Многу опасна пат-ситуација на северот на Косово
16 јуни 2023На северот на Косово атмосферата повторно зоврива. Може да се каже дека тоа е резултат на постојаното и повеќегодишно влошување на безбедносната состојба, додека политичките договори меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската унија не даваат решенија.
„Во моментов сме во многу опасна пат-позиција во дијалогот, што е огромен предизвик за безбедноста. Не само што не се зборува за спроведување на бриселските договори и договорот од Охрид, туку веќе две недели зборуваме за деескалација, а ниту тоа не е на повидок“, вели за ДВ Висар Имери, директор на Институтот за социјална политика „Мусине Кокалари“.
Имери е загрижен и поради што кај косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ не гледа макар и најмала волја да ја нормализираат безбедносната ситуација за воопшто да може да се премине кон политички решенија.
Како до деескалација?
Европската унија и САД сметаат дека деескалација може да се постигне со повлекување на специјалните единици на косовската полиција од општинските згради и прекин на протестите, а политичко смирување со распишување нови избори кои српските политички претставници не би ги бојкотирале.
Барањето на ЕУ за деескалација е едногласно, што е реткост во надворешната политика на блокот од 27 земји, потсетува Ијан Банкрофт, поранешен дипломат и автор на книга за северот на Косово.
Но, чекори кон деескалација нема, што доведе до воведување мерки на ЕУ и САД против Косово - страната која, според нив, треба да го направи првиот чекор - повлекување на полицијата од општините. Затоа САД го откажаа учеството на Косово во вежбите на НАТО, а ЕУ ги откажа состаноците за следење на спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
„Јасно е дека Курти ја загуби поддршката од пријателите на Косово во меѓународната заедница, што е ситуација без преседан во последните 15 години откако Косово прогласи независност“, вели Банкрофт, но исто така истакнува дека и Белград е под притисок.
„Србија е под притисок да се откаже од условите за учество на изборите“, оценува Банкрофт за ДВ. Воедно потсетува дека изборите се само привремено решение и дека после тоа треба да се решат проблемите во спроведувањето на сите досегашни договори.
Сѐ поголеми пукнатини во доминацијата на Српска листа
Барањето за безусловно учество на Србите на изборите дополнително се усложнува со апсењата кои во северна Митровица ги спроведоа токму специјалните единици на косовската полиција, чие повлекување се бара. Потоа дојде до ерупција на граѓанско незадоволство кон полицијата, но и кон политичките претставници на Српска листа.
Граѓаните на Митровица, револтирани од акцијата на специјалците, со камења оштетија повеќе полициски возила, физички нападнаа претставници на Српската листа и скандираа против српскиот претседател Вучиќ. Како и претходните недели, цел на напади беа и новинарите, врз кои од 26 мај се забележани повеќе од 20 напади.
Очигледните пукнатини во доминацијата на Српската листа, кои стануваат сѐ поголеми, ги пополнуваат алтернативни политички актери - некои спиеја од 2013 година, а има и нови. Меѓутоа, во вонредната состојба што владее во српските заедници во Косово, не може да се зборува за вистински политички живот, предупредува Бранимир Стојановиќ, лидер на Српското национално движење од Грачаница.
„На Србите во Косово им се потребни политички промени, но прво ни треба стабилност за тој процес да биде демократски, а избраните луѓе да имаат легитимитет да зборуваат во име на српскиот народ“, вели Стојановиќ за ДВ.
Сепак, косовските Срби сѐ уште не се на потег, смета Стојановиќ. Прво треба да се обезбеди стабилност на преговарачката маса во Брисел.
„Важно е што поскоро да видиме продолжување на дијалогот на највисоко ниво, што ќе резултира пред сѐ со смирување на ситуацијата, а потоа и натамошни разговори на други теми“, вели Стојановиќ. Тој додава и дека политички плурализам во српската заедница во Косово може да доведе до позначајна улога на косовските Срби во дијалогот, што досега не беше случај.
Банкрофт, пак, не смета дека улогата на косовските Срби во преговорите може да се зајакне: „Овој процес ќе продолжи да биде доминиран од оние кои не мора да живеат со последиците од одлуките донесени во Брисел“.
Тој вели и дека за повеќето од гласовите што се јавуваат сега е карактеристично тоа што се против интеграција на Србите во косовскиот систем, но додава: „Тешко е незадоволството да се мобилизира во опипливи политички опции ако немате доволно ресурси“. Затоа, тие гласови, иако се добро прифатени на локално ниво, тешко ќе ја претворат уличната популарност во гласови. Клучниот аргумент, убедлив за многу српски гласачи, сè уште е дека поделбата на неколку политички опции само ќе го ослабне гласот на косовските Срби“.
Половични договори не се одржливи
Последниве две години дијалогот беше фокусиран на уредување на односите меѓу Косово и Србија, додека прашањата за интеграција на косовските Срби, кои претходно беа во сржта на дијалогот - како регистрацијата на автомобилите, верификацијата на дипломите, енергетиката, но и формирање на ЗСО - се настрана. Дури откако околу 3.000 косовски Срби поднесоа оставки во косовските институции во ноември минатата година, фокусот на посредниците во дијалогот се врати на ЗСО.
Висар Имери предупредува на неодржливост на таквите половични договори: „Безбедносната ситуација, сега повеќе од кога било досега, влијае на меѓуетничките односи и сите сме сведоци колку брзо може да се влоши. Ова треба да биде дополнителен поттик за Европската унија да ја зголеми својата динамика и побрзо да доведе до договор. Нема појасен знак дека договор им е потребен на сите заедници во Косово“, укажува Имери.
Еден ден по последното апсење во северна Митровица, српската полиција приведе и тројца косовски граничари. Белград тврди дека тие биле уапсени на територијата на централна Србија, Приштина вели дека биле киднапирани од територијата на Косово.
Кфор, како единствена неутрална страна, два дена по настанот тактички молчи. Оттаму е само соопштено дека „не биле на местото на апсењето“ и дека се во контакт со косовските и српските власти.
Како одговор на приведувањето на косовските полицајци, владата на Албин Курти забрани влез на камиони со српски регистарски таблички и српска стока во Косово.
„Граѓаните на северот стравуваат кој и по кој основ би можел да биде цел на следното апсење, особено по приведувањето на косовските граничари. Нивното трпение повторно се тестира со едностраните потези на Приштина, а забраната за увоз на стоки од Србија само ќе го зголеми списокот на нивни приговори“, вели Банкрофт.