1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Moja Европа: Берлин како европска метафора

Кармен-Франческа Банчиу
29 април 2017

Од Берлин како град постојат големи очекувања: одбрана на слободата, креативност, акцептирање на различностите, опуштеност. Но градот сѐуште е во сопствена потрага, и добро е што е така, смета Кармен-Франческа Банчиу.

Carmen-Francesca Banciu, Autorin
Фотографија: Marijuana Gheorghiu

Тоа беше љубов на втор поглед, зашто јас се плашев од Берлин. Тука дојдов со едногодишна стипендија, а потоа сакав да продолжам кон Париз. Во март 1990. година Берлин уште беше поделен, остров во морето од Германска Демократска Република, која беше на пат да се расформира. Но, нејзиниот дух беше сѐприсутен и ми предизвикуваше морници.

На почеток бев како парализирана и не можев многу да „ќарам“ од градот. Неговата сѐуште отворена рана на Чекпоинт Чарли ја чувствував како засек во сопственото месо. Рускиот и нему отспротив застанатиот американски војник, кои ги надгледуваа влезот секој во својот сектор, уште не беа реквизити на туристичката индустрија. Границата не беше музејска кулиса. На ова место јасно можев да го почувствувам духот на Ѕидот, како и благодарноста што тој веќе нема реална сила врз мене.    

Зашеметеност од вителот на историјата

Кога јас пристигнав, Берлин уште не беше Берлин, што беше најјасно видливо на Чекпоинт Чарли: два света, два политички система, два животни стила, два менталитети, Исток и Запад се судираа еден со друг. И не само што требаше да се трпат меѓусебно, туку од тоа да го извлечат најдоброто. Заедничко срастување. Можноста како писател да се набљудува настанувањето на еден нов свет, беше привилегија. Да се гледа раѓањето на нешто дотогаш непознато од двата политички система. Да се бараат зборови за тоа на еден нов јазик. 

Јас не бев единствената која го спозна тоа, која беше опиена од вителот на промените и од новото раѓање на Берлин и привлечена од новата светска метропола. Не бев едиствена во чувството на повиканост да се вклучам во создавањето. Во верувањето дека животот ми доделил важна задача или дека сум ја пронашла за извесен период. 

Кога границите паднаа, Берлин стана отворен град, кој и самиот беше привлечен за светот. Берлин нудеше поволни станарини и духовен слободен експериментирачки простор. Тој нудеше отвореност и акцептирање на различностите, на индивидуалноста. Тој нудеше еден вид осмотички живот меѓу островјаните и дојденците, зашто и Источен Берлин беше на свој начин остров. Дури и на Кројцберг, каде главно се слушаше турски јазик, се чувствуваше огромна душевна слобода и поврзаност со градот во фаза на промени.

Чекпоинт Чарли во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kastl

Промени на градот

Кратко по повторното обединување, на Берлин му се закануваше задушување под товарот на сопствената историја, му требаше свеж ветер, помош во оздравувањето. Уметници, пронаоѓачи, храбри и одважни, претприемачки духови од сите видови ја разбрануваа енергијата во градот.

Посебно коренити промени имаше во Источен Берлин. Беа пронајдени нови уметнички комуникациски форми меѓу градот и индивидуите, меѓу уметниците и публиката, настанаа невообичаени манифестациски форми и културни локации. Уметници, музичари, дизајнери и архитекти го преобразија градот, претворајќи го во жив, модерен, често со малку пари, но со голема инвентивност.

Но, кога еден кварт ќе заживееше, кириите скокаа и ги бркаа творците. Пренцлауерберг, Кројцберг, делови од Нов Келн, да наведам само некои, веќе не се достапни ниту за граѓаните со просечни заработувачки. Креаторите беа потиснувани на периферијата или надвор од градот. Но, тие се душата, без нив еден град или една земја би изгладнела, би умрела од жед, би се исушила, би се изела сама себе си.

Воспитување за повеќејазичност

Берлин е град на млади претприемачки фирми. Тука се основани или се доселија бројни меѓународни претпријатија, но и странски издаваштва и универзитети. Во меѓувреме Берлин е светски позната и ценета метропола, во која англискиот важи за втор јазик за комуникација. Постои сѐ поизразена потреба од повеќејазичност на космополитската публика, со што културните институции тешко излегуваат на крај. Тие не го препознаваат духот на времето или сакаат да го спречат неговиот влез.

Покрај почитта и воспитување во дух на негување на сопствениот јазик и култура, во ера на глобализација огромно значење игра и воспитувањето во духот на повеќејазичност. Тоа е важна задача на училиштата и културата во нашето општество. 

Град со задачи

Пробивот на англискиот јазик е незадржлив, не само преку техниката и музиката. Оној кој не е свесен за тоа, не може креативно да се справи со тоа, поддржувајќи го рамнотежниот однос меѓу своето и туѓото, го турка Берлин од неговиот нов подест во провинцијализам и безначајност.

Берлин е метафора за нашето време. Преку сраснувањето на Истокот и Западот среде Европа, Берлин пред себе има големи задачи. А светот има големи очекувања од градот: одбрана на слободата, креативни енергии, прифаќање на оние кои се поинакви, великодушност, опуштеност, способности за решавање конфликти и јасен став против диктатурите, сеедно дали од политичка или верска провиниенција. 

Берлин уште не е Берлин. Но, секој ден станува дел повеќе, со секој оној кој доаѓа, кој се чувствува прифатен и се вклучува со полно чуство на одговорност. Берлин уште не е Берлин. Тој е во настанување. И добро е што е така.

Кармен-Франческа Банчиу е романска и германска писателка и доцент. Од 1990 година живее во Берлин и како слободен автор води семинари за креативно пишување. Од 1996 година пишува и на германски јазик. Нејзини последни издадени дела се книгите „Лесно ветре во рајот" и „Берлин е мојот Париз - приказни од престолнината".

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми