1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Оружје за Украина: Дали Западен Балкан може да помогне?

29 март 2024

Во февруари, украинскиот претседател Зеленски повика на заедничко производство на оружје со земјите од Западен Балкан. Но можат ли тие да помогнат и да произведат оружје доволно за да ги задоволат потребите на Украина?

Володимир Зеленски Александар Вучиќ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски (лево) во февруари предложи копроизводство оружје со земјите од Западен БалканФотографија: Armando Babani/AP Photo/picture alliance

Откако Русија ја нападна Украина пред повеќе од две години, украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано апелира за воена помош од САД и од сојузниците на Украина во ЕУ.

На самитот Украина-Југоисточна Европа во Тирана, Албанија, кон крајот на февруари, тој отиде чекор натаму и предложи заедничко производство на оружје со земјите од Западен Балкан. „Предлагам заеднички форум за одбранбената индустрија меѓу Украина, Балканот и нашите партнери“, рече тој.

Тука се поставува прашањето дали регионот Западен Балкан е технички способен да ја исполни желбата на Зеленски. И ако е така, дали Србија, која е позната по силните политички врски со Русија, ќе биде подготвена да го стори тоа?

Зошто Зеленски го издвои Западен Балкан?

„Иако земјите од Западен Балкан немаат значително производство на тешко оружје, тие имаат голем број фабрики за муниција, а муницијата е она за што е заинтересирана Украина“, вели Катарина Ѓокиќ, истражувач во Програмата за трансфер на оружје на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм.

Ѓокиќ за ДВ вели дека најголемиот дел од производството на оружје во регионот е концентрирано во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија, со неколку компании кои произведуваат муниција со широк опсег на калибри и за различни видови оружје, вклучувајќи артилериски системи и минофрлачи.

Катарина Ѓокиќ за ДВ вели дека иако земјите од Западен Балкан не се големи производители на оружје, тие имаат голем број фабрики за муницијаФотографија: SIPRI

„Имаме малку веродостојни податоци за тоа колку муниција би можеле да произведуваат годишно - и тоа сигурно е далеку од сегашните потреби на Украина - но, бидејќи Украина бара онолку муниција колку што може да добие, интересот за производството на Западен Балкан не е изненадувачки“, вели Ѓокиќ.

Кои земји од Западен Балкан произведуваат оружје?

Последниот извештај на Клириншката куќа за контрола на малото и лесно оружје за Југоисточна и за Источна Европа во 2021 година вели дека Србија е водечки извозник на оружје и на муниција во регионот, со 65,79 отсто од нејзиниот вкупен извоз, со профит од околу 1,3 милијарди долари (1,2 милијарди евра). Следува Босна и Херцеговина, која учествува со 31,75 насто од вкупниот извоз на регионот.

Според податоците обезбедени од самите балкански земји, Албанија извезува муниција, Босна и Херцеговина и Црна Гора извезуваат оружје и автоматско оружје со калибар од 12,7 мм, муниција, бомби и проектили, С. Македонија главно извезува муниција и бомби, додека Србија извезува поширок опсег на муниција и оружје, вклучувајќи бомби, гранати, торпеда, мини, проектили и слични воени муниции.

НАТО неодамна потроши над 50 милиони евра (54,26 милиони американски долари) за модернизирање на воздухопловната база Кучова во Албанија за да го зајакне своето присуство во регионотФотографија: Rashela Shehu/DW

Каков е ставот на Србија?

Иако српскиот претседател Александар Вучиќ срдечно го поздрави претседателот Зеленски на самитот во Тирана, тој не даде официјална изјава за барањето на Зеленски за заедничко производство на оружје.

Единствената изјава за ова барање дојде од албанскиот премиер Еди Рама, кој на новинарите им рече дека претседателот Зеленски „зборуваше за можноста за соработка, што значи инвестирање, производство и соработка, и секако сите рекоа да, не само Албанија“.

Иако Србија ја осуди руската војна во Украина, таа никогаш не воведе санкции за земјата.

Катарина Ѓокиќ, која и самата е Србинка, за ДВ изјави дека позицијата на Србија во надворешната и безбедносната политика „може да се опише како опортунистичка наместо ориентирана кон Русија“.

Таа вели дека тоа се рефлектира и врз извозот на оружје на земјата: „Не е прашање дали Србија би се согласила да извезе муниција во Украина, бидејќи, врз основа на отворени разузнавачки извори, Србија веќе го прави тоа, додуша преку трети земји“, изјави таа за ДВ. „На социјалните мрежи кружеа доста фотографии на кои се гледа неодамна произведена српска муниција што ја користат украинските војници. Меѓутоа, српската влада го доживува ова како чувствително прашање на домашната политичка сцена и веројатно нема јавно да го поддржи таквиот извоз“.

Албанскиот премиер Еди Рама (десно) им рече на новинарите во Тирана дека „сите“ во регионот на Западен Балкан - а не само Албанија - се за соработка со Украина за производство на оружјеФотографија: Adnan Beci/AFP/Getty Images

Според Ѓокиќ,  кога американските тајни документи, кои протекоа минатата година, покажаа дека Србија е подготвена да извезува оружје во Украина - или веќе го прави тоа - српскиот претседател нареди привремен прекин на целиот извоз на муниција, официјално за да се даде приоритет на снабдувањето на српските вооружени сили, но најверојатно како обид за контрола на штетата.

„Судејќи според неговите неодамнешни изјави, аргументот ’не можеме да извезуваме муниција затоа што ни треба’ сè уште се користи, но тоа не значи дека муницијата од српско производство нема да го најде својот пат до Украина.“

Што може да направи Албанија?

Ермал Јаури, актуелен претседател на алумни асоцијацијата во Албанија на Центарот за европски безбедносни студии Џорџ Ц. Маршал, во неодамнешната модернизација на воздухопловната база во Кучова во Албанија со средства на НАТО гледа совршен пример како може да се постапи.

Тој вели дека поранешните капацитети за производство на муниција и воените бази на Албанија се делумно функционални и сертифицирани во согласност со стандардите за квалитет ГОСТ, кои се усвоени првенствено од земјите од поранешниот Советски Сојуз.

„Со правилна инвестиција, овие центри би можеле да се модернизираат и да се вратат во целосна функционалност за краток временски период“, вели тој за ДВ. Пред 1990-тите, овие центри произведуваа минофрлачка муниција, пиштоли Калашников, Макаров и Парабелум, пушки Симонов, офанзивни и одбранбени гранати и противпешадиски мини.

„Ако Албанија се вклучи во таква иницијатива, тоа би било голем чекор кон подобрување на безбедноста на земјата и на регионот“, продолжи тој.

Ермал Јаури вели дека со правилна инвестиција, поранешните капацитети за производство на муниција во Албанија и воените бази би можеле да се вратат во целосна функционалност за краток временски периодФотографија: privat

Со или без поддршка од ЕУ?

На годинешната Минхенска безбедносна конференција, претседателот Зеленски ги повика партнерите од ЕУ да испорачаат повеќе муниција и оружје. Неговото барање дојде само неколку недели откако Унијата јавно призна дека е далеку од постигнување на сопствената цел да испрати милиони артилериски гранати во Украина пред крајот на март.

Жозеп Борел, највисокиот дипломат на ЕУ, претходно годинава побара од земјите членки на ЕУ привремено да го запрат извозот на оружје во други земји освен во Украина. „Не правењето ништо не е опција“, рече тој, нагласувајќи дека „земјите членки на ЕУ треба да најдат начини да ја зголемат поддршката за Украина, особено испораката на многу потребна муниција“.

Значи, кои европски земји се во позиција да им помогнат на Украина и на Западен Балкан заеднички да произведуваат оружје?

„Германската влада покажа интерес за финансирање на набавка на муниција за Украина од земји кои не се членки на ЕУ. Франција, исто така, посочи дека ќе биде отворена за купување муниција за Украина, што не е произведена во ЕУ“, вели Ѓокиќ. „Со согласност на Берлин и на Париз , користењето на фондовите на ЕУ исто така изгледа поверојатно“.

Според Ермал Јаури, ваква иницијатива не може да се реализира без поддршка на сојузниците на Западен Балкан во НАТО и во ЕУ. „Ова не е затоа што сојузниците не се во можност самите да продолжат со производство на муниција и на борбена опрема, но нивната поддршка за создавање на таква можност на Западен Балкан, мислам, значително би ги намалила трошоците за производство на оваа муниција и воена опрема“, истакнува тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми