1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиМолдавија

Молдавија: „Едноставно не знаеме што не чека“

Сабине Кребс | АРД
18 февруари 2023

Република Молдавија се бори за стабилност. Руската војна против Украина ги подгрева стравовите, додека високите цени на енергенсите масовно го оптоваруваат населението. Многумина не можат да прават планови за иднината.

Турбулентни времиња во Молдавија и во главниот град Кишињев
Турбулентни времиња во Молдавија и во главниот град КишињевФотографија: SKATA/IMAGO

Возот, еден речиси прастар модел, се движи вечерта кон запад, од главниот град на Молдавија, Кишињев кон Унгени. За некои патници, како Елена, Валентина и Марија кои секојдневно патуваат од друг град до работното место во Кишињев, ова е напорно патување. Секое утро тргнуваат во 5.30 наутро а се враќаат дома доцна навечер, околу 19.30. И сето тоа за 200 евра плата месечно. Едноставно сè стана толку скапо, вели Валентина Морару и додава дека за леб, зејтин или месо во меѓувреме се плаќа и до пет пати поскапо од порано. И Елена Драгу има проблем да врзе крај со крај. „Платата ни е мала“, вели таа. Иако постојано им се ветува покачување, тие не знаат дали и кога ќе се случи тоа.

Важен економски фактор: Молдавците во странство

Молдавија е мала земја на крајот од Југоисточна Европа, и е најсиромашната земја на континентот. Републиката е основана во 1991 година по распадот на Советскиот сојуз. Според последните податоци сега има 2,6 милиони жители.

Наталија Гаврилица поднесе оставка на премиерската функција на 10 февруари 2023Фотографија: Elena Covalenco /DW

Повеќе од еден милион Молдавци во последниве години се иселиле од земјата во потрага по подобар живот. И тие сега се најважниот економски фактор за Молдавија бидејќи испраќаат пари дома. Оние коишто се останати, се под притисок од галопирачката инфлација и растечките цени на енергенсите. А тука е и стравот дека војната од Украина може да се прелее и кај нив.

Татјана Сарбу вели дека никогаш не би помислила „оти може да се случи војна во наше време“. За Драго Шутелницу ова пак значи дека не може да „прави планови ниту за утре, ниту за иднината“. „Мислиме само на тоа што може да се случи вечерта, дали сме преживеале или дали ќе започне мобилизација. Соочени сме со неизвесност. Едноставно не знаеме што не чека“. 

Внатрешна нестабилност 

Молдавија минува низ турбулентни времиња. Владата со премиерката Наталија Гаврилица си поднесе оставка. Поранешниот министер за внатрешни работи Дорин Речeан доби мандат за составување на нова влада. Со месеци има индикации за големо руско влијание во земјата. Во понеделникот, прозападно ориентираната претседателка на државата Маја Санду, информираше за извештај на тајните служби во кој се вели дека Русија планира обид за државен удар во Молдавија. Минатата недела украинскиот премиер Володимир Зеленски на ЕУ самитот во Брисел изјави дека неговата земја пресретнала планови на Русија да ја стави Молдавија под своја контрола.

Поранешниот министер за внатрешни работи Дорин Речеан е мандатар за состав на новата молдавска владаФотографија: Elena Covalenco

Алармот во Молдавија е вклучен особено поради фактот дека во отцепениот регион Транснистрија сѐ уште се стационирани 1500 руски војници. Црното сценарио гласи: проруски настроена влада во Молдавија може да ѝ отвори нови стратешки можности на Русија и значително да го зголеми притисокот врз југот на Украина. 

Загриженост на западните партнери 

Ова предизвикува загриженост и кај западните партнери на Украина и на Република Молдавија. Прозападниот курс на претседателката Санду во земјата се смета за контроверзен, што е надополнето и со силните критики против неа од проруските сили во Молдавија. Западните партнери се обидуваат да ја стабилизираат земјата со финансиска и друг вид помош. Поголема помош за малата земја беше ветена и на донаторската конференција во ноември во Париз. Летото ЕУ и одобри кандидатски статус – уште едно ветување за иднината

Војната ги преминува границите 

Но, засега војната е многу блиску. 68-годишната Олга Жеребловскаја ги почувствува последиците на сопствениот праг. На североистокот на Молдавија, во Наславчеа директно до границата со Украина, минатата година паднаа остатоци од руска ракета погодена од украинските сили.

Дел од помошта на западните партнери за Молдавија: оклопни возила од Германија Фотографија: Elena Covalenco

„Тоа беше навистина страшна експлозија. Мислев готово, дојде крајот на светот,“ раскажува Олга. Русија повеќепати го повреди воздушниот простор на Молдавија. И минатиот петок се појави ракета во близина на украинската граница. Според податоците од Министерството за надворешни работи, токму затоа рускиот амбасадор бил повикан на разговор во молдавското МНР.

Каде да се оди кога борбите ќе стасаат до Молдавија? 

Кога ќе стаса навечер дома од работа прво што треба да направи Елена е да ја затопли куќата и тоа со печка на дрва. Со малата плата не може да си дозволи да се грее на струја оти сметките во меѓувреме се искачиле на 40 евра што е една петина од нејзиниот приход. Но, она што во моментов најмногу ја плаши е стравот од иднината. Оти кај да се бега ако војната дојде до Молдавија, се прашува Елена. Таа и нејзините колеги со кои секојдневно патува до работа сепак се надеваат на мир, како и многу луѓе во Молдавија. Во тоа име си наздравуваат со домашно вино. Утредента повторно ги чека пат со воз до работното место во Кишињев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми