1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите во Северна Македонија зависници од игри на среќа

ДТЗ
20 ноември 2024

Најголемиот дел од испитаниците (44,4%) во онлајн истражувањето на ХОПС рекле дека играат заради забава, но не е мал бројот и на оние кои одговориле дека играат за да заработат пари (24,8%)

игри на среќа
Младите во Северна Македонија зависници од игри на среќаФотографија: picture-alliance/dpa

Се поголем број млади во Северна Македонија се „зависници“ од игри на среќа. Дури 71% од 214 учесници во онлајн истражување на Здружението ХОПС - Опции за здрав живот - Скопје, се изјасниле дека играле игри на среќа, а 17,8% од нив рекле дека се зависни од играње. Дури 50% од испитаниците од фокус групата играат игри на среќа секој ден.

„Ова укажува на голема веројатност дека значаен процент од младите во Северна Македонија веќе стекнале зависност од играње игри на среќа“, велат од ХОПС. Истражувањето за младите и нивните навики за обложување било спроведено во Северна Македонија, Србија и во Косово.

Некој за забава, друг за да заработи 

Влатко Деков од ХОПС вели дека најголемиот дел од испитаниците (44,4%) рекле дека играат игри на среќа заради забава, но не е мал бројот и на оние кои одговориле дека играат за да заработат (24,8%). Други пак играат затоа што повеќето нивни пријатели се обложуваат (16%). Дванаесет проценти рекле дека играат игри на среќа затоа што се зависни од адреналин. 

Врз основа на наодите од анализата на правната рамка за игрите на среќа во Северна Македонија и на разговорот со учесниците од фокус групата и истражувањето направено онлајн со 214 лица помлади од 25 години кои играат игри на среќа, се препорачува во постоечкиот закон за игри на среќа да се предвидат обврски за сите приредувачи на игри на среќа за информирање на играчите за опасноста од стекнување зависност од играње игри на среќа. Исто така тие треба да бидат информирани каде можат да побараат помош во случај на зависност од играње игри на среќа.

Едуцирање и лекување од зависности

Се препорачува да се предвидат обврски за сите приредувачи на игри на среќа за плаќање данок за финансирање на програми за превенција на зависности, како и на програми за лекување на зависности од игри на среќа. Потоа, да се направат промени во правната регулатива со која приредувачите на игри на среќа ќе имаат обврска да ги едуцираат своите вработени за препознавање на зависност кај играчите на нивните игри и споделување информации за можностите за лекување на зависноста. Исто така се предлага да се спроведе информативна кампања за опасностите од зависноста од игрите на среќа кај малолетници и лица помлади од 25 години.

Најголемиот дел од испитаниците во истражувањето на ХОПС рекле дека играат заради забава, но и за да заработат Фотографија: AP

Се наметнува и потребата Министерството за здравство да отвори програми за лекување на зависност од коцкање, Министерството за образование да воведе соодветна програма за превенција на зависности во наставната програма во основните и средните училишта, да се воведат построги санкции за непочитувањето на одредбите од законот, особено на оние со кои се забранува учество на малолетни лица во игри на среќа и забрана за послужување алкохол на малолетници. Но, и да се забрани секаква форма на рекламирање на обложување во печатени и во електронски медиуми (по примерот на забраната за рекламирање цигари).

Истражувањето било направено во рамки на регионалниот проект „Младите и коцкањето", што го спроведува ХОПС- Опции за здрав живот Скопје во партнерство со Лабиринт од Косово и Превент од Србија, а со поддршка на Western Balkans Fund .

Во сите три земји е забрането за лица помлади од 18 години да учествуваат во игрите на среќа. Само во Србија постои законска обврска за приредувачите на игрите на среќа да ги информираат граѓаните за ризиците од стекнување на зависност, како и за можните опции за лекување на зависност со јавно истакнување на контакт од институциите каде што граѓаните можат да се обратат доколку се зависни од играње игри на среќа. Дополнително законот во Србија предвидува обврска за приредувачите на игрите на среќа да ги оспособат своите вработени пред да почнат со работа за превентивно дејствување на зависност спрема играчите на игри на среќа.

Вакви законски одредби изостануваат во Северна Македонија и во Косово.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми