1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Расте притисокот за оставка на Љубомир Јовески

ДТЗ
17 август 2023

„Вистината треба да ја знаат сите, а јавниот обвинител Љубомир Јовески треба да биде на располагање за сите случаи, па и за пожарот во Тетово“, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Љубомир Јовески
Расте притисокот за оставка на Љубомир ЈовескиФотографија: DW/Petr Stojanovski

Расте притисокот за оставка на јавниот обвинител, Љубомир Јовески. Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска пред Јавното обвинителство побара оставка на првиот човек на оваа институција, по документарецот на ИРЛ - „Убиство во Тетово". Сметаат дека  истрагата на Јавното обвинителство за пожарот во модуларната болница во Тетово не е целосна и не ги цени доволно заклучоците изнесени во службената експертиза на германските експерти. Поради тоа во јавноста се разгоруваат сомнежи за најпрофесионално постапување на обвинителството и занемарување на околности кои можат да ги прошират обвиненијата и да инкриминираат други лица, велат од платформата.

На ова, според нив, се надоврзува и фактот што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сѐ уште ги истражува наводите за корупција при спроведувањето на јавните набавки во случајот и покрај тоа што веќе е пречекорен рокот од членот 301 од Законот за кривична постапка.

„Вистината треба да ја знаат сите и на вистински начин да се одлучи по однос на кој било предмет“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој смета дека јавниот обвинител Љубомир Јовески треба да биде на располагање за сите случаи, особено за најтрагичниот настан во поновата историја на земјата. 

Роднините на загинатите во пожарот во Тетово побараа одговорност и правда (16.08.2023)Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Јовески да биде на располагање 

На новинарско прашање во врска со утврдувањето на одговорност на јавниот обвинител Љубомир Јовески за текот на постапката за случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, премиерот изјави дека јавниот обвинител треба да биде на располагање во однос на кој било случај. 

„Шефот на јавното обвинителство Љубомир Јовески е избран во Собрание и е професионалец како и другите јавни обвинители од браншата. Тој има своја кариера како и сите обвинители. Собранието во кој било момент може да постави прашање до кој  било обвинител, а пред се тука мислам на главниот обвинител Јовески. Тој треба да е на располагање за кој било случај, особено за овој. Тоа беше најтрагичниот настан во нашата понова историја. Треба на вистински начин да се одлучи по кој било предмет и вистината да ја знаат сите“, додаде Ковачевски.

Исплата за модуларните кога ќе завршат постапките

Премиерот смета дека средства за модуларните болници во Скопје не треба да му се платат на „Брако“ додека не завршат сите правосудни постапки. Министерството за здравство првично тврдеше дека за нив тече камата, која пораснала на 200 илјади евра, поради задоцнето плаќање. Модуларните болници деновиве предизвикаа кавга и меѓу поранешниот министер за здравство Беким Сали и сегашниот министер Фатмир Меџити.

„Преостанатите модуларни болници за Здравствениот дом Скопје, не се платени. Ексминистерот за здравство има нарачано ревизија, ревизијата е доставена до Владата заедно со документите за неплатените модуларни болници. Врз основа на тие документи Владата одлучува, но плаќањето на преостанатите ќе може да се заврши кога ќе завршат сите правосудни постапки“, рече Ковачевски.

Пожарот во Тетово е најтрагичниот настан во поновата историја на земјата Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Постапката која е во тек за тендерот за набавка на модуларните болници, беше тема на разговор и меѓу министерот за правда Кренар Лога  и шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

Во пожарот во тетовската модуларна болница во 2021 година изгореа 14 лица. Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарен филм изнесе нови факти за пожарот кои, според нив,  „покажуваат саботирани истраги и прикривања на пропустите при градењето на модуларните објекти од страна на одговорни лица во институциите“. Тие објавија документите на коишто се базира истражувањето заедно со пресек на клучните настани кои довеле до трагедијата и, како што велат, „до прикривањето на виновниците“. 

Од Јавното обвинителство преку соопштение ги отфрлија наводите за текот на истрагата. Тврдеа дека „со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината, во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации“.  

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми