1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
28 ноември 2024

Криминалецот и злосторството отсекогаш биле околу нас, на нецели седум метри дистанца од секој човек на исправната страна на законот. Пишува Арсим Зеколи

Криминалецот и злосторството отсекогаш биле околу насФотографија: Yahaya Arhab/dpa/picture-alliance

На денешната Ајфон и Нетфликс младина е тешко да ѝ се објасни дека таму некаде на крајот на дваесеттиот век, јас и дузина пријатели се собиравме на викенд-проекции на филмови. Честа да се биде домаќин – не секогаш пресреќен – беше кај пријателот кој беше меѓу првите сопственици на видеоплеери. Додека пак авторот, како најмлад, ја имаше улогата да набавува нови касети со пиратирани филмови. Проекциите инаку знаеја да траат и цел ден, секој филм проследен со коментари и бурни смеења. Изборот на филмови – најчесто трилери, воени драми, комедии и еротика.

Во една од филм-сеансите, на ред дојде филм со чуден наслов, „Молкот на јагнињата“ (или „Кога јагнињата ќе стивнат“). Претпоставувавме дека станува збор за комедија или еротика од типот „Млади Швеѓанки на летен одмор” (Апропо, тогашниот гостин од САД беше фрапиран што филмот можевме да го гледаме пред да стигне во голем број тамошни кина). Но никој нѐ немаше подготвено за филм кој прво нѐ вознемири, шокира и на крај принуди на дополнителни две репризи. Тоа беше првиот контакт со т.н. жанр на сериски убијци и грозоморни садизми.

Неколку години подоцна, откога сите набавивме веќе евтини видеоплеери, слично или уште повознемирувачко чувство следеше со филмови како „Седум”, „Бакни ги девојките”, „Копикет”, „Мизерија” и.т.н. За тогашната млада генерација од посткомунизмот, првите целулоидни контакти со Западот беа во чекор со подемот на мрачниот бран на индустриско екранизирање на сериски и морбидни злосторства екранизирани во мистичен облак на мистерија, еротика, музика и - најчудно од сѐ - религија. Во тој синеастички свет, сериските убијци беа прикажувани како безмалку несфатени генијалци со истенчен вкус за музика, врвни винолози и гурмани, енциклопедиски познавања на секоја наука, обилен шарм, беспрекорен вкус за облекување и истенчен осет за хумор. 

Како и секој друг жанр, и оној за сериските убијци на крајот заврши како жртва на „баналноста на злото”. За конечното опело да биде испеано низ маестралната серија на „Ловци на умот” (Mindhunters), која ја разобличи сета мистика околу мистеријата на сериски убијци. Претставувајќи ги токму какви што се во реалноста – банални губитници со ограничена интелигенција, недостаток на лична хигиена, кукавици склони кон насилство врз немоќни и остарени, општествени стаорци од смрдливи подруми. Серијалот беше еден од последните ТВ-дела кои со амбициозноста и ингениозноста заслужуваат да бидат сметани како културен феномен кој цели не само да забавува, туку и да образува, кој ја промени културната матрица. Ја присили публиката да не се фасцинира од злото на злосторникот, туку од борбата на доброто на човекот кој бара правдина за жртвата и спречува следни злосторства. По цело столетие, од Џејмс Кегни до Ханибал Лектор, поминато во хипнотизирачка фасцинација со психата на криминалецот, Дејвид Финчер и Шарлиз Терон на публиката ѝ понудија радикално преиспитување на вредностите системи на поп-културата, експлоатирајќи ја љубопитноста на умот за да протнат преобразба на духот.

Дури и денес, низ најрелевантните светски листи на кинематографски дела, првите места се резервирани за филмови од светот на криминалот. На листата на IMDB тоа се Кумот и Бегството од Шошенк; на листата на Variety води Психо на Хичкок; на листата на RottenTomatoes се ЛА Доверливо и Кум. Се разбира, медиумската критика на славење на таквите дела редовно е засладена со описи на „епска борба на доброто и злото, неисплативоста на криминалот, човек во канџите на подземјето, мрачната страна на природата”, но сепак недоволно да се затскрие опсесијата со ефектите на милјето на криминалот и природата на злото.

​​​​Сцена од филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“Фотографија: Ronald Grant/Mary Evans/IMAGO

Опкружени со криминал

Криминалецот и злосторството отсекогаш биле околу нас, на нецели седум метри дистанца од секој човек на исправната страна на законот. Нашите први поуки во детството и школските клупи се оние за вредноста на добрината, надополенти и надградени со религиски четива за обврската да бидеме воини на доброто против злото. Нема сегмент од возрасноста која не поминува во славење на чесноста и прекорност кон нечесноста. А сепак, денес, како никогаш порано, сме опкружени со криминал, нечесност, злоба, насилство. Кое, според холивудските сценарија, го прифаќаме како нужно зло обвиено во слоеви и наслаги и обвивки на оправдување, релативизација, па дури и морална валоризација. Изговорите се често идеолошки, почесто етнички, понекогаш генерациски искуствени, неретко религиски, дури и полови. Но секогаш диктирани од доминацијата на доживеаната или перцептирана немоќ која го рони нашето достоинство и бара лековит спас во имагинариумот на одмаздничка, зацелителна брутална правда. По цена на свесно и доброволно прифаќање на продолжување на магичниот круг на насилство.

Не еднаш, туку многупати сум имал можност да слушнам како политички амбициозни луѓе инсистираат дека кај нас треба да се примени тврдиот курс на Ли Кван Ју, таткото на успехот на Сингапур. Но ниту еден од нив не беше спремен да коментира за првиот предуслов на борбата на Ју во создавање на неговата земја како симбол на успешноста. А тоа е дека самиот Ју не беше корумпиран, и како таков, беше моралната оска која не можеше да биде скршена од противниците. Настрана нивните идеолошки или културни контроверзи, примерот на Ју, слично на оние на Борис Трајковски, Албин Курти, Берни Сандерс, докажуваат дека флоскулата на „општествена борба” против корупцијата, криминалот отсекогаш била празна парола. И дека таквата борба е секогаш персонална, единечна, диктирана од личност и неговиот пример. Во овој час, кај нас, на нашата политичка сцена не постои ниту еден единствен политичар кој има барем трошка таква индивидуално отскочна карактеристика. Оттаму, ниту Мицкоски, ниту Филипче, Ахмети, Заев, Меџити, Апасиев не можат да бидат предводници, ниту модели на барем приближно успешно справување со состојбите во кои се наоѓаме. Туку само релативизатори на константата на криминалот во кој смислено нѐ вплеткуваат – во име на повисоки цели.

Не дека немало совесни и чесни...

Тоа секако не значи дека такви ликови, такви исклучоци нема во општеството. Попрво е дека општеството не се култивира и образува да вреднува такви позитивни екцеси. Нашиот академски, интелектуален, културен, медиумски простор е определен уште од 1945 година да го релативизира злосторството и злосторникот преку сакрализација на кутриот, измачен, окрвавен убиец, кој бил присилен – за наше добро, нели – да убие, украде и измачи. Политичкиот интелект е само инструмент на таа традиција и гарант на неговото преживување.

Не дека немало чесни работници, опремени со чесноста на трудот и храброста со прст на осуда да ги посочат убијците, садистите од комунистичкиот синдикат на злосторството. Но таа чесност за час испари штом нивната храброст беше киднапирана и впрегната во рацете и каузата на екстремната десница, национализмот, шовинизмот на другата страна. Не дека немало совесни Македонци/Албанци спремни да проговорат и да ја осудат темната страна на нивната кауза. Само за на крај да бидат потонати во мочуриштето на селективност или експлоатација. Не дека немало политичари растоварени од криминалот, но индикативно колективно терани во опскурност, на маргини, исмејани како неспособни. Не дека и ден-денес нема такви исклучоци. Но во ваква сеопшта доминација на премолчена академска, интелектуална, културна, медиумска и на крај политичка солидарност, сплотена околу тотемот на криминал, корупција, непотизам, не постои ниту еден мал прозорец за барем зачеток на поинаков дух на размислување. Признавањето на таа реалност не е манифестација на песимизам, на депресивност. Напротив, тоа е неопходност во дефинирање, на дијагностицирање на болката како преуслов за изнаоѓање лек.

Сето ова можеби, дури и со право, ќе зазвучи како наивен идеализам, на дон-кихотство. Но ви велам, ви тврдам и ви гарантирам дека е сосема спротивното. Дека вашата безнадежност не е производ на реалноста, туку е последица на масивната, масовна доктрина наметната врз нас од естаблишментот за да се одржи предвидливоста на функционирањето на системот. Потсетете се на колективната надеж дека демократијата ќе нѐ ослободи од стегите на едноумието, дека Груевски ќе донесе подобра економија, дека Катица Јанева и Фатиме Фетаи ќе бидат Јустиции на правдата. Таквите ликови се издигнаа врз бранот на доброто во општеството, кое таквите креатури не знаеја, не сакаа да го ценат и го сметаа за „наивни будалетинки и овчички за стрижење”. Потсетете се и на испраќањето на Борис Трајковски, исмејуван до понижување ден пред смрта, за вреднувањето на Абдурахман Алити прогонуван до ден пред смрта.

Повторно се слуша некој шум

Основната, примордијална, духовна енергија на секое општество е диктирано од колективизираната желба на индивидуите да си го подобрат животот, сопствен и на најблиските. Во сопствената природна состојба определена од базичните човечки потреби, општеството е инхерентно позитивно конципирано. Таа позитивна енергија е инхерентно условена од духовниот мир или немир на ликот или кликата која цели да управува со него. Доколку намерата, ниетот е чесен, општеството напредува и ги исполнува тежнеењата на индивидуата. Но доколку намерата, ниетот е оптоварен од заблудите на амбициозниот предводник, општеството назадува, најниските пориви испливуваат, индивидуата се присилува на егзистенциално мигрирање од општеството, дури и самата земја. Самите оценете кои пориви владееле врз општеството во последните неколку децении.

Во екранизацијата на Брегзит „Нецивилна војна” нa Тоби Хејнс, главниот лик и антихерој Доминик Камингс на самиот почеток зборува за чуден заканувачки шум, тивок мрмот кој се слуша насекаде, од самите длабочини на Велика Британија. За тој шум да престане ден по неговата победа и изгласување на Брегзит. Чинам дека слично се случува во Северна Македонија. Зашто шумот, баботењето кое одекнуваше насекаде во предизборието, одеднадеж стивна. Како што редовно бива со лошиот ниет, со секоја банална победа извојувана врз лаги и плагијати. Овците, истрижени, немоќно изнемоштени, веќе не блејат. Чобаните не знаат што да прават со победата. А совеста тежи. Гризе. Плаши и пореметува. Зашто, некаде во длабочината повторно се слуша некој нов шум.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми