1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мора ли Германија да се навикне на повеќе штрајкови?

Миша Ерхард
28 март 2023

Вчерашниот (27 март) голем предупредувачки штрајк веројатно беше само предвесник на идни спорови околу платите. И покрај високите барања на синдикатите, спирала на раст на платите и на цените засега не е на повидок.

Припадници на синдикатот Верди за време на големиот предупредувачки штрајк на 27 март 2023 година
Припадници на синдикатот Верди за време на големиот предупредувачки штрајк на 27 март 2023 годинаФотографија: Fabian Bimmer/REUTERS

На некои работодавачи би можел да им запре здивот поради актуелните барања за зголемување на платите. Синдикатот на јавниот сектор Верди бара 10,5 отсто поголеми плати и месечно зголемување од најмалку 500 евра. Во синдикатот на железничари ЕВГ бараат дури 12 насто и најмалку 650 евра зголемување месечно. Со тоа синдикатите сакаат да ја надокнадат загубата во куповната моќ предизвикана од високата инфлација. 

Имајќи ги во предвид толку високите барања, некои економисти зборуваат за претстоечка спирала на раст на платите и на цените, односно ситуација кога платите и цените взаемно поттикнуваат на раст, што може да има потенцијално економски штетни последици. 

Каква врска имаат високите плати со инфлацијата? 

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, пред неколку дена предупреди дека вработените и компаниите мораат подеднакво да го поднесат зголемениот товар. „Ако секоја страна се обиде да ги минимизира сопствените загуби, би можело да се случи поголемите профитни маржи, платите и цените едни други да се туркаат нагоре“, рече Кристин Лагард.

Синдикатите не гледаат таков проблем, барем не поради нивните барања. „Да се зборува за спирала на плати и на цени е бесмислица. Ако ги спојам сите наши барања, тогаш бараме помалку од инфлацијата“, нагласува Френ Вернеке, првиот човек на Верди.

Возовите стоеја, железничките станици беа празни за време на големиот штрајк на 27 мартФотографија: Fabian Bimmer/REUTERS

Тоа е валиден аргумент - ако побарувањата навистина останат под инфлацијата. Затоа што ако цените растат побрзо од платите, се намалуваат реалните плати на работниците. Тогаш тие можат да си дозволат помалку стока, а побарувачката слабее. И тоа повеќе зборува за пад, а не за раст на цените.

Претседателот на германскиот институт за економски истражувања (ДИВ), Марсел Фрачер, не верува дека во моментов се заканува спирала на раст на платите и на цените. „Тоа е мит“, вели тој, бидејќи во 2022 година, вработените имаа просечна загуба на реалната плата од три проценти, а во 2023 година таа веројатно ќе биде уште два отсто или повеќе. 

Економистите сметаат дека е можен прифатлив договор 

.Сличен став има и економистката Моника Шницер, бидејќи, како што вели, и годинава треба да се очекува инфлација над шест отсто. Во овој контекст, барањата за високи плати се разбирливи, смета Шницер, претседателка на Германскиот совет на економски експерти (Економски мудреци). Од друга страна, таа предупредува дека мора да се избегне споменатата спирала на плати и на цени. Поради оваа причина, германската влада овозможи и ги ослободи од данок еднократните плаќања на работодавачите на вработените и донесе мерки за сузбивање на високите трошоци за енергија.

Шницер е убедена дека ќе се постигне прифатлив договор. Всушност, ова е и клучна точка, бидејќи искуството покажува дека синдикалните барања не се прелеваат непроменети во договори. Односно, реалните зголемувања на платите имаат тенденција да бидат пониски од првичните, високи барања.

Сите летови откажани: Аеродромот во Минхен на 27 март 2023 годинаФотографија: Angelika Warmuth/dpa/picture alliance

Слично на тоа гледа и Клеменс Фуест, претседател на минхенскиот економски институт Ифо. „Мислам дека, како и секогаш, ќе има некаков компромис. Мислам дека работодавачите донекаде ќе попуштат, но секако дека и тука има граници. Затоа очекувам зголемување на платите за околу седум насто. Тоа сепак би било под стапката на инфлација, но би ги растоварила приватните домаќинства и вработените“, вели Фуест за ДВ.- 

За во иднина, Марсел Фрачер е убеден дека преговарачката моќ на вработените е зголемена - и затоа бројот на штрајкови најверојатно ќе се зголеми. „Во моментов доживуваме пресврт на пазарот на труд - се чини дека деновите во кои работодавачите можеа повеќе или помалку да ги диктираат платите и условите за работа завршија“, вели првиот човек на ДИВ.

Повисоки плати како лек за недостигот на квалификувани работници?

Од друга страна, Институтот за германска економија (ИВ), кој е близок до работодавците, приговара дека повисоките плати сами по себе не влијаат на недостатокот на квалификувани работници - тоа не може на краток рок да обезбеди квалификации кои моментално ги нема, ниту на среден рок да ги промени условите на пазарот на труд за да се создаде доволна мобилност на работната сила.

Трамвајите во последниот период во Германија зачестено остануваат во транспортните центри, како на 27 март 2023 година во БонФотографија: Jana Rodenbusch/REUTERS

„Наместо тоа, повисоките плати во секторите каде што недостигот на квалификувани работници е особено висок ќе ги направи услугите и стоките поскапи на кус рок“, се вели во студијата на експертот за пазарот на трудот на ИВ, Александар Бурстеде. 

Неспорно е дека има и ќе има општ недостиг на работници и на квалификувана работна сила. Ова е поддржано и од најновите прогнози на Институтот за истражување на пазарот на труд и професионални истражувања (ИАБ), истражувачки институт на Сојузната агенција за вработување. За 2023 година, ИАБ очекува зголемување од 340.000 работни места кои подлежат на придонеси за социјално осигурување. Бројот на вработени ќе достигне ново високо ниво од речиси 46 милиони.

„Има недостиг на работници колку што немало со децении. Затоа компаниите се обидуваат да ги задржат своите вработени, дури и во тешко опкружување“, вели Енцо Вебер, шеф на одделот за истражување на ИАБ за прогнози и макроекономски анализи. Добриот тренд на вработување ги поддржува приходите и поради тоа, заклучува Вебер, останува важно сидро за стабилноста на економијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми