Десетина повредени во антивладините протести во Албанија
8 октомври 2024Илјадници опозициски демонстранти во главниот град Тирана водеа улични битки со полицијата и фрлаа молотови коктели врз владината зграда. На должност биле над 1.000 полицајци. Пред канцеларијата на премиерот Еди Рама и седиштето на неговата Социјалистичка партија избија судири, при што демонстрантите го запалија постерот на Рама со молотови коктели. Полицијата употреби солзавец за да ја растера насобраната маса демонстранти.
Немирите се проширија и на просторот пред МВР и кабинетот на градоначалникот на Тирана, кој исто така припаѓа на владејачката партија, каде дојде до дополнителни конфронтации меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Според полицијата, десет полицајци се повредени.
Демонстрантите ја обвинуваат владејачката Социјалистичка партија на Рама за корупција, непотизам, изборна измама, влијание врз судството и обид за замолчување на опозицијата. „Придружете ни се, ова е граѓанска непослушност“, повика демонстрантот Ергес Ескиу преку разглас: „Сите леви и десни, пензионери и студенти, родители, сите вие сте ограбени."
Демонстрантите протестираа и против куќниот притвор на опозицискиот лидер и поранешен шеф на владата Сали Бериша, кој е обвинет за корупција за време на неговиот мандат како премиер. Демократската партија на Бериша веќе протестираше пред парламентот минатата недела откако негов партиски колега беше осуден за клевета и затворен. Ервин Салианџи ја обжали пресудата до Врховниот суд на земјата.
Демократската партија, која повремено насилно протестира против владата од 2013 година, исто така бара ослободување на Бериша од домашен притвор.
Поранешниот премиер ја критикуваше истрагата и неговото апсење како политичка репресија, нарачана од премиерот Рама.