1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

М-НАВ: Соопштение на Кривичниот суд со „продолжено дејство“

8 јануари 2024

Не е во ред Кривичен суд да дава соопштение и да прејудицира издржаност на одлука на судии на претходна постапка, кога Кривичен совет на истиот суд треба да одлучува по жалба на Обвинителството, вели адвокатот Малиновски

Flugverkehrskontrolle
Фотографија: ISNA/S. Khishpeyman

Мерките на обезбедување присуство од поблаг вид, кои ги определи судијата на претходна постапка за четири лица инволвирани во минатонеделниот упад во М-НАВ, изминатиот викенд беа предмет на бурни реакции во јавноста. Споредбата - за какви сѐ случаи досега била одредувана мерка притвор, наспроти  благите мерки изречени во овој скандалозен случај,ја разгореа дебатата во правната фела. Дел од правниците се изненадени, други сметаат дека ова е крај на долгогодишното неселективно прифаќање на сите предлози на Обвинителството. Трети би ја поддржале оваа аргументација, но само ако се сигурни дека „исчекорот“ не е резултат на политичкиот контекст, односно – на партиската припадност на осомничените за упадот во М-НАВ.

По бурните реакции, со соопштение се огласи Кривичниот суд, објаснувајќи дека судот постапува врз основа на приложената документација/докази доставени од ОЈО и МВР, но такви не биле доставени.

„Од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази - медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај (...) Односно самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело“, беше наведено во соопштението од Кривичниот суд.

Од ОЈО Скопје велат дека јавниот обвинител во жалбата до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложил причините поради кои смета дека е неоснована одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените.

„Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото. Во однос на обележјата на кривичното дело - Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување“, посочија од ОЈО Скопје. 

Малку чудно соопштение 

Соопштението на Кривичниот суд, наместо да затвори, отвори нови дилеми.

„Не е во ред Кривичниот суд да излегува со соопштение и да прејудицира издржаност на одлуката на судиите на претходна постапка, кога Кривичен совет при истиот тој суд треба да одлучува и по жалба на Обвинителството. Тое е еден вид притисок“, оценува адвокатот Драган Малиновски.

„Содржински, соопштението е малку чудно, бидејќи влегува во материјална расправа на одлуката на судиите на претходна постапка, со потенцирање на околноста дека немало доказ за видот на повредата на оштетениот. Сметам дека објект на заштита кај ова кривично дело е јавната  безбедност во воздушниот сообраќај за кој сметам дека бил загрозен во конкретниот случај, а не само личниот интегритет на вработениот“, укажува Малиновски.

По добиената жалба од ОЈО Скопје за изречените мерки ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или да ја преиначи одлуката на судиите на претходна постапка. Но, по соопштението од Кривичниот суд, со кој се прејудицира издржаноста на неправосилната одлука, постои сомнеж дека и одлучувањето по жалбата на ОЈО Скопје би можело да оди по веќе „поддржаната траекторија“. 

Приведен на граничен премин 

Осомничени за упадот се осум лица, од кои четворица се недостапни за органите на прогонот. Во меѓувреме, МВР соопшти дека на 6-ти јануари во 20 часот на Граничниот премин „Долно Блаце“, на излез од државата, бил лишен од слобода П.Б.(39) од Скопје. При пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека за него има активна мерка „апси“ на барање на Одделението за потраги, за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ по чл.303 ст.2 од Кривичниот законик.

П.Б. е едно од лицата кое на 4-ти јануари пријавило дека со други две лица биле  нападнати во просториите на М-НАВ, но досега тој не бил достапен да даде исказ. По информативниот разговор бил пуштен дома, со напомена, да биде достапен за понатамошната предистрага. Неговото приведување на излез од државата исто така предзивика редица прашања: дали сакал да отпатува поради страв за личната безбедност, поради евентуални притисоци или едноставно сакал да го искористи викендот за патување.

Во јавноста веќе растат сомневања дека има тенденции за   разводнување и релативизирање на случајот,  не само поради благите мерки на претпазливот што ги изрекоа судиите на претходна постапка, туку и поради фактот што  раководството на М-НАВ не покажа чувство на одговорност,  односно подготвеност за оставка. Како што соопшти минатата недела владината прес-служба, на утрешната владина седница (9-ти јануари) на иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки за решавање на  постоечката ситуација во М-НАВ:  целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени, и да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и УО.

Правници, политичари и јавни личности реагираа дека тоа требало да се направи веднаш, на итна вонредна седница, а не да се остава за решавање по Божиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми