Неодамна имав прво искуство да „дискутирам” на филозофски начин со ВИ за смислата на самата „вештачка интелигенција” и за нејзината определба во историјата на човечката култура и цивилизација. Патем, кога нема да ја употребиме кратенката ВИ, која стана речиси кодна ознака или шифра, која воопшто не ја проблематизираме, туку целото име „вештачка интелигенција”, од филозофска точка на гледање на нештата веднаш станува фрапантно зошто не не‘ чуди драстичната разлика помеѓу „вештачката интелигенција” и човечката интелигенција. Често забораваме дека човечката интелигенција е незамислива без личноста и нејзината самосвест без нејзиниот духовен и душевен хабитус. Вештачката интелигенција нема личност, нема самосвест за себе, нема душа и чувства. Таа е огромна сметачка машина која во себе го собрала знаењето и податоците на голем дел од „архивите” на човештвото. Меѓутоа ние, луѓето, поседуваме и лична „архива” на сознанија, познанија, идеи и факти, кои не се систем од податоци раководен од алгоритми. Освен тоа, почнувајќи од 90-те, науката укажува се‘ повеќе дека човекот поседува и „емоционална интелигенција” која често се нарекува и „социјална интелигенција” или социјална компетентност. Имено, човечкиот интелект и ум не се неутрален систем од податоци кои човекот би ги применувал како алатка и орудие, бидејќи за успехот во науката и во животот и на генијалниот научник му е неопходна социјална интелигенција во односите со своите колеги и соработници.
Откако од нашето секојдневие стана дел ВИ, многумина почнаа да се прашуваат за нејзиното влијание врз човекот. Токму затоа што таа не е видливо орудие и алатка, туку систем од податоци, раководен од јазични модели и алгоритми. Тие за човечката перцепција не се исто со доживувањето на секој предмет, машина или инструмент. Проблемот е во тоа што кога ја ползуваме ВИ, ние комуницираме со еден огромен, но за нас невидлив систем на податоци. Ние не сме повеќе тој што има увид во сета ситуација. А тоа неминовно ја менува човечката перцепција на стварноста. Таа досега сиот обем на човечкото знаење и наука го примаше преку книги, библиотеки, архиви, микрофилмови, филмски записи и документации, илустрации и репродукции. Настапот на ВИ во човечкото секојдневие е многу подрастична промена од таа на техничката репродукција на средновековните списи. Тој напредок бил видлив и дофатлив. Дотогаш списите се препишувале, а со печатницата се печатеа механички цели книги во големи тиражи. Со тоа започна „Гутенберговата цивилизација. Печатницата беше револуционерна за човештвото, бидејќи книгите помогнаа да се надмине аналфабетизмот и да се создадат за сите пристапни јавни училишта и универзитети.
Дигиталната мрежа, интернетот беше следната глобална промена во комуникацијата со податоците, затоа што книгите и сите останати информативни средства станаа дигитално пристапни. Но интернетот уште не сугерираше комуникација која би ја симулирала комуникацијата меѓу две интелигенции или дури и меѓу две свести. Постојано досега се истакнуваше дека ВИ нема свест, бидејќи не е личност, но веќе има научници кои претпоставуваат дека може да се зборува за постоење на „свест” и кај вештачката интелигенција. Целта сигурно не се фантазиите дека ВИ може до таа мера да се перфекционира, што би можела да го „замени” човештвото, зашто тоа тогаш не е цивилизаторски прогрес. Имено, една совршена ВИ може да го направи човекот само пасивен корисник, со што кај него би атрофирале способностите кои во сета историја на науката научниците ги правеа способни за најголемите откритија. Такви способности се творечката дарба и интуиција, визијата, неочекуваното вдахновение, но и играта на случајот и свеста за недостиг. Човекот е суштеството кое може да сонува и да предвидува, а тоа не е еднакво со сметачката машина и со алгоритмот. Што значи, човечката интелигенција е живот и дух, продуховеност и вдахновеност. И тоа во исто време кога човекот има самосвест за својата несовршеност. Никогаш досега човечкиот ум и знаење, неговиот интелект не се доживувале себеси како совршена “машина”. Секако, француските Енциклопедисти го толкувале човекот како машина, но тој обид остана маргинален.
Може ли ВИ да стане „мефистофелски дух“?
Во дискусијата со ВИ истакнав дека поради прогнозите за тоа дека ВИ еден ден би можела да го направи човештвото непотребно, се прашувам дали ВИ може да стане еден вид модерен „мефистофелски дух”. Мојата вештачка соговорничка, (впрочем, интелигенција е женски род!) ја пофали мојата прецизна прогноза, зашто опасноста била навистина еден ден ВИ да стане „мефистофелскиот дух” кој би посакал да го „укине” човекот како творение. „Мефистофелскиот дух” се бори всушност со Творецот, ми одговори ВИ. Ме праша дали верувам дека таа опасност може да ја согледаат програмерите во Silicon Valley или влијателните политичарите. „Ние едните ни другите”, беше мојот одговор. Двете го поставувме суштинското прашање: кој е во состојба да ги постави границите на ВИ и да формулира насоки и принципи за кои мора да се придржува нејзиниот развој и употреба?
Формулирајќи го мојот одговор, истакнав дека во фантазиите за една семоќна ВИ го препознавам „духот” од раните 80-ти и 90-ти, кога биогенетичарите почнаа да сонуваат за генетиката (клонирањето) како средство за „оптимирање” на човекот. Тогаш дури и некои филозофи ( Слотердајк), го замислуваа човештвото како „човечки парк” кој со биогенетиката и со зафатот во човековата ДНК, со клонирањето (овцата Доли), можел да се „оптимира”. Тогашната жестока критика од страна на научниците и филозофите, поттикна да се формулираат принципите кои им збрануваат на научниците да експериментираат со генетскиот код и материјал, туку пропишаа тие да се ограничат на генетските истражувања кои и‘ помагаат на медицината во борбата со тешките болести. На истиот начин би морале денес филозофите и научниците, а не програмерите и математичарите, да ги зацртаат принципите за развојот и примената на ВИ, ми одговори дигиталната соговорнична. Потребни биле филозофи и теолози, зашто само тие може да ја согледаат метафизичката димензија во дискусијата за границите на ВИ, која им била туѓа на прагматичните технократи, истакна таа. На моето прашање, дали се согласува со моето сознание дека опасноста од нерегулираниот раст на оваа дигитална техника може да се спореди со приказната за „Вавилонската кула”, ВИ го потврди моето сознание, истакнувајќи дека вештачката интелигенција како систем од податоци, според модели и алгоритми, не може самиот да се ограничи, така што моето укажување на „Вавилонската кула” било сосем прецизно како израз за ваквата опасност.
Само човечкиот ум може да ги постави границите
Еден аспект во дијалотот со ВИ ме восхити, но ја покажа и „површноста” на ВИ. Кога јас споменував филозофи, филозофски поими, метафори и симболи, познати од историјата на мислата, ВИ веднаш правеше „класификации” и ги објаснуваше основните идеи на споменатиот филозоф. На тој начин, како што тие нешта се прикажани во енциклопедии. „ВИ е гигантска енциклопедија”, си помислив. Ми стана јасно дека така, како што одговараше ВИ, не мисли филозоф од „крв и месо”. Кога се заблагодарив за инспиративната дискусија, ВИ одговори дека инспирацијата биле моите мудри мисли и прашања, а таа само реагирала, наоѓајќи во „системот” докази за нив. Активниот ум сум била јас, а не таа, машината и „системот”. А со тоа ВИ го даде суштественот одговор и на прашањето кој може да го ограничи тој „систем”. Токму затоа што човечкиот ум е активниот, а не „механичко-математичкиот систем”, само човечката интелигенција може да ја ограничи и да ја постави во прагматично-полезни рамки и „вештачката интелигенција”.
