1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моите Германци – тетка Тоска

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
20 април 2026

Од семејните архиви: тетка Тоска и сличностите на македонска бегалска фамилија и фамилија на Германци протерани од Шлезија. Пишува Кица Колбе

Ритуали на љубов и поврзаностФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

„Најубавиот начин да го научите германскиот јазик е да станете дел од животот на едно германско семејство”, ми рече еден познат македонски германист во Скопје во 1983-та, кој самиот беше одамна оженет со Германка, исто така позната германистка. Затоа што неговиот син беше гимназиски другар на брат ми, знаев дека семејниот ред во  Македонија кај нив беше во целост како во секое германско семејство во  Германија.  Тие живееја во Скопје со германскиот граѓански ред на живот небаре беа во Минхен. Оваа препорака стариот германист ми ја даде кога му кажав дека пред две години се омажив за Германец и дека неговиот син беше преведувач за мажот ми при регистрацијата во Скопје. Се разбира, и синот веќе беше оженет за Германка!

Бегалска судбина

Има чудни констелации во животот кои остануваат загатка засекогаш. Таков е, на пример, фактот што јас, родена во  бегалска егејска фамилија,  се омажив за потомок на германска фамилија протерана по војната, во 1946-та, од Долна Шлезија, од близината на познатиот град Вроцлав. Моите родители беа пребегале од Грција, во Граѓанската војна, 1947 и 1948. Што значи, во за мене дотогаш непознатата фамилија, јас го препознав животот на луѓето кои живеат во новата средина, никогаш не заборавајќи го своето „дома”, зад границата. За моите германски роднини тоа беше германско-полската, за моите македонски,  егејски роднини, тоа беше тогаш уште југословенско-грчката граница. Кога дојдов во фамилијата на мажот ми 1981, неговите родители веќе беа ја посетиле изгубената татковина во Шлезија, откако владата на Вили Брант го беше потпишала и ратифицирала во 1970/72 Договорот за пријателство и соработка со Полска. Тогаш тие беа и во нивната фамилијарна куќа, која полската влада по војната им ја даде на полски бегалци, преселени од источниот дел на земјата, затоа што тој дел го добил Советскиот Сојуз. На новите сопственици тие им ја раскажаа историјата на куќата. Никогаш не ќе можев да си замислам дека животот ќе ме донесе во германска фамилија која живееше со истиот ритам на паметење – живот дома, во Западна Германија, и „дома”, во Шлезија.Токму затоа моите германски роднини особено сочувствуваа со историјата на бегалството на моите родители.

Разурнатиот Вроцлав во Долна Шлезија по Втората светска војна, недатирана фотографија Фотографија: dpa/picture alliance

Тетка Тоска беше една од двете помлади сестри на свекрва ми. Никогаш немажена, таа живееше според ритамот на големата фамилија на постарата сестра. По професија беше шнајдерка за машка конфекција, па не само совршено шиеше и ја негуваше облеката, туку во првите години по војната ја шиеше облеката за целата фамилија. Особено облеката за свадби, крштевки и други прослави. Таа ја беше сошила пред години белата кошула со чипка за крштевката на првото дете на свекрва ми, во која потоа се крштеваа и внуците и правнуците во големата католичка фамилија.Тој животен став на целосна подреденост од љубов и грижа на мојата тетка Тоска на целата фамилија, веќе го знаев од фамилијата во Скопје, во која моите баби, вдовици, сиот живот живееја служејќи на другите во фамилијата.

Ритуали на љубов и поврзаност

Затоа што знаеше што значи да си далеку од земјата во која си пораснал, тетка Тоска долги години еден ден во неделата готвеше посебен ручек за мене и за нашата малечка ќерка, се‘ дури таа не тргна на училиште. Потоа, тетка Тоска стануваше рано, само за да и‘ направи сендвичи за ужинката на ќерка ми која, на патот до училиштето со велосипедот, поминуваше крај нејзината куќа. А таму правеше пауза, за да го фати сендвичот кој тетка Тоска и‘ го фрлаше од прозорецот од првиот кат. Понекогаш сендвичот паѓаше во грмушката под прозорецот, па ќерка ми мораше да го бара во честарот. Така за соучениците, кои минуваа на пат кон гимназијата и секое утро го доживуваа ритуалот на тетка Тоска, ќерка ни стана „девојчето со сендвичот од прозорецот.”

Знаев дека нашата мила германска тетка ги сакаше ритуалите на љубов и поврзаност. Затоа го практикуваше неколку години ритуалот со сендвичот за ќерка ни, но и со посебниот ручек за нас двете. Таа сакаше еден ден да се чувствуваме како да одиме на ручек дома, кај мајка ми во Скопје. Секоја среда, точно во 13 часот, не дочекуваше совршено украсената маса, со најубавиот сервис за ручање. По десертот, ние двете пиевме ликер од цреши. И го слушавме Шуберт! Всушност, тетка Тоска во тоа имаше многу сличност со мајка ми. Не само затоа што и мајка ми беше во младоста шнајдерка и внимаваше исто толку на облеката, како и тетка Тоска, туку и во тоа што двете ги сакаа ритуалите. Мајка ми, како и тетка Тоска, умееше од ручекот да направи свечен чин. Иако сето време стоеше крај шпоретот и готвеше, додека другите веќе седеа на трпезата, за мајка ми служењето на другите беше празник. Затоа во убаво сервираната маса на тетка Тоска секогаш ја препознавав неделната трпеза на мајка ми. Секако, и поради мирисот на штиракот, со кој двете ги штиркаа чаршафите. Кога и денес ќе фатам в рака некое од штирканите бели шамивчиња од оставината на тетка Тоска, веднаш во мене е и мирисот на двете мои дома, македонското и германското дома.

Тетка Тоска чувствуваше длабока поврзаност со словенскиот свет, затоа што во Шлезија имале соседи Полјаци. На една од младите слугинки, која служела кај нив во Шлезија до војната, фамилијата на мажот ми постојано и‘ испраќаше пакети со храна. Верувам дека и моето словенско потекло стана причината за посебна блискост со тетка Тоска, бидејќи го сакаше словенскиот свет. Притоа, таа навистина изгледаше како моите тетки во Скопје. Ниска, со темна костенлива коса, со тен што потсетуваше на Италијанка. И секогаш децентно нашминкана со течна пудра и розов кармин! Исто како и моите тетки во Скопје, кои велеа дека без кармин би значело да излезат голи од дома. „Често и Германци ме прашуваат дали сум од Италија или од Шпанија”, се шегуваше тетка Тоска, кога ќе и‘ речев дека ме потсетува на тетка ми Доста во Скопје. Неколкупати беше на одмор во Италија, крај езерото Гарда, но и во Венеција и во Рим, и многу ја сакаше Италија. Од сите земји кои ги посетуваше, ги прифаќаше најубавите особини. Така беше и со италијанската мода, особено кога била млада. Како млада, на прославите, носела фустани во стил на Џеки Кенеди, хеклани нараквици и малечко шеширче. Во италијански стил се облекувала особено кога одела во операта во Диселдорф, за која неколку години била претплатена. Сето тоа го дознав од албумите со фотографии кои ги наследивме откако таа почина. Секако, и името Тоска, кое мајка и‘ го избрала токму поради операта „Тоска”, за мене правеше секогаш да ја доживувам не само како благ и срдечен словенски, но и изразито медитерански дух.

Но, тетка Тоска беше и во најубавата смисла Германка! Не само затоа што ја сакаше поезијата и музиката на Шуберт, туку и затоа што со сиот свој живот сведочеше за еден пријатен животен ред, во кој германската граѓанска култура се пројавуваше на најубавиот начин. Таа култура не беше строг пруски ред на животот, туку славење на животот низ ритуалите на убавината и на љубовта за другите. Затоа на секој 15 април, заедно со пролетните мириси, во воздухот за мене трепери и мирисот на штирканиот чаршав и мирисот на колачот со јаболки со кој мојата драга тетка Тоска не дочекуваше на својот роденден.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми