1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Молдавија: Да за Европа, не за Русија

Кено Верзек
29 септември 2025

На парламентарните избори во Молдавија, владејачката проевропска партија ПАС неочекувано доби ново апсолутно мнозинство. Стравувањата од руско влијание беа огромни. Проруската опозиција најавува протести.

Жена со виолетово палто (молдавската претседателка Маја Санду) дава изјава за новинари во Кишињев
Големиот победник на изборите е претседателката Маја Санду - нејзината партија, ПАС, изненадувачки освои апсолутно мнозинство гласовиФотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/dpa/picture alliance

„Русија и руско влијание? Не, благодариме!" – со ваква јасна порака од неочекувано големо мнозинство граѓани завршија парламентарните избори во Република Молдавија. Убедлив победник на изборите е владејачката проевропска партија Акција и солидарност (ПАС), која наспроти сите анкети, освои нешто повеќе од 50 проценти од гласовите и успеа да го одбрани своето досегашно апсолутно мнозинство. Се очекува таа во новиот парламент да има мнозинство од 55 од вкупно 101 место, но во споредба со резултатот од изборите во 2021 година има осум места помалку.

Прорускиот изборен сојуз Патриотски блок, предводен од поранешниот претседател на државата Игор Додон, освои само 24 проценти од гласовите и помина полошо отколку што предвидуваа многу анкети. Во новиот парламент ќе биде застапен и номинално неутралниот, но всушност проруски изборен блок Алтернатива на градоначалникот на главниот град Кишињев, Јон Чебан (со околу осум проценти) и партијата на популистот бизнисмен Ренато Усатиј (Нашата партија, со шест проценти). Второ големо изненадување на изборите е влезот во парламентот на партија на која што ниту една анкета или аналитичар не ѝ придаде значење - деснопопулистичката Демократија дома (ППДА) со освоени 5,6 проценти од гласовите. Таа се залага за повторно обединување на Република Молдавија со Романија и е во сојуз со десноекстремната романска партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), чиј лидер Ѓорѓе Симион има забрана за влез во Молдавија.

Молдавско семејство на гласање за парламентарните избори во КишињевФотографија: Daniel Mihailescu/AFP

Победата не е само во дијаспората

По детално пребројување на гласовите, се покажа дека ПАС не само што освои огромно мнозинство гласови меѓу силната молдавска дијаспора во западноевропските земји, туку и во три четвртини од изборните единици во земјата. Патриотскиот блок успеа да победи само во традиционално прорускиот северен дел од земјата и во автономниот регион Гагаузија, како и меѓу релативно малкуте гласачи од сепаратистичкиот проруски регион Транснистрија.

Изборниот резултат, така погледнато, е првенствено сериозен пораз за Русија и Кремљ, кои многу инвестираа во проруска кампања. Лидерот на ПАС, Игор Гросу, кој е и претседател на парламентот, денеска изјави: „Молдавијо, ти се поклонувам. Ти извојува битка по битка против непријателите на земјата кои изгледаа непобедливи. Русија употреби сè валкано што има на располагање - тони пари, лаги и незаконитости“. Гросу го опиша изборниот резултат како јасна порака дека „дома одлучуваме ние, а не Русија“. Тој рече дека „на изборите победи не само ПАС, туку и народот“.

„Молдавија - 3, Путин - 0"

Еден од популарните кандидати на ПАС, Раду Маријан, во ноќта кон понеделник (28/29.09) на Фејсбук објави: „Молдавија - 3, Путин - 0. Честитки до Молдавците!" Тоа беше алузија на претседателските избори од ноември 2024 година, на кои победи проевропската актуелна претседателка Маја Санду, како и на референдумот за ЕУ ​​одржан во исто време, во кој гласачите со тесно мнозинство се одлучија „за“ членство на Молдавија во ЕУ.

Пред изборите, во полициска рација беа пронајдени 20 милиони леи кои наводно биле наменети за купување гласови за проруски партииФотографија: CNA

Во изминатите недели и месеци, Република Молдавија беше преплавена со проруска содржина на социјалните медиуми. Во голем дел ги ширеше Патриотскиот блок, но многу содржини беа објавувани и од непознати профили. Покрај тоа, московскиот бизнисмен Илан Сор правосилно осуден за „кражба од милијарди долари“, од Москва организираше обемна кампања за купување на гласови.

Обука за инсценирање немири

Во изминатите недели се случуваше координатори од неговата мрежа да бидат апсени, последно минатата недела за време на голема рација низ цела држава, во која беа запленети големи количества пари, пропаганден материјал, фалсификувани гласачки ливчиња, па дури и оружје. Освен тоа, молдавската и српската полиција уапсија и учесници во тренинг-камп во Србија, каде што молдавски и романски граѓани биле обучувани да инсценираат немири во пресрет на парламентарните избори.

Молдавската изборна комисија им забрани на неколку проруски партии да учествуваат на изборите поради нелегална кампања и нелегално партиско финансирање. На само неколку дена пред изборите две партии беа погодени од таквите мерки, меѓу кои и проруската партија „Срцето на Молдавија“ (СМ) предводена од Ирина Влах, поранешна гувернерка на автономниот регион Гагаузија, чија политичка елита е тесно поврзана со Кремљ.

Игор Додон, претседател на Партијата на социјалистите на Република Молдавија и лидер на Патриотскиот блок, вечерта на денот на изборите во КишињевФотографија: Vladislav Culiomza/REUTERS

Невообичаено емоционална порака

Молдавската претседателка Маја Санду, откако го даде својот глас, вчера (28.09) на невообичаено емоционален и алармирачки начин им се обрати на гласачите со видео на Фејсбук, во кое вели: „Русија не е наш пријател. Нападна соседна земја без никаков мотив, ни ги затвори славините за гас и сака да ги купи нашите гласови и нашата земја“. Подоцна на Фејсбук напиша и дека „Молдавија е наша земја, а не на криминалната група на Сор“.

Лидерот на Патриотскиот блок, Игор Додон, доцна во неделата изјави дека ПАС ги изгубила изборите и за денеска повика на протести за да се одбрани „победата на народот против ПАС“. До понеделник претпладне, Додон веќе не коментираше за резултатите. Аналитичарите сепак не очекуваат поголеми протести или немири во наредните денови, бидејќи резултатот од изборите е неочекувано јасен.

Градоначалникот на Кишињев, Јон Чебан, на Фејсбук само напиша: „Им благодариме на сите. Го почитуваме гласот на граѓаните!"

Лидерот на ПАС и претседател на парламентот, Игор Гросу, на прес-конференција го бранеше правото на опозицијата да протестира во јавност. Тој ги повика Патриотскиот блок и неговиот колега во парламентот Игор Додон мирно да протестираат и да не плаќаат демонстранти за учество, како што се случувало досега.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми