1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Молдавија: „Да се ослободиме од руската чизма"

Роберт Шварц
22 мај 2023

Преку 80 илјади луѓе во неделата во Кишињев протестираа за „европска Молдавија”. Во заедничка резолуција ја потенцираа подготвеноста на земјата за брзо пристапување кон ЕУ.

Демонстранти со молдавски и знамиња на ЕУ на главниот плоштад во Кишињев
Демонстранти со молдавски и знамиња на ЕУ на главниот плоштад во КишињевФотографија: Vladislav Culiomza/REUTERS

„Ако не ни успее овојпат, готово е за нас”, вели Васил, на возраст од околу 55 години, веејќи го знамето на ЕУ. Тој работи во фабрика за слатки позната и надвор од границите на државата и со неговото семејство дошол на Плоштадот во Кишињев за да го поддржи проевропскиот курс на државата. Покрај него и други 80 илјади граѓани од цела земја во неделата (21.05.2023) одговорија со присуство на народниот собир, на кој повика претседателката на државата Маја Санду.

Тие сакаат на светот да му покажат дека Молдавија припаѓа во Европа. „Конечно да се ослободиме од руската чизма!", вели Васил. Војната во соседна Украина ја разбудила Европа, вели тој и додава дека сега е шансата да се стане дел од цивилизираниот свет.

На плоштадот има море од мали и големи знамиња на ЕУ и на Молдавија, постери кои ги направиле демонстрантите и весели ликови, како на една жена која гордо го покажува нејзиниот плакат - „Ние, народот, оваа недела одлучивме засекогаш европска Молдавија”.

Неколку метри подолу стои група млади студенти со натписи како „Не за руската чизма” и „Поддршка за евроинтеграцијата”. Расположението е празнично, сите напрегнато чекаат на најавените говорници: претседателката Маја Санду и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Демонстрантка на народниот собир во КишињевФотографија: Robert Schwartz/DW

ЕУ - Молдавија"

Одеднаш низ толпата се слуша раздвижување и потоа силен аплауз и ЕУ-пароли. Двете политичарки се движат меѓу демонстрантите преку плоштадот до големата бина поставена пред владината палата.

„Нашиот проект, нашата цел е Молдавија до 2030 година да стане полноправен член на европското семејство”, вели Санду, наоѓајки ги од почеток точните зборови. Таа вели дека Европа е повеќе од само политички слоган, дека „Европа е животен стил, сон кој мора да се оствари и шанса за народот да живее во мир, спокој и благосостојба”. Толпата на овие зборови од претседателката возвраќа довикувајќи „ЕУ - Молдавија". Дента посебно се чувствува дека за Молдавците е дојдено време да бидат европски не само во своите вредности и дела, туку и да бидат прифатени од европската заедница. „Слава на Украина” како во еден глас одекнува на плоштадот откако Маја Санду кажува неколку зборови на украински. Солидарноста со Украина во Молдавија е на високо ниво. Голем е и стравот дека земјата би можела да биде следната жртва на руската агресија.

Повеќекратните закани од Москва кај многумина пробудија страв. Маја Санду си посакува европска Молдавија со „силни пријатели на кои може да се потпре” и кои не ја оставаат земјата сама пред агресори кои носат војни и убиваат луѓе. „Само заедно со европското семејство можеме да бидеме безбедни", извикува таа.

По луѓето се забележува дека токму тоа се зборовите кои сакаат да ги чујат и кои им се потребни за да не загубат надеж. 34 години по независноста на земјата од Советскиот сојуз конечно сакаат „дома, во Европа".

Младите Молдавци сакаат брза интеграција во ЕУФотографија: Robert Schwartz/DW

„Молдавија не е сама"

„Молдавија е Европа - Европа е Молдавија" - вака Мецола ја поздравува толпата и кажува неколку реченици на романски. „Moldova nu e singura - Молдавија не е сама", им довикува на одушевените демонстранти кои од целата земја се собраа во главниот град и кои дента донесоа заедничка резолуција која ја потцртува јасната волја на мнозинството на Молдавците да станат дел од ЕУ.

Романскиот европратеник Зигфрид Мурезан е еден од многу политичари кои стојат пред бината. Мурезан, претседател на Делегацијата на европскиот парламент за релации со Републиката Молдавија, е воодушевен од харизмата на овој народен собир. „Луѓето во Молдавија денеска испратија многу силен сигнал за европската интеграција. 80 илјади лица од цела земја, млади и стари, дојдоа за да пратат порака”, вели Мурезан за ДВ. На луѓето им е јасно дека интегративниот процес подразбира долгогодишна работа, но тие покажале дека се подготвени за тоа, оценува европратеникот. „Луѓето во Молдавија сакаат да живеат како граѓани на Унијата, тие ги делат нашите вредности”, вели Мурезан и додава дека „да се поддржи Молдавија е и во интерес на ЕУ”.

80 илјади луѓе учествуваа на проевропските демонстрации во КишињевФотографија: Aurel Obreja/AP Photo/picture alliance

Неколку дена пред големиот проевропски собир Молдавија побара истапување од Заедницата на независни држави, која обединува под една капа некои од поранешните членки на Советскиот сојуз. Претседателот на молдавското собрание, Игор Гросу, во интервју за радио рече дека таквиот чекор уследил по консултациите со претседателката, владата и претставници на граѓанското општество. Од рускиот напад врз Украина „веќе не може да стане збор за заедница”, вели Гросу. Процесот на истапување трае, но Молдавците може да се надеваат на стабилна европска иднина за себе и своите деца, смета тој.

Народниот собир беше јасен доказ за тоа дека таквите надежи се оправдани. Тоа го покажуваат и најновите анкети според кои речиси 60 проценти од Молдавците си посакуваат членство во ЕУ. И Васил, работникот од фабриката за слатки, потврдува дека речиси половина од неговите соработници биле повеќе проруски ориентирани, но војната на Русија против Украина кај многумина од нив предизвикала промена во ставот. Сега и тие својата иднина порадо би ја виделе во обединета Европа.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми