1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиМолдавија

Молдавија: Ново „сценарио“ од Кремљ?

Витали Калугареану | Роберт Шварц
14 март 2023

Се чини дека ситуацијата во Молдавија дополнително ескалира. Проруските сепаратисти во отцепениот регион Транснистрија соопштија дека спречиле атентат врз нивниот лидер од страна на украински агент.

Тираспол е главен град на отцепениот регион Транснистрија, кој де јуре и припаѓа на Република Молдавија
Тираспол е главен град на отцепениот регион Транснистрија, кој де јуре и припаѓа на Република МолдавијаФотографија: Goran Stanzl/Pixsell/imago images

Во Република Молдавија ситуацијата се заострува. Проруските сили во сепаратистичкиот регион Транснистрија во четвртокот (09.03.2023) објавија дека бил спречен терористички напад врз нивниот лидер Вадим Красноселски. Еден украински агент роден во Транснистрија се обидел да го разнесе автомобилот на политичарот во близина на училиште во центарот на Тираспол, главниот град на отцепениот регион. Беше кажано дека цел на нападот не бил само Красноселски, туку и дел од цивилното население - во прв ред деца.

Проевропската влада во молдавскиот главен град Кишињев ги отфрли тврдењата како измислени. Украина зборува за „провокација од Кремљ“ за да се создаде паника во Транснистрија. На крајот на февруари руските министерства за одбрана и за надворешни работи објавија лажни вести за подготовки на вооружена провокација на украинската армија против Транснистрија. Информацијата се покажа како целосно погрешна.

„Признание“ и други детали

Во четвртокот наутро, таканаречените транснистриски безбедносни структури објавија видео на кое се гледа како еден маж, роден во Тираспол во 1979 година, признава дека украинската тајна служба му наредила да го изврши атентатот. Му се заканувале со смрт доколку не ја изврши наредбата.

Карта на Република Молдавија и сепаратистичкиот регион Транснистрија

Во соопштението на властите во Транснистрија се вели дека планот за терористичкиот напад го развиле украинските специјални служби. Напаѓачот по нападот требало да се сокрие во Молдавија, а потоа имал мисија да се врати во Тираспол за да ликвидира и други членови од политичкото раководство на Транснистрија. Интензивно, се вели, биле набљудувани и децата на таргетираните политичари. Во четвртокот вечерта на трансинистриската телевизија беше емитуван „документарен филм“ со детали и сведоштва на уапсените во врска со случајот.

По филмот за наводно спречениот терористички напад, Красноселски одржа шестминутен говор во кој го повика населението да остане смирено. Тој, исто така, апелираше до своите сограѓани да не ги мразат украинските бегалци во Транснистрија, иако - како што објасни - некои од наводните напаѓачи се претставиле како бегалци. Красноселски најави и дека за инцидентот ќе бидат информирани Советот за безбедност на ОН, ОБСЕ и партнерите од преговарачкиот формат „5+2“.

Кишињев и Киев ги отфрлаат информациите како измислени

Владата на Република Молдавија мирно реагираше на информациите од отцепениот регион Транснистрија. Нема потврда во врска со наводниот напад на левиот брег на реката Днестар, рече премиерот Дорин Речеан во првата изјава: „Нема ризик од ескалација. Важно е Молдавија да се наоѓа во стабилна ситуација на мир и стабилност во регионот“ изјави премиерот дополнувајќи дека владата во Кишињев ќе се соочи со сите постоечки предизвици.

Дорин Ресин, поранешен советник за безбедност во претседателската кабинет, од средината на февруари 2023 година е нов шеф на владата во Кишињев .Фотографија: Vladislav Culiomza/REUTERS

Киев решително ги отфрли наводите од Тираспол и предупреди на „сценариото на Кремљ“: „Русија нема да престане да се обидува да ја дестабилизира ситуацијата во Молдавија“, рече Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Целта е преку пропаганда да се „заплаши населението“. Колку и да се смешни „информациите за украинските терористички напади“, заклучокот е очигледен: „Локалното население треба да се заплаши со закани за воени дејствија, а Украина негативно да се претстави како потенцијален извор на опасност“, рече Подољак.

Исто така во четвртокот (09.03.2023) наутро, печатот во молдавскиот главен град Кишињев објави алармантна вест за нарушување на воздушниот простор на Молдавија од неколку руски крстосувачки ракети. Тие беа истрелани од Црното Море и биле насочени кон цели во Украина. Паниката беше засилена на социјалните мрежи, на кои беше објавено дека ракетите биле забележани над градот Бричени. Министерството за одбрана на Република Молдавија ја демантираше оваа информација и ги повика граѓаните да се информираат од официјални извори.

Во политичко ток-шоу на молдавскиот информативен канал Журнал ТВ, министерот за одбрана Анатоли Носатаи изјави дека локалните експерти и надворешните партнери потврдиле дека проширената вест е лажна. Според Носатаи, дезинформациите се елемент на хибридната војна што Русија ја води против Молдавија. Постојано се прават обиди да се дестабилизира ситуацијата преку дезинформации и лажни вести, да се дискредитира молдавското раководство и да се создадат тензии во општеството. „Станува збор за сили од овде и однадвор“, предупреди министерот за одбрана, обидувајќи се да ги смири своите сонародници: „Нема непосредна опасност од воена конфронтација, од воена агресија. Но, ги гледаме несаканите ефекти од војната во Украина“. И ова се сфаќа многу сериозно во Кишињев.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми