1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Молдавија: Победа на проевропската владејачка партија

ЕМФ | агенции
29 септември 2025

На парламентарните избори во Молдавија, оценети како „најважни од осамостојувањето на земјата“, победи проевропската владејачка партија ПАС, предводена од претседателката Маја Санду.

Поддржувач на проевропската Партија за акција и солидарност (ПАС), завиткан во молдавското знаме, се насмевнува додека проверува изборни резултати на телефон по затворањето на гласачките места за парламентарните избори во Кишињев, Молдавија.
Поддржувачите на ПАС се задоволни од изборните резултатиФотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

Владејачката либерално-конзервативна Партија за акција и солидарност (ПАС) во Молдавија го одбрани своето мнозинство. ПАС, која е на власт од 2021 година, освои 50,03 проценти од гласовите, објави изутринава изборната комисија откако беа преброени повеќе од 99,5 проценти од гласовите. Прорускиот Патриотски блок доби нешто помалку од 24,3 проценти.

Покрај ПАС и Патриотскиот блок, влез во молдавскиот парламент обезбедија и прорускиот сојуз Алтернатива (8%) и партијата Ностру (6,2%). Неочекувано, прагот за влез во парламентот го помина и партијата ППДА (5,7%) некогаш основана за обединување со Романија. Одзивот на изборите беше околу 52%, односно повисок од изборите во 2021 година, кога на избори излегоа 48% од граѓаните со право на глас.

Изборите беа засенети од обвинувањата од молдавската претседателка Маја Санду и Европската Комисија дека Русија се обидува масовно да влијае на изборите во своја корист. Партијата на Санду, ПАС, водеше во повеќето анкети пред изборите, но исходот сепак се сметаше за неизвесен.

Санду претходно ги опиша парламентарните избори како „најважни во историјата на Молдавија“. Откако гласаше во главниот град Кишињев, Претседателката во неделата (28.09) изјави дека нејзината земја е во „опасност“: „Ако Молдавците не се доволно мобилизирани и ако руското мешање има значително влијание врз нашите избори, Молдавија би можела да изгуби сè што добила, а ова би можело да претставува и значителен ризик за други земји како Украина“.

Претседателката Маја Санду на гласање во КишињевФотографија: Vladislav Culiomza/REUTERS

Поранешната советска република Молдавија, која официјално преговара за пристапување во ЕУ од јуни 2024 година, останува една од најсиромашните земји во Европа. Незадоволството кај нејзините приближно 2,4 милиони граѓани се зголемува. Опозицискиот Патриотски блок ја обвинува владејачката партија ПАС дека со раскинот со Москва ја влошила економската состојба и придонесла за зголемување на цените на гасот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми