1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МНР: Препорака за претпазливост до Македонците во Израел

ДТЗ
19 април 2024

Нема нови барања за евакуација на македонски граѓани кои се наоѓаат во Израел и во регионот на Блискиот Исток.

Иран
Препорака за претпазливост до Македонците во Израел по судирот со ИранФотографија: Hossein Beris/Middle East Images/IMAGO

МНР им препорачува на македонските граѓани коишто се наоѓаат во Израел да бидат внимателни по најновите случувања на Блискиот Исток. Нема нови барања за евакуација на македонски граѓани кои се наоѓаат во Израел и во регионот на Блискиот Исток.

„Во моментов немаме нови барања. Постојано ја следиме состојбата. Утринава повторно имав разговор со нашиот амбасадор во Израел. Имало некои информации дека во текот на ноќта Израел го има нападнато Иран, меѓутоа се` уште не се потврдени“, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање во Стопанската комора на Северна Македонија, каде беше во рамки на изборните активности како претседателски кандидат.

Според него, нема нови барања за евакуација ниту преку СОС телефонот, ниту преку македонската амбасада.  

Нема нови барања за евакуација на македонски државјани од Израел, кој беше нападнат со дронови и ракетиФотографија: Israel Defense Forces/Handout via REUTERS

Препораки

САД денеска (19.04) упатија препорака до нивните граѓани да не го напуштаат Тел Авив и главните центри на Израел поради можни напади. Амбасадата на САД во Израел им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил одмазднички напад врз цели во Иран.

„Во текот на денот и ние ќе ги информираме нашите граѓани иако постојано сме во комуникација со тие што се таму“, вели Османи. 

Кризен штаб

По нападите од саботата на Иран врз Израел во МНР беше формиран Кризен штаб чија примарна задача е да организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски Исток доколку за тоа има потреба. На почетокот од седмицата МНР информира дека само еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до македонските државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја и поширокиот регион на Блискиот.

Се проценува дека околу 50 македонски државјани се наоѓаат во Израел. Кризниот штаб нема конкретна бројка на македонски државјани кои се наоѓаат во околните земји, а единствениот начин да се дојде до тоа е преку нивно пријавување во македонските амбасади. Османи на почетокот од неделава им препорача на македонските граѓани кои се во тој регион да се пријават во Амбасада, да остават телефонски броеви, доколку се влоши ситуацијата да можат да бидат контактирани.

Покрај Амбасадата во Тел Авив на македонските граѓани на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми