ММФ: Инфлацијата расте, БДП во Македонија забавува
1 април 2026
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека шокот од растот на цените на енергијата, предизвикан од војната на Блискиот Исток, ќе влијае врз економските изгледи на Македонија и повторно ќе ги засили инфлациските притисоци.
Според најновата Завршна изјава на Мисијата на ММФ, растот на реалниот БДП се очекува да забави на 3,1 процент во 2026 година, што е блиску до проценетиот потенцијал од 3 проценти на среден рок. Истовремено, порастот на глобалните цени на нафтата ќе придонесе инфлацијата да достигне околу 4,5 проценти во 2026 година.
Високите цени на нафтата го зголемуваат увозот и дефицитот
Поради зголемениот увоз на енергија, ММФ проценува дека дефицитот на тековната сметка ќе се прошири на околу 5 проценти од БДП во 2026 година. Со очекуваната стабилизација на глобалните пазари на стоки, овој дефицит постепено би се намалил на околу 3 проценти од БДП на среден рок.
Со цел да го ублажат ударот од високите цени, владата привремено го намали ДДВ-то на горивата од 18 на 10 проценти и ослободи горивива од државните резерви за контрола на трошоците за производство на електрична енергија.
Сепак, ММФ оценува дека генерализираните субвенции се неефикасни и регресивни, поради што препорачува постепено и брзо укинување на намалениот ДДВ. Поддршката, според укажувањата, треба да биде насочена кон ранливите домаќинства преку постојните социјални програми.
Фискална политика и јавен долг
ММФ ја поздравува определбата на Владата да го намали фискалниот дефицит на 3,5 проценти од БДП во 2026 година, но предупредува дека без конкретни даночни реформи, дефицитот би можел да достигне 4,2 проценти од БДП. Анализата на одржливоста на јавниот долг укажува на умерен ризик, при што се препорачува негово намалување на под 45 проценти од БДП до 2035 година.
Шокот од цените на енергијата и силната домашна побарувачка, според ММФ, наложуваат понатамошно затегнување на монетарната политика. Фондот ја охрабрува Народната банка да ја зголеми референтната каматна стапка и да апсорбира повеќе ликвидност. Банкарскиот систем останува стабилен и добро капитализиран, но брзиот раст на кредитите за недвижности и високите цени на станбениот пазар бараат зголемен надзор.
Структурни реформи и енергетика
ММФ истакнува дека структурните реформи – во судството, пазарот на трудот, управувањето со државните претпријатија и енергетскиот сектор – се клучни за зголемување на продуктивноста и БДП.
Посебен акцент е ставен на енергетскиот сектор, каде што загубите на ЕСМ и субвенционираните тарифи ја нагласуваат потребата од подобро управување, транспарентност и постепено усогласување на цените со трошоците, со социјална заштита за ранливите категории.