции за коишто се квалификувани, туку на три места подолу. Многу мал процент работат во својата професија“, смета вицепремиерот.

Стапката на невработени млади (на возраст од 15-24 години) во третиот квартал за 2022 година изнесува 19.587 или 17% од вкупниот број на невработени лица вбројани во активно население. Стапката, пак, на слободни работни места, според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2022 година е 2.07 %. Најголем број слободни работни места (3.459) има во услужните дејности и продажба.

Пописните резултати укажуваат на многу јасен тренд на мигрирање на младите во изминатите 20 години. Од 2002 до 2021 година, вкупниот број на млади на возраст од 15 до 29 години е намален за 150.000 граѓани. Ваквиот тренд укажува на тоа дека населението во земјата старее. Загрижува и добро познатиот тренд на заминување на младите (бреин дреин). Според пописот од 2021 година, околу 100.000 граѓани, кои во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години (а денес би имале 29 до 35 години), не живеат во државата.

 

Младите немаат добар квалитет на живот

03:46

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми